1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Заев прави тоа што умее - мафијашко византиство!

4 март 2021

Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/3qBka
Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Фотографија: DW/B. Georgievski

Како плима и осека се менуваа најавите за ново мнозинство од страна на опозицијата, но и најавите од власта за зголемување на постојното мнозинство. Додека секој од опонентите очекуваше плимата да надојде во неговите редови, парламентот се соочуваше со осека. Секогаш кога тенкото мнозинство беше дополнително нагризено од отсуства заради Ковид-19, изолации и други причини, опозицијата одбиваше да биде присутна на седница, односно да обезбеди кворум за работа на парламентот.

Пратениците од власта тоа го илустрираа вака: „Пратениците од опозицијата влегуваат во Собранието, се потпишуваат и кога ќе видат дека нема 61 пратеник, не влегуваат на седница".

Од опозицијата изјавуваа дека обезбедувањето кворум за работа на парламентот е обврска на мнозинството кое има 62 пратеника. Но, атмосферата се вжешти кога се засилија шпекулациите дека мнозинството се ситни и дека зад кулисите се создава ново мнозинство. Шпекулациите особено се засилија кога некои од коалициските партнери на Заев, решија нивни пратениците да делуваат самостојно, надвор од пратеничката група на партија СДСМ, иако остануваат дел од владејчката коалиција „Можеме“. Тоа ги зголеми сомнежите дека некои патници се подготвуваат да го напуштат бродот.

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Дали по гласањето парламентот автоматски ќе биде поефикасен?Фотографија: Regierung Mazedonien

Броени денови

Вчера премиерот Заев реши да стави крај на сите шпекулации, по експресна постапка. Резултатот е поддршка на Владата од 62 пратеника. Ниту еден помалку, но и ниту еден повеќе. Опозицијата во овој потег на Заев гледа очајнички потег.

„Ќе ги изненадеше Заев сите, доколку го решеше проблемот со вакцини, направеше некаков проект или донесеше инвестиција“, вели за ДВ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Но, човекот продолжи да го прави тоа што умее, мафијашко византиство. И тука морам да сум искрен - не сум ниту изнeнаден, ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу бргу ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да кажам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето на доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување", потенцира Мицкоски.

Тој е дециден дека следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата.

„Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која што е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со Ковид вирус, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме денес. Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние", тврди Мицкоски.

Повеќе:

Владата на Заев повторно ја доби довербата на пратениците

Судир на десницата: Апасиев против ВМРО-ДПМНЕ

Се случи чудо во Парламентот

 

Цената на тенкото мнозинство

Дали по вчерашното гласање парламентот автоматски ќе биде поефикасен? Практиката ќе покаже од какво значење било вчерашното гласање доверба на Владата. 

„Вчерашното гласање за доверба на Владата, го потврди досегашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ од 62 пратеника и барем за следните три месеци стави точка на таа дебата. Односно, и' демонстрираше на опозицијата дека и покрај неколкуте изјави на помалите коалициски партнери на СДСМ за самостоен настап, како и случувањата во ДУИ, нема 'пребег' на пратеници", вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата, тврди МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, прашање е дали оваа демонстрација на поддршка на Владата, ќе се преточи и во обновување на функционалноста на Собранието.

„Таа е нарушена веќе цел месец, а е на 'климави нозе' уште од самото формирање на ова мнозинство по изборите. Всушност, според мене, проблемот е оттаму, што не се послуша препораката на ЕУ веднаш по јулските избори, за формирање на широко (и со тоа и стабилно) парламентарно мнозинство, особено потребно и заради справување со Ковид-19. Тоа всушност и 'им се удираше од глава' целиот овој период, со по неколку истовремено заболени пратеници, а со тоа неможност за обезбедување кворум за работа, за нормално функционирање на Собранието. Останува да се види дали тоа ќе се промени од утре, или сепак ќе продолжи агонијата на Собранието како и досега, бидејќи тенкото мнозинство им овозможува на поединечни пратеници да ја условуваат својата поддршка со разно-разни 'услуги' или отстапки од Владата (што веројатно и се случуваше) за лична или партиска корист, или пак тоа се користи за внатрепартиски пресметки, како во случајот на ДУИ", вели Кржаловски.

Тој се сомнева дека претстојниот период ќе донесе позитивен исчекор.

„Не сум оптимист дека нешто многу ќе се промени идниов период, на пример, конечно да има расправа за проблемот/блокадата што го направи Бугарија, што само и понатаму ќе ја урива довербата во Собранието и воопшто во институциите", оценува Кржаловски.