Најскапо е изгубеното време
4 јануари 2022Календарски сметано во Новата 2022 сите сме постари за една година. Ја трошиме прилично спокојно, како планетарна неминовност, третата декада од 21 век. Како што не прегазува времето, така почесто и посилно одекнува прашањето од политичките, во последно време и од академските и медиумски средини, зошто да брзаме со одлуки кога се работи за националните и државни интереси во замена за некаква неизвесна иднина како што се членството во ЕУ и во НАТО.
Драматични се прашањата околу цената за брзоплето прифаќање на „велепредавство".
Дали по секоја цена треба да се распродаваат достоинството на граѓаните, името на државата, историјата, припадноста на националните јунаци и дејци, јазикот, културата, сите посебности на една нација и држава, извојувани со илјадници жртви и страдања. Прашања во кои се содржани трагични одговори на предавства, поделби, распаѓање, омрази, илузии, кусогледост, неукост, самоукинување, немање визија, демакедонизација на Македонија...
Злокобно ехо од пред 100 години
Повторно над Македонија одекнува злокобното ехо од пред сто и кусур години: дали е предвремено Илинденското востание, дали доцниме со револуцијата и со антифашистичката војна, кој ги изврши предавствата, кои се виновниците за сите наши порази, а бога ми и победи? Се пребројуваат ревносно и јавно „предавници и изроди“ како и низ целата ни славна историја. Се жигосуваат јавни личности и се ставаат на столбот на срамот како предавници кои за грст долари ја продале Македонија.
Повеќе од авторот: Двајца професори, илјада проблеми
Останува сосема незабележително и неразјаснето како во меѓувреме домашните предавници станаа херои, жртви за слобода, а надворешните непријатели станаа најголеми пријатели и сојузници. Како ни се случи поразите да ги славиме како победи, а победите како порази со мала утеха дека тоа не е само балканска специјалност.
Постојат и некои други прашања на кои многу загрижените за националните и државни интереси не нудат одговори. На пример, колку е скапо залудно изгубеното време. Колкава е таа цена пресметана со животите на потрошените генерации да го остварат животниот сон да живеат во просперитетна и демократска држава? Тие што имаа по 40 години на денот на независноста денес ја трошат осмата деценија од животот, ако имале среќа да преживеат.
Децата родени на тој ден се триесет годишници со неизвесна иднина, ако останале во татковината. Може ли некој од големите научници на егзактните науки и умислени спасители на националните посебности, творци на политички резолуции и декларации да пресмета колку е скапа таа цена на потрошените и жртвувани генерации кои ја плаќаат со живот под достоинство за кое водат толку голема грижа националните спасители во своите удобни кабинети.
Новите политички естрадни ѕвезди можат ли да ни кажат дали во светот постои друга држава која во своето име ги содржи зборовите Република Македонија, па макар и со некоја географска, или политичка додавка какви што сме ги имале повеќе пати во изминатите 77 години откако имаме држава.
Дали некој во државата по измислените и монтирани предавства го промени својот национален идентитет и колку не има како северџани, или северни Македонци. Што се случи со македонскиот јазик, исчезна ли, ни го откорнаа ли, го избришаа ли од лингвистичката наука? Ја сменивме ли азбуката. Зборуваме ли, пишуваме ли сѐ уште на македонски јазик, или само лаеме напразно. Има ли уште еден македонски јазик различен од нашиот. Ни одзедоа ли нешто од културното наследство од пред Христа до денес. Дали тоа повеќе не е наше како што налагаат меѓународните закони. Водиме ли доволно грижа за тоа наследство?
Колку држави членки на НАТО и ЕУ се распаднаа?
Што се промени во нашата историја и дали нешто воопшто може да се промени во историјата на било кој друг народ, освен фалсификатите. Дали договорите со соседите означуваат крај на историјата? Ќе престанат ли научниците во иднина да откриваат историски вистини, или тие се еднаш за секогаш запечатени од одлуки на комисии без оглед колку е респектабилен нивниот научен состав, или колку се изложени на политички притисок. Ниедна комисија во светот не пишува историја. А, и да пишува тоа нема никакво научно значење.
Повеќе од авторот: Големата фабричка грешка на македонските влади
Колку држави кои се членки на НАТО и на ЕУ се распаднаа досега, а колку исчезнаа кои не се во овие големи економско политички и воени сојузи како што беше случај и со нашата поранешна татковина Југославија, или моќниот Советски Сојуз. Кои држави полесно ги губат своите идентитетски посебности, тие што се во НАТО и во ЕУ, или тие што се на удар на националистички и меѓуетнички пресметки и тонат во сиромаштија? Овие прашања во себе содржат многу по егзактни одговори, отколку оние погоре квазипатриотски изливи на месијанство.
