1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метју Палмер - новиот Холбрук на Балканот

Норберт Мапес-Нидик
19 септември 2019

САД сакаат повторно повеќе да се занимаваат со проблемите на Западен Балкан. Видлив знак за тоа е именувањето на Метју Палмер за специјален претставник на САД за регионот.

https://p.dw.com/p/3Pmij
Matthew Palmer
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Emric

„Холбрук на 21 век“ - така белградскиот неделник „Време“ го опиша Метју Палмер. Тоа е потсетување на легендарниот американски посредник од 1990-те, кој со својата упорност, закани со бомбардирање и интензивна обработка на актерите издејствува мировен договор во Босна. Тоа што американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео сега својот заменик државен секретар за Балканот и Егејот дополнително го назначи и за специјален пратеник за Западен Балкан, во секој случај е повеќе од симболична политика. Веднаш по назначувањето врвниот американски дипломат направи турнеја во регионот и ги посети актуелните жаришта, притоа ставајќи јасно до знаење дека - покрај ЕУ, Русија, Кина и Турција - и САД сакаат во иднина да „кажуваат повеќе“ на Балканот. Дали Американците сакаат да ја преземат раководната палка на Балканот, како во времето на Холбрук? Сомнежите во такво нешто се оправдани.ж

Повеќе:

Прв приоритет на Палмер е дијалогот Србија-Косово

Палмер: Македонија полноправна членка на НАТО до средината на 2020

Политичар и писател

Американската јавност го познава Метју Палмер пред сѐ како писател. Уште неговиот татко Мајкл беше познат автор на медицински трилери, кои беа преведувани на повеќе јазици, додека пак брат му Даниел се концентрираше на научна фантастика. „Заговори“, „приказни“, техники на раскажување „дома беа теми на разговор“, раскажа еднаш синот Мет. Сите тројца Палмеровци пишуваа или пишуваат - таткото Мајкл почина во 2013 година - конкретно, за пазарот, без големи литературни амбиции. Дипломатските крими-романи на Метју внимателно се читаат во Стејт Департментот, за да не се случи да бидат евентуално загрозени американските интереси.

Метју Палмер делува пријателски настроен и е повеќе повлечен човек. Од робустниот демократ Ричард Холбрук се разликува не само карактерно, туку и по своето опкружување. Времето на големи американски пратеници, кое во мандатот на Бил Клинтон и на Џорџ Буш доживеа процут, почна да бледее во времето на Барак Обама и згасна во мандатот на Доналд Трамп.

Палмер ги познава тие времиња - беше штитеник на Клинтоновата министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт, а потоа го советуваше Буш помладиот. Во пет успешни трилери, кои ги објави такаречи попатно, хоби-авторот овозможи длабок увид во размислувањата на Буш. Еден од неговите дипломатски трилери, во кој ликовите се борат со своите мисли, дури го носи насловот „Американска мисија“.

Stellvertretender Abgeordneter  im Außenministerium der USA, Matthew Palmer trifft sich mit dem Präsidenten des Kosovo Hashim Thaci
Како ќе се позиционира Палмер кон прашањето на промена на границите? (фото: Метју Палмер со косовскиот претседател Хашим Тачи, 23.10.2018)Фотографија: Büro des Kosovo-Präsidenten

„Српски зет“

Балканот му е близок на Палмер како на ретко кој негов сонародник. Белград во 1993 година беше првата станица во странство за младиот службеник, кој дотогаш се интересирал повеќе за Далечниот Исток и учел јапонски јазик. По станици како Африка, Азија и Кипар, Палмер постојано се враќа на Балканот - исто како јунакот на неговиот трет роман „Волкот од Сараево“ кому ужасите од Сребреница не му даваат мир. Во Белград ја запозна својата сопруга, со која го минува најголемиот дел од летото во куќа на брегот на Црна Гора. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на форумот во Блед неодамна го поздрави Палмер како „српски зет“ и додека публиката се смееше додаде дека токму од сопругата на дипломатот очекува „многу“.

Дали доброто познавање на регионот е предност или мана, ќе се види допрва. Традиционално острата јавност во Белград има поделено мислење за Палмер. Таа во „зетот“ од една страна гледа природен сојузник, а од друга страна - еден вид агент кој ќе врши влијание. На Палмер веќе му се префрла дека силно се вмешал при составувањето влади во Србија и Косово, па дури и дека помогнал при основањето на семоќната Српска напредна партија.

Matthew Palmer
Палмер беше во посета на Скопје на 22 октомври 2018 годинаФотографија: Mazedonien Regierung

Интелектуалец од источниот брег

Во последните месеци американската политика кон Балканот главно ја определуваа претседателот Трамп и неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Трамп со две писма ја поддржа идејата за размена на територии помеѓу Србија и Косово, што предизвика ужаснатост кај познавачите на Балканот и пред сѐ кај Германците. Откако Болтон минатата недела остана без работа, сега сите очи повторно се свртени кон Стејт Департментот. За разлика од Болтон, Палмер, според своето потекло, припаѓа кон интелектуалците од источниот брег, познат е како љубител на песните на Ѓорѓе Балашевиќ и секако не е идеолошки републиканец кој отфрла секакви мултилатерални концепти и верува во добро вооружени национални држави.

Но, како Палмер ќе се позиционира во врска со чувствителното прашање на промена на границите, е сѐ уште нејасно. „Во средиштгето на секоја приказна секогаш има една личност“, рече еднаш романсиерот. Неговиот писателски концепт, како што покажуваат Палмеровите трилери, е воедно и политички - во средиштето се моќници, а не структури или неартикулирани интереси на цели народи. Тоа ќе ги израдува моќниците на Балканот.

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.