1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Небулозни обвиненија против вработените во „Џумхуриет“

Керстен Книп
24 јули 2017

Судскиот процес против 17 вработени во весникот „Џумхуриет“ се води по обвинението за наводна поддршка на „терористички организации“. Тој важи за тест за турското правосудство.

https://p.dw.com/p/2h31d
Türkei Polizei vor Tageszeitung Cumhuriyet
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Казните би можеле да бидат драстични. На вработените во весникот „Џумхуриет“, кои од денеска се пред суд, им се закануваат казни затвор во висина од 7,5 до 43 години. За што? Тоа е познато само отприлика. Обвинението поднесено во април ги товари за поддршка на „терористички организации“, јави агенцијата Анадолу. Наведени се само две организации: движењето на Фетула Ѓулен и забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Конкретни обвиненија, како на пример во каква форма била давана поддршка, Анадолу не наведува.

Врз основа на случајот на Ахмет Шик може да се насети врз што обвинителството ги заснова своите обвиненија. Овој истражувачки новинар беше уапсен на крајот на декември 2016 година. Обвинителството тоа го образложи, меѓу другото, со Твитер-пораки испратени од Шик. Според Анадолу, овие пораки имале намера „да му наштетат на имиџот на Турција, нејзините правни институции и нејзините воени и безбедносни организации“.

Притоа, Ахмед Шик главно поставуваше прашања и укажуваше на контроверзи во владината пропаганда. Во некои од твитовите, на пример, се осврна на случајот на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов. Карлов веше застрелан на 19 декември 2016 година од страна на џихадистички мотивиран екс-полицаец. Според владата, тој бил приврзаник на движењето на Ѓулен. Шик на Твитер постави прашање како тогаш може да се објасни фактот дека атентаторот бил полицаец.

Journalist Ahmet Sik
Ахмет Шик е затворен затоа што поставуваше прашања и укажуваше на контроверзите во пропагандата на властаФотографија: picture alliance/abaca/Depo Photos

Шик се осврна и на апсењето на актерот, режисер и политичар Сири Суреја Ондер. Тој беше пратеник од редовите на опозициската прокурдска партија ХДП. Заедно со поранешниот вицепремиер на Турција, Јалчин Акдоган, тој објави соопштение за можно решение на курдскиот конфликт. Потоа беше уапсен под обвинение дека поддржува терористичка организација. Заклучокот на Шик за овој случај гласеше: „Ако делото на Суреја се третира како кривично, не треба ли да има повеќемина осомничени, почнувајќи од оние кои седат во (претседателската)Палата?“

Шик веќе има поминато една година во затвор, во периодот 2011/2012 година. Негова грешка тогаш била што го критикувал влијанието на движењето Ѓулен во државниот апарат - токму онака како што тоа денес го прави Ердоган. Само што тогаш Ердоган и Ѓулен сѐ уште беа добри пријатели.

Cumhuriyet Türkei Prozess
Фотографија: picture-alliance/dpa/L.Pitarakis

Во актуелниот судски процес обвиенети се, меѓу другите, главниот уредник на „Џумхуриет“, Мурат Сабунчу, како и неговиот претходник Џан Дундар, кој во моментов живее во егзил во Германија. Во обвинението се вели дека линијата на „Џумхуриет“ „радикално“ се променила откако Дундар станал главен уредник. Оттогаш, наводно, весникот следи цели на „терористички организации“.

Дундар веќе е осуден во друг процес на пет години и десет месеци затвор. Таа пресуда сѐ уште не е правосилна. Дундар и дописникот на весникот Ердем Ѓул беа обвинети за наводно објавување државна тајна. „Џумхуриет“ во мај 2015 година објави слики кои прикажуваат претрес на повеќе камиони кои биле на пат од Турција кон Сирија. Во камионите, зад хуманитарната помош имало скриена воена опрема, која најверојатно требало да ѝ биде доставена на сириската опозиција. Владата претходно негираше дека со конвојот се пренесува оружје. Фотографиите го докажаа спротивното. „Ова е оружјето за кое Ердоган тврди дека не егзистира“, објави „Џумхуриет“.

Berlin Joachim Gauck empfängt Can Dundar
Џан Дундар живее во егзил во ГерманијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Судскиот процес кој почнува денеска веќе беше предмет на критики.„Весникот 'Џумхуриет' е симбол за храбриот ангажман на малкуте преостанати независни медиуми во Турција. Осуда би претставувала разорен сигнал и срам за турското рпавосудство“, оцени Кристијан Мир, раководител на германската секција на организацијата Репортери без граници. На годишната листа на слобода на печатот, Турција се наоѓа на 151 од вкупно 180 места.

„Џумхуриет“ во септември 2016 година ја доби Алтернативната Нобелова награда за „своето бестрашно истражувачко новинарство и безусловната определба за слобода на мислење наспроти сета цензура, потиснување, затвор и закани со убиство“.