1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Речиси никој не му верува на македонското правосудство

БГ
30 декември 2019

Анкета на Евробарометар покажува дека довербата на македонските граѓани во правосудниот систем е целосно урнисана. Ништо подобри не се ниту политичките партии и Собранието. Армијата и претседателот на врвот на довербата.

https://p.dw.com/p/3VWE9
Nord-Mazedonien |  frühere Chefin der Sonderstaatsanwaltschaft Nord-Mazedoniens (SJO) Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Правосудниот систем и политичките партии се на дното според довербата која граѓаните ја имаат во нив, покажува анкета спроведена од Евробарометар. Седум од десет испитаници во анкетата велат дека немаат доверба во правосудството, а над 60 проценти не им веруваат на политичките партии. Ни Собранието и јавната администрација немаат со што да се пофалат во тој однос.

Доколку работите се постават обратно, само 11 отсто испитаници му веруваат на правосудството, а нешто над 13 отсто на партиите.

Највисока е довербата во армијата и во претседателот на државата. На војската и веруваат нешто над половината од анкетираните граѓани, а на шефот на државата околу 45 проценти. Според степенот на доверба следуваат граѓанските организации, владата и полицијата.

Nord-Mazedonien Stevo Pendarovski hält Rede im Parlament
Шефот на државата и армијата уживаат висока доверба кај граѓаните. Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Поддршката за НАТО и ЕУ останува стабилна, и таа се движи околу 65 проценти, и покрај разочарувањето од Самитот на ЕУ. Во тој поглед, само 25 отсто од анкетираните сметаат дека државата не добила датум поради внатрешните случувања во ЕУ, а дури 57 проценти сметаат дека за неуспехот била виновна владата. Од друга страна, речиси 65 отсто од граѓаните сметаат дека земјата е подготвена за почеток на преговорите, а речиси половината оценуваат дека „ЕУ има нефер и потценувачки однос“ кон нивната земја.

Во однос на дилемата дали ЕУ е најдобриот пат за земјата, резултатите покажуваат интересна поделеност по партиска линија. Имено, над 60 проценти од испитаниците кои гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, рекле дека Северна Македонија треба да бара друга алтернатива надвор од ЕУ. Истото го мислат 22 проценти од гласачите на СДСМ.

Прашани да изберат која држава е најголем пријател на земјата, испитаниците во најголем процент се определиле за Германија, а по неа следуваат Србија, САД и Турција. Најголем процент од анкетираните, 37 проценти, најголема опасност за земјата гледаат во Грција, а по неа следуваат Албанија и Бугарија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи