1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Бизнисменот Груевски може да биде гонет за перење пари

ДТЗ
28 јули 2021

Доколку било побарано замрзнување на средствата, експремиерот Никола Груевски не ќе можел да ги повлече парите од македонските сметки.

https://p.dw.com/p/3yCG1
EU fordert Ungarn auf Asyl für ehem. mazedonische Ministerpräsident zu erklären
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Доколку било побарано замрзнување на имотот и на средствата, експремиерот Никола Груевски не ќе можел да ги повлече парите од македонските сметки, вели првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми за ДВ. По информациите дека Груевски во Унгарија започнува нов бизнис и отвора фирма, Муареми вели дека од страна на Обвинителството досега до нив не било испратено барање да се обезбедат информации околу сметките коишто ги поседува Груевски во земјата. 
„Ние како Управа не сме добиле наредба да обезбедиме информации за тие сметки, ниту пак во судски постапки било побарано од нас да провериме колку парични средства се повлечени од страна на Груевски“, вели Муареми. 

-повеќе на темата: Невработениот Груевски со партиски пари купувал приватни имоти, тврди обвинителството

Неофицијалните проценки се дека станува збор за 200 до 250 илјади евра коишто биле повлечени од банкарските сметки на експремиерот две недели пред неговото бегство во 2018 година. За ваквите трансакции банките веднаш ја алармирале и Управата за финансиско разузнување, но и тогашното Специјално обвинителство, на чие чело беше специјалната обвинителка Катица Јанева. Досега во рамките на ниту една истрага во земјата не е извршена проверка за патот на парите на експремиерот Груевски, дали се изнесени од земјата и на која сметка се имаат слеано. 

Viele Geldscheine Löhne 2015 kräftiger gestiegen als Inflation
Досега во рамките на ниту една истрага во земјата не е извршена проверка за патот на парите на експремиерот Груевски.Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt


Муареми вели дека предметите поврзани со Груевски биле во надлежност на поранешното Специјално јавно обвинителство. „Ние немаме ингеренции да отвориме паралелна постапка“, објаснува првиот човек на Управата за финансиска полиција. 

Груевски би можел да се соочи со нова постапка?

Но, обвинителката Ленче Ристовска смета дека експремиерот Никола Груевски, кој како бегалец од правдата, отвори бизниси во Унгарија, би можел да се соочи со уште една постапка  - за перење пари, доколку се докаже дека пари изнесени од С. Македонија се користат за бизниси во странство.
„Ако се дојде до сознанија дека Груевски има вложувања во странство, може да се отвори нов предмет за перење пари, ако се има предвид дека за него во земјата се водат неколку постапки за кривични дела поврзани со корупција, коишто генерирале профит“ , вели обвинителката. 

-повеќе на темата: Сметките на Груевски во С. Македонија не се блокирани, но се празни

Тоа, според неа, може да биде основа за отворање нов предмет или предистражна постапка, по што ќе може да се побараат информации од унгарските власти кога се отворени сметките, колку пари се слеани на нив и во кој период, но и кога се отворени сметки за започнување на нови инвестиции. Според поранешната обвинителка на СЈО, државата преку меѓународна правна помош, може да побара информации поврзани со сметките и трансакциите во странство. 

Pressekonferenz der Sonderstaatsanwaltschaft in Nord-Mazedonien
Обвинителката Ленче Ристовска смета дека експремиерот Никола Груевски би можел да се соочи со уште една постапка  - за перење пари.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Прашањето се проблематизира по информацијата дека Груевски започнал нови бизниси во Унгарија, иако во Северна Македонија се водат неколку постапки против него - токму за кривични дела коишто генерирале профит. Дојче веле објави дека Груевски регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта. Фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра. Широкиот дијапазон на активности за кои му е регистрирана фирмата му овозможува речиси неограничен прилив на средства, а со тоа и за, евентуално, перење пари.