1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Грција: последниот акорд е хармоничен

Панајотис Купаранис
28 октомври 2021

Канцеларката Ангела Меркел доаѓа во посета на Атина на крајот од својот мандат. Поголемиот дел од нејзиното канцеларување, таа во Грција беше предмет на омраза. Но, на крајот со сите премиери наоѓаше заеднички јазик.

https://p.dw.com/p/42HcF
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин во август 2019 година.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин во август 2019 година. Фотографија: Dimitris Papamitsos

Кога во 2009, Германскиот сојуз на синдикати славеше 60-годишен јубилеј со концерт во Берлин настапуваше грчката дива Марија Фарантури. Го изведуваше Канто Генерал – стихови од Пабло Неруда на музика на Микис Теодоракис. Певицата потоа восхитено изјави дека канцеларката Меркел која седела во првиот ред, за цело време на концертот внимателно го читала препевот на германски во програмата.

Канцеларката во нацистичка униформа

Во екот на должничката криза Меркел уште повеќе мораше да се внесе во однос на Грција. Велат, секој ден читала избор од грчкиот печат кој ѝ го испраќале од амбасадата во Атина, за да го види расположението во земјата. Знаела дека таму станала омразена па дури и дека имало плакати на кои била прикажана во нацистичка униформа.

„Ме претставуваа како злобна жена и тоа ми падна многу тешко,“ рече Меркел на една дебата во Дизелдорф минатиот месец.

Токму најтешките денови во мандатот како канцеларка и биле тие кога толку многу очекувала и барала од народот во Грција. Значи тоа не било ни бегалската криза, ни пандемијата, туку грчката должничка криза. „Во таа ситуација растеше невработеноста и луѓето имаа малку пари бидејќи даноците им се покачија“, се присетува Меркел.

Ако имала толкава емпатија за обичните Грци, зошто тогаш јавно го поддржа зголемувањето на даноците и другите давачки?

Едно од можните објаснувања е во зборовите кои Меркел тие години ги повторуваше како мантра. Ако на Грците им се прогледа низ прсти, тогаш сличен пристап ќе треба да се примени и во Ирска, Португалија, Шпанија и во Кипар, кои во тоа време исто така имале репрограмирање на долговите. Тие земји брзо застанаа на нозе, но Грција со години остана на насловните страни во медиумите ширум Европа. Потоа дојде и бранот бегалци и тензиите меѓу Атина и Анкара. Во сите овие случаи канцеларката мораше да посредува.

Во 2012 година, на демонстрации во Атина, гори плакатот на кој Меркел е претставена во нацистичка униформа.
Во 2012 година, на демонстрации во Атина, гори плакатот на кој Меркел е претставена во нацистичка униформа.Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi

Ублажување на должничката криза

Првпат ја посети Грција летото 2007, две години откако стана канцеларка. Ни тогаш темите за разговор не беа пријатни. Грчката морнарица тврдеше дека воена подморница направена во Германија има недостатоци поради што Грците не сакаа да ја платат. Атина го отежна потпишувањето и на договорот за набавка на шеесет борбени авиони Јурофајтер.

Тогашниот конзервативен премер Костас Караманлис вети дека одлуката ќе биде донесена во 2009. Но, тогаш веќе во Атина на власт беше социјалдемократот Јоргос Папандреу, а должничката криза се наѕираше. Папандреу мораше да признае дека дефицитот на грчкиот буџет не е шест туку повеќе од 15% од годишниот БДП.

Грција повеќе не можеше да добие ниту денар на пазарот на пари. ММФ, ЕУ и Европската централна банка изготвија кредитен пакет, првиот од вкупно три.

Фамозната Тројка и наметна на Атина строги мерки на штедење како услов да добија кеш. На тоа се опираа и Папандреу, но и неговиот конзервативен наследник Антонис Самарас.

Меркел, наводно зад затворени врати, отворено говорела за можноста Грција да се исфрли од Еврозоната. Но, додека нејзиниот тогашен министер за финансии Волфганг Шојбле посветено работеше на таквото сценарио, Меркел го држеше „Грегзит“ како последен адут на масата. Од ваквата идеа на крајот ја одврати францускиот претседател Франсоа Оланд.

Подоцна Меркел за „Зидојче Цајтунг“ изјави дека „императив е да се стори се што се може за Европа да го зачува заедништвото.“

Атина има пари уште само за неколку дена

Пријателски однос со Ципрас

По турбулентните шест месеци на почетокот од владеењето на левичарската Сириза, премиерот Алексис Ципрас во 2015 се согласи на трет кредитен пакет кој исто така беше условен со мерки на штедење. Следните години Брисел и Атина се препираа околу секоја поединечна мерка. Но, како што велат во Берлин, Ципрас го испорача договореното за разлика од неговите претходници. Меркел зборуваше дека со него има „пријателски однос“.

Во книгата „Распадот на моќта“, новинарот на весникот „Велт“, Робин Александар го опишува тактизирањето на канцеларката околу Ципрас како „типичен маневар Ангела Меркел“. „Таа така неутрализираше бројни критичари“, пишува авторот. Уште во април 2012 година Ципрас како опозиционер и префрли на Меркел дека доаѓа во посета на Грција за да го „заштити корумпираниот, штетен и поданички политички систем“. А во јануари 2019 тој истиот Ципрас ја пречека Меркел и и рече дека има високо мислење за неа. Особено го ценеше нејзиниот став во однос на бегалската криза.

Оваа посета на канцеларката беше и еден вид признание кон Грција поради завршувањето на деценискиот спор со соседот околу името (Северна) Македонија. Ципрас, потоа раскажа дека Меркел не му верувала кога претходно и рекол дека ќе го реши овој спор.

За време на посетата Меркел се сретна и со тогашниот лидер на опозицијата Кирјакос Мицотакис. Него не го убеди да го поддржи компромисот со Скопје, а не му ни заборави дека со години во парламентот гласаше против секаков договор за мерките за штедење и пакетот за помош. Секако, кога Мицотакис летото 2019 ги доби изборите, канцеларката и со него на крајот најде заеднички јазик.

Минатата година Меркел повторно посредуваше меѓу Грција и Турција за да спречи воен конфликт во Егејското море. Односите меѓу овие две земји ќе бидат тема и на посетата во четврток и петок (28 и 29 октомври). Ќе се зборува и за бегалците и кипарскиот проблем.

Меркел освен со Мицотакис ќе се сретне и со претседателката Катерина Сакеларополу, а ќе има време и за средба со млади Грци со кои ќе разговара во институтот Гете во Атина.