Путин предлага референдум за уставни измени
15 јануари 2020Рускиот претседател Владимир Путин предлага референдум во Русија за реформи на Уставот. „Сметам дека е неопходно изјаснување на граѓаните за пакет промени на Уставот“, изјави денеска тој во својот годишен говор пред пратениците и политичката елита во земјата.
Парламентот во иднина, според Путин, би требало да има право да именува премиер и членови на владата. Сега вакво право има претседателот на земјата. Меѓутоа, претседателот би требало и натаму да го има правото да го отпушти премиерот и некои министри, како и да назначува луѓе на најважните функции во надворешната и одбранбената политика. Истовремено, би требало да се заострат критериумите за претседателските кандидати. Путин во говорот за состојбата на нацијата рече дека за променетиот баланс на моќта треба да се гласа на референдум, но не наведе датум за тоа.
Што се однесува до неговата политичка иднина, Путин избегна јасна изјава. Според актуелните уставни одредби, тој по крајот на актуелниот мандат во 2024 година не може да се кандидира повторно. Набљудувачите шпекулираат дека 67-годишниот руски претседател би можел повторно да стане премиер и за таа цел сака да ги зајакне своите овластувања.
Во декември Владимир Путин покажа отвореност за реформа на Уставот со која бројот на мандати на претседателот на државата би бил поограничен. Тој сигнализираше дека бројот на претседателски мандати би можел во основа да се лимитира на два. Со Уставот сега се ограничува само бројот на мандати кои следуваат еден по друг, и тоа на два.
Во својот говор сега Путин потсети дека веќе се дискутира околу тоа дали претседателот треба да смее да остане на власт повеќе од два мандата едноподруго или не. „Тоа не го сметам за одлучувачки, но се согласувам“, рече Путин. Дали прашањето на мандатот би било составен дел од евентуален референдум, е нејасно. Според Путин, меѓутоа, промената на власта е суштински предуслов за натамошен развој на општеството.
Повеќе:
Кој ќе ја врзе Русија за себе - ЕУ или Кина?
Меркел и Путин: Не се пријатели но затоа се партнери
Путин во Русија воведува ИнтерЊет
Путин и Орбан, спасителите на христијанството
Во економски тешки времиња за Русија, Путин по 16. пат ѝ се обрати на нацијата. Притоа, традиционално се работи за прашањето - со какви идеи тој сака да ја подобри состојбата во земјата. Годинава, се чини, на Кремљ му беше особено важно говорот на Путин да биде слушнат. Тој беше пренесуван на големи екрани на централните градски плоштади, на аеродромите, па дури и на Меѓународната вселенска станица ИСС.
Владимир Путин управува со судбината на Русија практично од јануари 2000 година - прво два мандата како претседател, потоа еден мандат како премиер, а во 2012 година повторно беше избран за претседател.