1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Најмалку двајца мртви и 15 повредени во нападите во Виена

БГ /АП
3 ноември 2020

Вооружени напаѓачи извршија напади на повеќе локации во австрискиот главен град во понеделникот. „Нема да дозволиме да бидеме заплашени од тероризам“, порача австрискиот канцелар Себастијан Курц.

https://p.dw.com/p/3kmsG
Österreich Wien | Polizeiaufgebot nach Schießerei im Stadtzentrum
Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Според првичните проценки на полицијата, во терористичките напади во Виена кои започнаа околу 8 часот вечерта на 2 ноември, загинале најмалку две лица, а повеќе од 15 се повредени- неколкумина потешко. Меѓу загинатите е и еден од осомничените напаѓачи.
„Мило ми е што полицијата успеа да неутрализира еден од напаѓачите“, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц. „Никогаш нема да дозволиме да бидеме заплашени од тероризам и ќе се бориме против овие напади со сите средства“.
Полицијата соопшти дека нападите биле извршени на шест различни локации во центарот на Виена. Властите веруваат дека имало повеќе вооружени напаѓачи, а полициските операции се уште траат.
„Се чини дека се работи за терористички напад“, рече министерот за внатрешни работи Карл Нехамер за јавниот сервис ОРФ, додавајќи дека напаѓачите биле вооружени со пушки. Армијата во меѓувреме ги контролира клучните точки во градот за да и овозможи на полицијата да се справи со напаѓачите.

Градоначалникот на Виена Михаел Лудвих соопшти дека 15 лица се хоспитализирани, од кои седуммина со потешки повреди.

Нападот започнал во близина на градската синагога, иако таа била затворена во тој момент. Рабинот Шломо Хофмајстер изјави дека видел најмалку едно лице како пука кон луѓето кои седеле во блискиот бар на улицата под неговиот прозорец.

„Тие испукаа најмалку 100 куршуми пред нашата зграда“, рече тој.

Österreich Wien | Polizist überblickt Straße nach Schießerei im Stadtzentrum
Фотографија: Alex Halada/AFP/Getty Images

Меѓу првите со поддршка за Австрија се јави францускиот претседател Емануел Макрон и порача дека „Французите ги споделуваат шокот и тагата на австрискиот народ“.
„По Франција, ова е пријателска земја која е нападната. Ова е нашата Европа... Нема да се предадеме“, порача Макрон.

Германското МНР соопшти дека вестите од Австрија се „ужасни и вознемирувачки“.
„Не можеме да се предадеме пред омразата која има за цел да ги подели нашите општества“, соопшти Берлин.