Два нови случаи на британскиот сој во Македонија
29 јануари 2021Два нови случаи на британскиот сој на вирусот се откриени во Северна Македонија. Веста ја објави на Твитер д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“. Токму тој пред неколку дена пред јавноста ја сподели загрижувачката вест - дека заразниот вирус, којшто навлезе во 70 земји досега, е присутен и во земјата уште пред Нова година.
Според сознанија на Дојче веле станува збор за заразени лица од Скопје и од Охрид. Едниот случај е од 4 јануари, кога бил потврден позитивен тест кај заболениот, кој за жал починал како последица на вирусот. Вториот случај е од 18 јануари, а заболениот бил отпуштен од лекување пред три дена.
Претходно бешедетектиран британскиот сој кај 46-годишен маж од Скопје кој веќе оздравел, но во лабораторијата на МАНУ беше најавено дека ќе се прават дополнителни анализи. Ќе се испитува можноста да не има и други заразени со овој опасен вирус, особено од последниот кластер на Клиниката за нефрологија, каде за краток период има десетици заболени. Лекарите алармираат дека поради тоа што многу лесно се пренесува за разлика од другите мутации, веројатно за неколку месеци ќе стане доминантен во земјата, како и во многу други земји во светот.
Мутацијата на вирусот за прв пат беше откриена во Велика Британија кон крајот на минатата година, а според последните податоци на СЗО веќе е проширена во 70 други земји. Голем дел од европските земји воведуваат мерки и затвораат граници поради опасноста од овој сој.
Во последните 24 часа се направени 2.024 тестирања, а регистрирани се 302 нови случаја на Ковид-19 во земјата. Во изминатото деноноќие регистрирани се 444 оздравени пациенти. Починале 10 лица. Во болниците се лекуваат 599 пациенти со Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.193, бројката на оздравени пациенти е 80.837, на починати е 2.841, а бројот на активни случаи изнесува 8.515.