Недовршена битка: Македонските медиуми и слободата
3 мај 2018Околу 45 отсто земаат плата пониска од државниот просек. Дури 54 отсто се без договори за работа на неопределено време. Односно, 35 отсто од нив се вработени на определено време, а 19 отсто ангажирани хонорарно. Тоа значи дека секој петти вработен може да биде отпуштен во секој момент. А се работи за луѓе меѓу 30 и 50 години, кои во високи 72 проценти ги претставуваат вработените во оваа професија. Само 20 отсто од нив се под старосната граница од 30 години.
Не е тешко да се погоди за која професија станува збор. Да се биде новинар и медиумски работник во Македонија, подразбира вонредна подготвеност на секаков професонален и егзистенцијален ризик, несигурност, работа во медиуми со неизвесен „рок“, честа промена на работното место, постојана надеж дека утре можеби ќе биде подобро...
Чаусидис: Слободата се мери според независноста и интегритетот
Во таква атмосфера ќе биде одбележан и овој Tрети мај - Меѓународниот ден на слободата на медиумите.
„Условите во кои работат новинарите, но и медиумските работници, директно се рефлектираат на квалитетот на медиумската содржина“, вели Тамара Чаусидис, претседателка на Самостоjниот синдикат на новинари и медумски работници (ССНМ).
„Не случајно, веќе неколку години по ред во извештаите за слободата на медиумите во Македонија, вклучително и последниот на 'Репортери без граници', констатираат дека тие се слабо платени и работат во несигурни услови. Кредибилни медиуми кои инвестираат во идните генерации и кои му служат на јавниот интерес, не се флоскула или некаков хир на новинарите, туку суштинска потреба на секоја земја која сака да се нарекува демократска. А тие не се можни доколку во нив работат економско уценети и исплашени луѓе. Степенот на слободата не се мери со бројот на медиумите, туку со уредувачката независност, кредибилитет и интегритет на новинарството кое во нив се практикува“, децидна е Чаусидис.
Имајќи го предвид сето тоа, смета дека е крајно време прашањето за работните и професионални услови на новинарите и медиумските работници да се стави во центарот на дебатата за тоа какви медиуми сакаме во Македонија.
„Заканата од лажни вести пред која е исправено квалитетното новинарство во нашата земја која стана синоним за 'лажни вести', не може да биде победена со слабо платена, недоволно обучена работна сила која не е заштитена со колективен договор. Сѐ додека нашите колеги се со ниски плати, сѐ додека се соочуваат со растечки тренд на хонорарни или времени вработувања, со следење на ризични настани без какво и да е осигурување, со родова нееднаквост и кршење на авторските права, тие нема да можат соодветно да одговорат на инвазијата од пропагандистички центри поради што довербата во професијата, но и демократскиот амбиент во земјава ќе продолжи по надолна линија“, предупредува претседателката на ССНМ.
Селмани: Да изградиме силем медиумски систем
За состојбата во македонските медиуми, денеска во ЕУ-Инфо центарот ќе говорат претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во присуство на новинари, членови на ССНМ, министерот Роберт Поповски и амбасадорите на ЕУ и САД.
„Слободните медиуми се гарант за почитување на човековите права, креирање на демократско јавно мислење и доброто владеење“, е пораката што денес ја испраќа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
„Македонија нема да стане слободна, демократска европска земја сѐ додека не изградиме медиумски систем, кој ќе ги заштити и промовира основните демократски вредности. За жал, Македонија сѐ уште се лечи од претходниот режим, а немаме сериозни и одржливи реформи во медиумите, кои ќе придонесат тие да му служат единствено на јавниот интерес. Добро е што новата власт сака да создаде слободни и професионални медиуми, и сакаме да работиме со Владата за да ја постигнеме таа цел“, вели претседателот на ЗНМ.
Списокот на она што треба да се поправи или смени е долг. Според Селмани, основно е да престане политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, да се изгради институционален механизам за брзо откривање и казнување на оние што напаѓаат новинари. Важно е да прекине и говорот на омраза во јавниот дискурс, а надлежните да ги истражат и казнат таквите сличаи Во услови кога транспарентноста на Владата и на јавните институции е подобрена, сепак, таквата практика не се применува во сите случаи - има министри и владини функционери кои ги бојкотираат критичките медиуми.
„Владата мора да најде сила да ја смени ваквата недемократска практика на одредени функционери. Бојкотирање на новинарите значи дека институциите не сакаат да бидат отчетни пред граѓаните. Функционерите што не сакаат да комунцираат со медиумите, треба да ги напуштат функциите. Владата не треба да биде во дослух со сопствениците на медиумите, кои се подготвени да ги злоупотребат медиумите за лични интереси. Погрешно е да се мисли дека со укинување на владините реклами, се укинаа сите коруптивни врски меѓу политиката и медиумите. Демонтирањето на заробената држава не треба да ги одмине и медиумите“, порачува Селмани.
За клучна ја смета реформа на Македонската Радио Телевизија, која вклучува политичка и финансиска независност. Според претседателот на ЗНМ, сегашните мерки на владата не обезбедуваат институционална и уредувачка независност на МРТ.
Појадок со новинарите
По повод 25- годишнината од одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, Секретаријатот за европски прашања утрово во Клубот на пратениците организира пригоден појадок со новинарите. Тема за разговор ќе бидат прашања поврзани со медиумите, транспарентноста на политичкиот процес, независноста во информирањето, одговорноста на државата и институциите кон јавноста, како и предизвиците се лажните вести. Практично, сите теми ќе бидат во духот на годинешната глобална тема: „Одржување на власта во проверка: медиуми, правда и владеење на правото“. Од Секретаријатот за европски прашања се надеваат дека ваквите средби ќе може да прераснат во традиција, со што секоја година ќе се одбележува Трети мај, како потсетник дека медиумската слобода треба постојано да се негува, а нејзините придобивки соодветно да се одбележат.