Наум Пановски за ДВ: „Ла верита“ пишува лаги!
20 октомври 2019Ниту сум дал таков исказ пред обвинителот Љубомир Јовески, ниту Вилма Рускоска била шеф на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во периодот кога беа блокирани и деблокирани посочените средства, ниту по нечија наредба биле одмрзнати за 48 часа, напротив без блокирани неколку месеци.
Ова за Дојче веле го изјави обвинителот Наум Пановски откако италијанскиот весник „Ла верита" објави дека тој „сведочел пред републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, дека (по блокирањето на парите за пензионерката Тодоровска уплатени од ГП „Пелистер“ – н.з) следниот ден Заев лично ја побарал Русковска наредувајќи ѝ да ги одблокира парите".
Тврдењата на „Ла Верита“ воопшто не соодветствуваат со фактите. Рускоска беше избрана за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 14-ти ноември 2018 година.
„Ла верита“ пишува дека дека „во ноември 2018 година Силјан Мицевски, човекот што се занимава со градежништво, на една стара госпоѓа, Лилјана Тодоровска ѝ платил 750 илјади евра за една брилијантна идеја за изградба на пензионерски домови".
Но, парите на Тодоровска (719.000 евра) не и биле префрлени во ноември 2018 година како што наведува италијанскиот весник, туку една година претходно - ноември 2017 година. Истите биле деблокирани речиси по шестмесеча истрага - на 12-ти април 2018 година, а подигнати од Тодоровска следниот ден. Тоа е точно седум месеци пред Рускоска да биде назначена за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое во тој период имаше назначено вршител на должноста - обвинителката Гордана Самаќоска.
И покрај овие јавно познати факти, весникот објавува и други невистини: „Ниту една дополнителна истражна активност не била сметана за потребна и парите, 750.000 евра, биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа“, пишува авторот Ларис Гајсер.
Арафат Муареми, директорот на Финансиската полиција, веднаш по избивањето на случајот „Рекет“ поврзан и со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, во август годинава за БИРН објасни колку време воделе истрага за случајот. Се започнало кога при крајот на 2017 година, една банка пријавила во друга институција - Управата за финансиско разузнавање, дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирала Обвинителството, кое, пак, ги замрзнало средствата, и ѝ се обратило на Финансиската полиција да ги истражи потеклото и намената на паричните средства.
„Таа достави целокупна документација за проектот. Според нејзиниот исказ, проектот е поминат во претходната влада кога имало Ден на идеи и имал некоја потврда дека таа влада проценила оти навистина може да се реализира“, објасни Муареми.
Сепак, тие продолжиле да истражуваат бидејќи се сомневале во перење пари.
„Утврдивме дека парите што се префрлени на изумителот на проектот, се пари што се собрани од акумулираната добивка од минати години на фирмата. Не се сомнителни, не се пристигнати од некои трети фирми или од офшор-компании, кои може да ги легализираат на овој начин. И реално е дека компанијата работела успешно во минатите години“, објасни директорот.
Но, не престанале да истражувале. Повторно ја викнале жената и ја прашале зошто сака да ги подигне парите во готово. Тогаш таа дошла со адвокат.
„Кога ние почнавме да ‘напаѓаме’ дека ова е фиктивно, првото нешто што направи нејзиниот адвокат нѐ праша: Чекајте, дали на државата ѝ се платени даноците? И навистина ни доставија потврда оти за таа трансакција е платен персоналниот данок на исплатените пари. Од друга страна, компанијата го платила данокот на добивка и сопственикот тврдеше дека тие се негови пари и ќе прави со нив што сака. И толку. Заднината на сето тоа не можеш да ја утврдиш додека не користиш други мерки како на пример посебни истражни мерки“, изјави Муареми.
Тогаш Финансиската полиција изготвила посебен извештај и го пратила во Обвинителство за понатамошно постапување. Парите се одмрзнале и жената ги подигнала. Тодоровска дури летово изјави дека била ограбена од лице од Меѓународниот сојуз, кое и ги одземало парите веднаш откако ги подигнала во банка.
„Да го кажеше тоа во тоа време, истрагата сигурно ќе имаше друга насока“, рече Муареми.
Тодоровска на 19-ти август годинава беше повикана да даде исказ во Обвинителството откако Рускоска отвори истрага за „Рекет“, но одби пред новинарите да каже што изјавила во Обвинителството.