Меркел предупредува дека здравството е на критична точка
27 октомври 2020Пред утрешниот состанок на канцеларката Меркел со премиерите на 16 германски покраини, медиумите веќе најавуваат дека се очекува заострување на мерките поради растот на бројот на заразени од Ковид-19.
Таблоидот Билд веќе најави дека Меркел планира да предложи „лесен локдаун“ со кој ќе се затворат рестораните и баровите, ќе се стават построги ограничувања на приватните и јавните собири, но продавниците, училиштата и градинките ќе останат отворени.
Канцеларката Меркел предупредила дека германскиот здравствен систем ќе дојде на критична точка доколку бројките продолжат да растат. На состанок со парламентарната група, Меркел рекла дека бројот на новозаразени се удвојува на секои 7-8 дена, додека бројот на зафатени кревети на интензивна нега се удвојува на секои 10 дена.
Согласно германскиот сојузен систем, покраините го имаат последниот збор во одлуката какви ограничувања да се воведат. Германија излезе релативно лесно на крај со првиот бран на коронавирусот, но бројките почнаа драматично да растат последниве недели, како и во цела Европа. Бројот на новозаразени сега речиси секојдневно достигнува по 10,000 луѓе, а денеска тој надмина 11 илјади. Тоа е сепак далеку помалку од соседна Франција, каде дневно се регистрираат по речиси 50,000 случаи, или Белгија каде болниците се преполни.
Но министерот за економија Петер Алтмајер предупреди дека Германија е соочена со „експоненцијален раст“ на случаите и веројатно ќе се стигне до бројката од „20,000 нови инфекции дневно“, до крајот на неделава.
Два тешко погодени региони во покраината Баварија веќе се „заклучени“ и жителите смеат да ги напуштаат своите домови само со сериозна причина.
Неколку градови веќе ги откажаа традиционалните божикни пазари, а градот Келн најави дека ќе забрани конзумирање алкохол на улиците на 11 ноември- денот кога се означува почетокот на карневалската сезона во регионот.
Од почетокот на пандемијата во Германија се регистрирани 449,275 случаи на коронавирус, а над 10 илјади луѓе починаа. Во последниве недели, од почетокот на октомври, бројот на пациенти на интензивна нега се зголеми од 400 на 1,470.