1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не бива Курдистан на празен стомак“

Јудит Нојринк
25 септември 2017

Ирачките Курди денеска гласаат на референдум за независност кој не го признаваат ни Багдад, ниту меѓународната заедница. Многу Курди сепак се надеваат на одложување на гласањето и се плашат од судири.

https://p.dw.com/p/2kQxj
Irak Kurden halten an Referendum fest
Фотографија: Reuters/A. Jalal

„Тешко е да се каже не“, вели Али Фарај (27), новинар од Сулејманија, вториот најголем град во делот на Ирак населен со Курди. Нема сомнеж дека на денешниот референдум (25 септември) големо мнозинство ќе гласа за независност на Курдистан бидејќи „сите Курди сакаат независност“, вели Фарај. Но, овој новинар не беше осамен во барањата референдумот сепак да се одложи. „Можеби и до 2019 година за да можевме добро да се подготвиме. Независноста е мој сон, но во моментов е премногу опасно“.
Тој укажува на лошата состојба на економијата, но и на негативните реакции од Багдад, Анкара и Техеран. Соседните држави се заканија и со затворање на границите преку кои курдските области во Ирак добиваат стоки и добра. Премиерот на Ирак, Хајдер ал Абади го нарече референдумот „неуставен“ и се закани со испраќање војска. Врховниот суд на Ирак наложи да се стопира одржувањето на референдумот, засилувајќи го притисокот врз курдскиот лидер Масуд Барзани.

Шиитските платеници - главно под контрола на Иран - веќе го спречија одржувањето на референдум во еден регион врз кој права полагаат и Курдите и Багдад. Курдското раководство сакаше да вклучи во референдумот повеќе т. н. „спорни“ подрачја“, особено со нафта богатата област Киркук каде Курдите имаат тесно мнозинство од населението.

Токму Киркук е еден од важните градови, но одржувањето на референдумот таму е ризично. „Доколку некои Курди таму гласаат против отцепувањето, ќе го загубиме градот засекогаш. Ризикот е преголем“, вели Али Фарај. Меѓу ирачките Курди овој град е своевиден Ерусалим- таму ја гледаат престолнината на својата идна држава.

Infografik Karte Kurdische Siedlungsgebiete ENG
Региони во кои живеат Курди

Страв од насилство

Фарај стравува дека централната влада во Багдад би можела да го спречи авионскиот сообраќај кон курдските области и да ги затвори филијалите на банките. „Но луѓето се повеќе загрижени дека шиитските паравојски би можеле да не нападнат. Сепак, очекувам дека меѓународната заедница ќе ги спречи да влегуваат во нашите градови“.

Загрижен е и Абдулах Сабир (69) кој раководи со една меѓународна хуманитарна организација во Сулејманија. „Подобро е 100 години да се преговара отколку да се војува еден месец“, вели тој. „Загрижен сум. Границите ќе бидат затворени, Багдад ќе биде опасен. Ќе бидеме опколени“. Многумина веќе складираат залихи на храна.

Сабир потсетува дека вработените во јавната управа веќе две години добиваат помали плати. Причини се рецесијата, војната против Исламската држава и ниските цени на нафтата. „Не оди курдска држава на празен стомак. Ќе гласам против независноста. Не ме интересира кој владее тука, само сакам нормален живот“.

Präsident Kurdische Nationalregierung Masud Barsani
Курдскиот лидер Масуд Барзани инсистира на референдум по секоја цена.Фотографија: picture-alliance/dpa/Michael Kappeler

Главен заговорник на референдумот е најмоќната партија во регионот, Курдската демократска партија (КДП) и нејзиниот шеф Барзани. Тие водеа обемна кампања во главниот град на регионот Ербил, низа митинзи на кои зборуваше Барзани. Ништо од тоа не може да се види во Сулејманија каде КДП нема позначајна поддршка. Само неколку десетина автомобили со знамиња се движат низ градот во знак на поддршка на референдумот.

Сепак, ни противниците на референдумот не се претерано активни. Во Сулејманија се канцелариите на кампањата „Не, засега“, (No4now) но таму речиси и нема луѓе. Официјално, тие не се против независноста на Курдистан - тоа во овој момент би било лудост - туку се против таков референдум во овој момент. Тие ги обвинуваат Барзани и КДП дека со својата идеја за референдум го предизвикуваат гневот на централните власти - регионот сега има струја само 7-8 часа дневно, додека водата доаѓа дури секој трет ден.

Во кампањата No4now велат дека не беа претерано активни бидејќи беа убедени дека референдумот во последен час, сепак, ќе биде одложен. САД, Велика Британија и ОН неодамна му понудија на Барзани алтернатива: обид да посредуваат во преговорите со Багдад околу прашањата кои всушност доведоа до распишување на референдумот. Тука во прв ред се работи за запирањето на буџетските средства за курдските региони, поделбата на профитот од нафтата, како и за иднината на спорните подрачја. Но сепак, владата на Барзани ја одби таа понуда.