„Грдиот момент“ во историјата на Малта
30 јули 2021Владата потфрлила во заштитата на животот на новинарката, се вели во извештајот на Истражната комисија. Според неа, во земјата владеела „атмосфера на неказнивост“ која произлегувала од највисоките кругови во владата па сѐ до полицијата. Тоа на крајот довело до „колапс на владеењето на правото“, се вели во извештајот.
Иако во текот на двегодишната истрага не се пронајдени докази за учество на владата во убиството од 2017 година, тогашниот премиер Џозеф Мускат и неговиот кабинет треба да бидат повикани на одговорност: „Државата треба да преземе одговорност за убиството“, смета Комисијата.
Повеќе:
Бизнисмен и владата на Малта обвинети за убиството на новинарката Галиција
Малта: битка против корупцијата, измамниците и имбецилите
Семејството на новинарката соопшти дека истрагата го потврдила она што тие го верувале уште од убиството, а тоа е дека убиството било директна последица на неказнивоста која државата ѝ ја понудила на корумпираната мрежа за којашто известувала Дафне Галиција. „Се надеваме дека резултатите ќе доведат до повторно воспоставување на правната држава во Малта и до ефективна заштита на новинарите“, соопшти семејството.
Извинување во име на земјата
Премиерот Роберт Абела на прес-конференција му се извини на семејството на Галиција. Во врска со убиството рече дека тоа претставува „грд момент“ во историјата на Малта. Претходникот на Абела, Џозеф Мускат, на резултатите од истрагата реагираше воздржано. Тој на Фејсбук напиша дека брзото апсење на осомничените убијци го демантираат „секој впечаток на неказнивост“. Тој лично презел одговорност за случајот и ја платил „највисоката политичка цена“, напиша Мускат. Инаку, МУксат даде оставка на почетокот на минатата година поради неговиот однос кон истрагата.
Дафне Галиција беше убиена во бомбашки напад на нејзиниот автомобил на 16 октомври 2017 година. Таа известуваше за корупција, перење пари и други нелегални дејности во Малта. Во такви дејности, според нејзините истражувања, биле вклучени и членови на владата.
Во февруари годинава за убиството на 15 години затвор беше осуден првиот осомничен. Влијателен бизнисмен е осомничен дека дал налог за убиството. Убиството на новинарката во една земја членка на ЕУ предизвика големо внимание ширум светот и доведе до низа оставки на највисоко политичко ниво во Малта.