1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема корона-милост за критичарите на Ердоган

Хулија Шенк
14 април 2020

Поради пандемијата на коронавирусот во Турција ќе бидат ослободени околу 90.000 затвореници. Но, не и новинарите и политичките затвореници. Се зголемува притисокот врз оние кои размислуваат поинаку, оценува Хулија Шенк.

https://p.dw.com/p/3as7t
Türkei Corona-Krise | Palament Ankara
Дезинфицирање на парламентот во Анкара (13.03.2020)Фотографија: Imago-Images/Depo Photos

Времето на корона-криза и домашна изолација за многу луѓе значи и време на размислување и рефлексија. По шокантните вести за починати, кои се објавуваат секојдневно, се шири страв. Токму сега сме упатени на меѓусебна солидарност. Политичарите би требало да се презентираат како луѓе со обѕири и милост, особено во авторитарни земји како Турција, каде довербата во владеачката елита и онака е разнишана.

За жал, се чини дека токму тука нема доволна доза на рефлексија. Репресивниот раководен стил си продолжува, новинари и критичари со уживање се затвораат поради нивните политички ставови. Притисокот, како што изгледа, дури и се зголемува.

На повидок нема крај на затворањето новинари

Турскиот парламент донесе закон со кој од затворите ќе бидат ослободени околу 90.000 затвореници, со цел да бидат заштитени од корона-вирусот. Овие законски одредби меѓутоа не важат за новинарите и политичките затвореници, иако тие, според стандардите на правната држава, никогаш не смееле да бидат затворени.

Но, токму делата за кои тие се товарат, се свесно исклучени од законот. Барањата на опозицијата во парламентот, каде мнозинството го сочинуваат АКП и МХП, не беа прифатени. Во текот на дебатата, дури, на иницијатива на АКП и МХП беше додаден пасус, кој претставува натамошна закана за новинарите.

На законот му е додаден член кој во моментов погаѓа шестмина новинари. Тие пред околу еден и пол месец беа уапсени поради сомневања за злосторство против Националната тајна служба (МИТ) и издавање државна тајна, поради тоа што известувале за погребот на соработник на МИТ убиен во Либија. Кривичното дело издавање државна тајна, кое наводно го сториле овие шест новинари, го оневозможува предвременото отпуштање од затвор поради короната.

Kommentarbild Hülya Schenk PROVISORISCH
Хулија Шенк

Збогување со владеењето на правото

Апсењето на шестемина новинари е спорно дури и меѓу турските правници. Но, АКП одамна се има збогувано со владеењето на правото. По овие правно проблематични случаи веројатно ќе следат и други за да се потисне критиката на односот на власта во корона-кризата. Владата е веќе на тој пат. 

Речиси невозможно е да се поднесе жалба на противправните постапки. Во новиот претседателски систем, составот на Советот на судии и обвинители е променет, така што ја загуби независноста. Тој сега и’ е подреден на политиката. Во новиот систем, 6 од 13 членови на Советот се избираат директно или индиректно од Претседателот, а останатите 7 членови од страна на парламентот. А, таму, мнозинството го имаат АКП и МХП. Самото правосудство не може да избере веќе ниту еден член на Советот. 

Правосудството под контрола на Ердоган

Зголемувањето на влијанието на политиката врз правосудството во Турција е голем проблем. Претседателот Реџеп Таип Ердоган не го крие своето влијание: критикува, беснее, се кара кога не е задоволен со извесни одлуки на судот.

Кога бизнисменот и активист Осман Кавала во процесот „Гези“ пред два месеца беше изненадувачки ослободен, тој (Ердоган, н.з.) веднаш го кажа своето мислење. Алудирајќи на милијардерот по потекло од Унгарија, Џорџ Сорос, тој рече дека постојат типови кои сакале да уништуваат земји со бунтови. Турски изданок на ваквата мисија бил Кавала. Надворешни сили се обиделе да го ослободат Кавала со маневар. Изјавата на Ердоган се чини вроди со плод: Кавала беше повторно уапсен пред воопшто да може да го напушти затворот.

Како и многу други политички затвореници и новинари кои се во затвор, најчесто без докази и правна основа, и Кавала нема да профитира од новиот „корона“-закон.

Новинарите се дел од „опасностите“ за владата на АКП. Тие критикуваат дека Ердоган предолго се колебал околу преземањето мерки против ширењето на вирусот. Критикуваат дека Ердоган, наместо да понуди државна помош, го повикал населението на донации.

Со истраги против оние кои се сомневаат

Ердоган продожува со постапки против своите критичари. Тој минатата недела поднесе кривична пријава против популарниот водител Фатих Портакал. Тој претходно на Твитер ја критикуваше кампањата за донации во корона-кризата. Портакал наскоро же биде изведен пред судија, а така ќе биде и со многу други новинари кои го креваат прстот со опомена до актуелната влада.

Оние кои се залагаат за демократија, слобода и владеење на правото во Турција и го креваат гласот против своеволните апсења и неправдата, се борат против ветерници. Тие бараат нешто што не може да се најде - правда во една земја полна со неправди.