Факторот изгубено време е најпотценетата и највисока цена во Македонија што ја диктираат меѓупартиските пресметки во битките за власт. Нема поголем и позначаен приоритет и државен интерес од европеизацијата на Македонија што ја сместува во извесна иднина по западноевропски терк. Нема поголем успех во современата историја на Македонија од остварување на оваа стратегиска цел која е веќе доведена до точка од која нема враќање.. Само на тој начин ќе се сочуваат сите национални, јазични и идентитетски посебности на што се темели и Европската Унија. Тоа е најсигурниот начин да се спаси Македонија од распаѓање.
Трифонов ја влече Америка за уши
Тоа мошне добро го знаат противниците на евроатланските интеграции на Македонија, но вистинското прашање е зошто тоа не го знаат, или поточно кажано не сакаат да го знаат тие што дома во сопствената земја проповедаат дека станува збор за предавства на националните интереси.
Повеќе од авторот: Може и пион да стане кралица
Тие пропаганди и сомнежи во европските вредности се всушност предавствата на Македонија кои го отворија патот на Бугарија, покрај веќе склучениот и ратификуван Договор за добрососедство, да наметнува со дополнителна декларација содржини во преговарачката рамка кои опфаќаат билатерални и историски прашања спротивни на статутарните правила на ЕУ и да поставува вета.
Во Софија изгледа веќе дознале дека Македонија годинава ќе ги почне преговорите со ЕУ. Отстапките што и беа направени на Бугарија од Брисел и од Париз, кои се историска грешка на ЕУ, имаат рок на траење кој изминува најдоцна по шест месеци. Можеби затоа лидерот на партијата „Има таков народ“ Слави Трифонов храбро ја влече Америка за уши, па вели ако толку ја сакате Северна Македонија тогаш укинете ги визите за Бугарите и ќе ја кренеме блокaдата. Многу голем јунак испадна шоуменот. Крена прст и на ЕУ, рече нека влезе Бугарија во Шенген зоната па ќе го тргнеме ветото. Какво чудесно пазарење како на акшам пазар на сметка на Македонија, голем шоумен, но и трговец да ти бил овој Трифонов.
Еднаш бил во Скопје и многу се растажил кога видел на еден ѕид напишано „умрете Бугари“. И јас еднаш во Банско, на една маса во хотелот видов во еден многу тиражен весник, валкан и многу навредлив наслов со големи букви за Македонија. Го прашав мојот пријател Бугарин со кој заедно седевме на масата што значи ова. Мудриот пријател ми одговори со прашање: има ли кај вас будали. Има, реков. Еее, и кај нас ги има. Така е господине Трифонов, секаде има не само еден таков народ, туку секакви будали.
Од тие идиоти што сеат омраза полоши се само тие што тоа го користат за пропаганда да ја освојат власта. И уште нешто што веќе е напишано во Бугарија и што држи место. Како може да се врати довербата меѓу Македонија и Бугарија ако едната страна ја уценува другата со блокада. Можни ли се компромиси со ставени вета. Но, ете подготвеноста за пазарење со Америка и со ЕУ на коалиционен партнер во бугарската влада многу кажува. Дали тоа значи дека Бугарија ќе го наплати кревањето на рампата за Македонија. И да е шоу трагично е.
За Македонија ќе нема протекција
Македонија годинава ќе ги почне преговорите со ЕУ, го наплатила тоа Бугарија или не. Но, тоа кај нас треба да се прифати само како еден нов почеток на најтешката делница кон членството во ЕУ, која може да потрае, осум, десет, дваесет или повеќе години. Колку ќе траат преговорите најмногу ќе зависи од нас, но и од нашите соседи Бугарија и Грција. Македонија на овој пат не може да очекува протекција каква што имаа некои земји од Источна Европа и од Балканот кога на мала врата влегоа во ЕУ.
Напротив, бројни се можностите да се забавуваат и одовлекуваат процесите на интеграции од секоја членка на ЕУ, што налага голема мудрост, храброст и решителност на политичките лидери и цврст консензус по сите прашања со кои ќе се соочува Македонија. Затоа, реализацијата на договорите за добрососедство и засилената економска и културна соработка, меѓусебната толеранција, подготвеност на заемно прифатливи компромиси се главните предуслови за воспоставување на меѓусебна доверба со соседите.
Внатрешните судири по овие прашања само ќе им помогне на противниците да не ја видат Македонија како членка на ЕУ. Побрзиот економски развој на земјата, повисокиот животен стандард и поквалитетен живот на граѓаните со достапност на европските финансиски фондови наменети за земјите во преговори, демократизацијата и владеењето на правото, сузбивањето на високата корупција и организиран криминал се најзначајните придобивки кои ќе ги зајакнат позициите на Македонија побрзо да ги оствари своите државни интереси. На македонските политичари, интелектуални и деловни елити и на македонската критичка јавност е дали ќе успеме да ги наметнеме овие приоритети, или и натаму ќе превладеат тревогите да не избрзуваме со крупни одлуки кои го загрозуваат достоинството и идентитетот на оние што не успеле да ја напушатат татковината и на оние што живеат добро во последното прибежиште на криминалците, а тоа е лажниот патриотизам.