1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антиизраелски инциденти во Германија - осуда од политичарите

ЖА / агенции
12 мај 2021

Службата за државна заштита врши истрага по два инциденти во синагоги во покраината Северна Рајна Вестфалија, каде е палено израелско знаме

https://p.dw.com/p/3tHiV
Deutschland Angriff auf Synagoge in Bonn
Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture-alliance

Пред синагогите во Бон и во Минстер синоќа повеќе лица палеле израелско знаме, како што јавуваат неколку медиуми. Во Бон освен тоа со камења е оштетен влезот во синагогата. Полицијата привела 13 лица во Минстер и 3 во Бон, се претпоставува дека инцидентите се поврзани со ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток. Политиката и црквата изразија критики на нападите.

„Насилството не е погоден пат за решавање на конфликти“, изјави бискупот од Минстер, Феликс Ген, истакнувајќи дека религијата „не смее да биде инструментализирана и злоупотребена заради одбрана на насилство“.

Со оглед на насилството во Израел, загриженост изрази и Централниот совет на Евреите во Германија, чиј претседател Јозеф Шустер одговорноста ја лоцира кај Хамас. „Терористичката организација го користи политикиот вакум настанат поради одложените избори во палестинските области за да се претстави како заштитничка сила на Палестинците“, истакна Шустер, според кого расте заканата за еврејската заедница, што го покажуваат и запалените израелски знамиња пред синагогите. Тој побара зголемена заштита на еврејските институции.

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл антиизраелските инциденти ги нарече целосно неприфатливи, не смее во Германија да се горат израелски знамиња или да се организираат антисемитски собири пред синагоги. Хајл за ТВ РТЛ изјави дека Израел има право на самоодобрана, повикувајќи ги „сите страни да го смират постоечкиот конфликт“, во што би требало да придонесе и Германија.

Премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија и канцеларски кандидат на ЦДУ, Армин Лашет, твиташе: „Изразуваме длабока солидарност кон Израел“, а ракетните напади од страна на Хамас ги нарече одвратни.

Канцеларската кандидатка на Зелените, Аналена Баербок на Твитер напиша: „Спиралата на насилство ја покажува итноста од повторно отпочнување на блискоисточните мировни преговори.“

Уште во понеделникот вечерта Службата за државна заштита од Диселдорф започнала истрага во врска со обид за оштетување на меморијалната табла на поранешна синагога, на која непознати лица запалиле оган.

Околината на Тел Авив во меѓувреме рано утрово повторно беше цел на ракетни напади од Појасот Газа, во извештаите се споменуваат три жртви. Израелската воена авијација пак извршиле напади врз Појасот Газа, претставник на Хамас изјави дека притоа се уништени сите полициски згради во крајбрежјето. 

Ситуацијата на Блискиот Исток последниве денови опасно се заострува. По повеќедневни судири на различни локации во Ерусалим, од понеделникот вечерта од Појасот Газа кон Израел се испалени преку илјада ракети. Убиени се двајца Израелци, а преку 200 лица се ранети. Израел реагираше со авионски напади врз цели во Појасот Газа, во кои според палестински наводи биле убиени досега 26 Палестинци.