1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Груевски да очекува „подобри времиња“?

БГ
24 мај 2018

Поранешниот премиер Груевски ќе треба да се соочи со судот уште најмалку четири пати поради постапките против него. Доколку биде прогласен за виновен, казните нема да се собираат, туку ќе се одреди една единствена

https://p.dw.com/p/2yGdz
Mazedonien Nikola Gruevski, ehemaliger Regierungschef
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/HaloPix

Експремиерот Никола Груевски вчера преку Фејсбук на своите поддржувачи и симпатизери им порача дека „доаѓаат подобри времиња“, но со оглед на постапките кои се водат против него за повеќе дела, веројатноста дека подобрите времиња ќе дојдат и за него е сѐ помала.

Откако беше осуден на двегодишна затворска казна поради набавката на луксузниот „Мерцедес“ во предметот кој СЈО го водеше под името „Тенк“, Груевски допрва ќе треба да се соочи и со уште четири обвиненија. Најтешко е обвинението во случајот „Титаник“ каде експремиерот се товари за три кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања и повреда на избирачко право.

„Титаник“ се смета за капитален предмет на СЈО во кој се истражуваат изборните измами, а на обвинетите, во кои освен Груевски се и негови блиски соработници Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, им се става на товар составување на избирачки список по волја на интересите на партијата, целосна криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниедна основа не смеат да бидат таму. 

повеќе на темата: Судијата насукан, за да се спасат патниците од „Титаник“?

Груевски е и меѓу седуммината обвинети од СЈО и во случајот „ТНТ“ за бесправното уривање на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Освен Груевски и Јанакиески, обвинети се и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски и уште четири други лица вработени во општината.

Mazedonien Protest nach Urteil gegen Nikola Gruevski in Skopje
Приврзениците на Груевски вчера протестираа пред судот при изрекувањето на пресудата за експремиеротФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во тек се и рочиштата за предметот „Насилство во Центар“. Во него Груевски е обвинет за поттикнување насилство. Имено, како што изјави при претставувањето на предметот обвинителката Фатиме Фетаи, во јуни 2013 година Груевски побарал и поттикнал дел од членството на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот и советници во општина Центар. „Мотивите на првообвинетиот се чисто лукративни заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери", изјави тогаш обвинителката Фетаи.

Една единствена, а не збир на казни

Груевски ќе треба да ја чека пресудата и во предметот „Траекторија“ каде е обвинет, заедно со уште тројца негови соработници, за злоупотреба на службената положба и овластување при изборот на компанијата изведувач на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Груевски е обвинет и за злоупотреби при изборот на изведувач за автопатот Охрид-КичевоФотографија: DW/K. Delimitov

Дополнително, пред речиси точно една година СЈО го најави отворањето на истрагата и во случајот „Талир“ во кој Груевски и 13 негови соработници и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени за незаконско финансирање на партијата. Сомнежот е дека осомничените злоупотребиле околу 4,9 милиони евра. За ова дело СЈО не успеа да покрене обвинение поради пробивање на роковите за сослушување на сведоци. 

повеќе на темата: СЈО нема да подигне обвинение за „Талир“?!

Според пресметките на агенцијата Макфакс, севкупно, Груевски се соочува со најмалку 20 години затвор, доколку биде прогласен за виновен за делата кои му се ставаат на товар. Сепак, експертите велат дека казните во вакви случаи не се собираат, туку судот одредува една единствена казна која не може да биде поголема од максималната казна за најтешкото кривично дело за кое што е осуден.
Во конкретниот случај, на Груевски најголема казна му се заканува во предметот „Титаник“- 5 години, каде меѓудругото е обвинет и за злосторничко здружување.

Во изјава за телевизијата Алсат-М, поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев објаснува дека „за сие случаи каде е обвинет Груевски ќе има една затворска казна и нема да има прост збир на пресудените казни затвор“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема