Гласните мажи доминантни во јавноста, тивката жена води
16 ноември 2018За три недели во Хамбург ќе се одржи партискиот конгрес на ЦДУ, на кој Ангела Меркел по 18 години ќе го предаде лидерското место во партијата. За нејзин наследник има повеќе кандидати. Најдобри шанси имаат генералната секретарка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, министерот за здравство Јенс Шпан и поранешниот шеф на пратеничката група на ЦДУ и ЦСУ во Бундестагот, Фридрих Мерц. Крамп-Каренбауер е фаворит на Меркел и важи за кандидатка на центарот. Мерц и Шпан се дел од поконзервативното крило на ЦДУ и важат за политички противници на канцеларката.
За наследник на Меркел на 7 декември ќе одлучуваат 1001 делегати, испратени на конгресот на ЦДУ од покраинските ограноци на партијата. Меѓутоа, кога сите симпатизери на ЦДУ или сите избирачи во Германија би смееле да одлучуваат, тогаш би победила Крамп-Каренбауер. Тоа го покажа најновото истражување на јавното мислење АРД-Дојчландтренд, спроведено од институтот инфратест димап. На прашањето кој би требало да ја преземе лидерската позиција во ЦДУ, речиси секој втор симпатизер на ЦДУ и 43% од граѓаните со право на глас се одлучиле за Крамп-Каренбауер. Притоа, многу е различна сликата кај жените и кај мажите. Додека кај мажите Крамп-Каренбауер и Мерц со 37, односно 39 проценти имаат речиси еднаков рејтинг, кај жените генералната секретарка со 50% води значителни пред Мерц, кој има 26% гласови.
Доколку изборите би се одржале во недела...
Персоналниот рингишпил нема влијание врз наклонетоста на избирачите кон партиите на Унијата. Доколку изборите се одржат во недела, Унијата (ЦДУ и ЦСУ) би освоила 26% од гласовите, што е исто како и во претходните истражувања. И кај останатите партии има само мало придвижување во однос на претходните истражувања на јавното мислење, освен кај Зелените, кои бележат огромен скок.
Во моментов 23% од избирачите би гласале за Зелените. Тоа е плус од шест проценти во споредба со претходното истражување АРД-Дојчландтренд, кое беше спроведено пред покраинските избори во Баварија.
Истражувачите на јавното мсилење големиот скок на Зелените го објаснуваат пред сѐ со тоа што е и натаму големо незадоволството на избирачите од големата коалиција на Унијата и СПД. И натаму три четвртини од Германците се или малку или воопшто не се задоволни од работата на големата коалиција во Берлин.