1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марш за најважната битка - враќање на правдата!

17 февруари 2020

Симблика, катарза, мобилизација и одлучност дека нема да се откажат од битката за правда, препознаваат аналитичари во повикот на СДСМ за вечерашниот марш „Чекориме за правда“.

https://p.dw.com/p/3XsUP
Symbolbild Justitia Justiz Gerichtigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Застарувањето на судски предмети, враќањето на судски процеси од почеток, постојани одложувања на рочишта, се само дел од причините кои ја убиваат надежта на граѓаните дека ќе профункционира принципот на казнивост. Тоа е и главната причина што доминира перцепцијата во јавноста дека правдата функционира само кога со неа се соочени „обичните граѓани“, но не и случаите од висок политички профил. Недовербата и забелешките за ефикасноста на судството ја јакнат поддршката за денешниот марш за правда, што го најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако вчера со двотретинско мнозинство беше донесен законот за Јавното обвинителство, непосредно пред распуштањето на парламентот заради изборите кои ќе се одржат на 12-ти април.

„Со овој закон гарантирана е судската разрешница на сите започнати постапки од СЈО, сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. Скриена амнестија нема за никого и секој што го прекршил и ќе го прекрши законот - ќе одговара. Политичарите мора да бидат далеку од правосудството“, порача Заев.

Zoran Zaev Premierminister von Nord Mazedonien
Заев повика на чекорење во име на правдатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој ги повика сите правдољубиви луѓе денеска во 18 часот од пред Собранието да чекорат во име на правдата.

„Заедно да чекориме од местото каде се изгласа Законот за јавно обвинителство - од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници - судот!“, напиша лидерот на СДСМ на Фејсбук.

Симболика и порака

Битка за правда беше, и останува синтагма што и натаму најсилно ги мобилизира граѓаните.

„Една од главните премиси на оваа Влада, па ако сакате, и на СДСМ, беше реституција на претходно изгубената правда“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

„Во испорачувањето на тоа ветување, ако е каков било индикатор отпорот со кој се соочија во носењето на Законот за Јавното обвинителство, изгледа дека биле попречувани повеќе отколку што тоа било видливо на прв поглед. Во таа смисла, носењето на законот за нив претставува значајна симболичка победа, можеби и во смисла на катарза за нивното однесување кон тоа прашање - видовме еден поодлучен и помалку компромисен пристап во тој дел“, оценува Арсовски.  

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch
Арсовски: Со маршот за правда СДСМ сака да испрати порака дека од не се откажува од борба за правдаФотографија: Privat

Оттаму, смета дека закажаниот марш за правда за нив претставува симболичен израз на победа, но истовремено дека сакаат да пратат порака дека од таа борба не се откажуваат. 

„Како таков симбол, тој марш, како и целата борба за правда и владеење на правото, заслужува што поширока поддршка, од три причини: прво, за и критичката јавност да покаже дека од притисокот за правда не се откажува, да ја потсети ЕУ за испорачаните ветувања и обврските кои следат од нивна страна, но истовремено, да потсети дека тој притисок ќе продолжи да го испорачува, и за оваа и за која било наредна влада“, посочува Арсовски.

Огромни критики за селективна правда има и опозицијата. На забелешките од власта дека не е сменет ниту еден судија од т.н. „сваровски судство“ (синоним за судии избрани според заслугите во тефтерчето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска), од опозицијата одговараат со критики за „Кацарска - судство“, користејќи го името на судијката што ја изрече пресудата за случајот „Тенк“, во кој беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски, а со бегство од земјата го избегна издржувањето на казната.

До неодамна не беше побарана одговорност за ниту еден од четирите („сваровски“) судии, посочени во специјалниот извештај на СЈО како судии што дозволиле политиката директно да се вмеша во судството, а нотирани и во Извештајот на Стејт департментот на САД за човековите права за 2018 година. Две години му беа потребни на Судскиот совет да обезбеди мнозинство за во 2019 година да разреши еден од нив - судијата и претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, заради несовесно вршење на функцијата. Но, одлучувањето по неговата жалба ги проби законските рокови, и не е сигурно дали ќе се реализираат неофицијалните најави дека денеска (17.2.) би можела да се одржи таа седница на Врховниот суд.

Повеќе:

Собранието под полна пареа, разрешена Мизрахи

Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

Речиси никој не му верува на македонското правосудство

Јустиција ги тресе судиите

Дека правдата е постојано во фокусот, сведочи и фактот што на маршот „Чекориме за правда“ што го организира СДСМ деновиве му претходеа и граѓански акции. Крикот за правичност беше и во фокусот на граѓанската акција, во која божицата на правдата Јустиција беше претставена како ги „тресе“ судиите пред неколку институции: Министерството за правда, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Државната комисија за спречување на корупција.

„Додека едни се ‘судат за 100 ќебапи', најсериозните случаи на организиран криминал или не се процесуираат, или постојано се одложуваат, или застаруваат. Зрак на надеж на јавноста ѝ даде една јавна обвинителка, која на судии им порача дека ќе ги ‘истресе'. Држејќи ја за збор и неа, и државата која се залага за владеење на правото, денеска ќе ѝ помогнеме, поставувајќи ја Јустиција, која веќе ‘тресе' судија. Ова е шанса за граѓаните барем за миг да си дадат оддишка - и самите да ги ‘истресат судиите'“, изјавија активистите. Деновиве се одржа и герила акција на плоштадот во Скопје, со која активистите потсетија на масовното незаконско прислушување од некогашната УБК врз повеќе од 20.000 граѓани, а процесот за тој случај и натаму се движи со брзина на желка.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Мицкоски: Предводникот на неправдата овие три години ќе прави марш за правдатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Каков импулс може да предизвика маршот „Чекориме за правда“? Аналитичарот Алберт Муслиу во него препознава неколкуслојна симболика и агенс за мобилизација.

„По донесувањето на законот за Јавното Обвинителство, јасна е симболиката за закоружување на претпоставките за конечен почеток на спроведување на правдата. Особено што опозицијата многу жестоко се бореше против донесувањето на овој, и на законот за Советот на јавни обвинители. А со оглед дека претстојат избори, посветеноста за донесувањето на овие закони се очекува да изврши и посилна мобилизација на гласачите и поголем ентузијам во битката за правда“, вели Муслиу.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која има голем број поранешни и сегашни партиски функционери засегнати со обвиненија, во маршот гледаат лицемерие.

„Предводникот на неправдата овие три години ќе прави марш за правдата или во реалност - марш за спас на милионите на Вицето, марш за спас на плантажите од марихуана на неговите роднини, марш за спас на Заев од ‘Рекет’, марш за спас на убијците кои ги пуштија на слобода овие три години. Патеката по која утре ќе чекорат е истата по која ќе си заминат по 12-ти април. Но, има една работа со која ќе се согласам, а тоа е она кога Заев вели дека одговорност мора да има. Одговорност ќе има и ти Зоран Заев ќе одговараш. Ќе одговараш, запамети ги овие зборови. Мора да има одговорност“, порача партискиот претседател, Христијан Мицкоски.