1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медведев објави оставка на руската влада

ЕМФ | агенции
15 јануари 2020

Рускиот премиер Дмитри Медведев попладнево објави оставка на владата. Оставката е обелоденета непосредно по обраќањето до нацијата на рускиот претседател Путин.

https://p.dw.com/p/3WEwy
Russland Dmitry Medwedew
Фотографија: Reuters/E. Shtukina/Sputnik

Руската влада дава оставка во согласност со членот 117 од Уставот, соопшти попладнево премиерот Дмитри Медведев. Тој го информирал рускиот претседател за ваквиот чекор откако Владимир Путин најави низа промени на Уставот, јавуваат руските агенции. Според Медведев, претседателот Путин, со оглед на ваквите најави, би требало да има можност „да ги преземе сите неопходни мерки“.

Повеќе: Путин предлага референдум за уставни измени

Медведев, како што јави руската агенција Интерфакс, е на мислење дека доколку најавените измени бидат прифатени, тие ќе значат не само промена на членови од Уставот, туку и промена на рамнотежата помеѓу егзекутивата, легислативата и јудикативата.

„Во овој контекст е очигледно дека ние како влада би требало да му дадеме на Претседателот на нашата земја можност да ги донесе сите неопходни одлуки“, оцени Медведев.

Повеќе:Дали по 20 години, се распаѓа имиџот на недопирлив на Владимир Путин?

Рускиот претседател Путин по средбата со Медведев изјави дека „има многу прашања и за тие да можат успешно да се спроведат (...) мора, се разбира, да се направи многу, вклучувајќи ја тука и организациската структура на нашата работа“. Путин им се заблагодари на членовите на владата за досегашната работа и вети дека во блиска иднина ќе се сретне лично со секого од нив.

„Сакам да го изразам своето задоволство со постигнатите резултати. Се разбира, не успеа сѐ, но никогаш и не успева сѐ“, рече Путин.