1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несреќи? Или убиства од небрежност

25 ноември 2021

Ниту една несреќа не е прашање на судбина, повисока сила или небрежност. Тие се тоа што реално се. Трагедии поради неказнивост и убиства од небрежност. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/43RS6
Bulgarien | Busunfall
Фотографија: Minko Chernev/BTA/AP Photo/picture alliance

По долго шетање, премислување, преиспитување се сместувам пред стариот лаптоп со ниет да се осврнам на нашата последна несреќа. Седнувам со мисла и грижа да не повредам нечии чувства, а притоа не испаднам бесчувствителен, да не зазвучам гневно, а да не бидам рамнодушен, да не избрзам во заклучоци, но и да не се воздржам во острина, да не ја експлоатирам несреќата, да не ја преминам линијата на политичка коректност, да не бидам лигаво сентиментален или бездушно ладнокрвен и секако да се издигнам достојно на предизвикот на часот. Го отворам празниот лист и додека прстите висат над тастатурата, пред очи прелетуваат веќе спремните обвинувања за „срамота што во овој миг бараш оставки и одговорност”, критики за „премек став кој наликува на шурување со власта”, иронии „до утре се ќе се заборави”. Совеста веќе ме ремети со шепотења дека „несреќи секаде се случуваат”, а свеста ме тревожи „не секаде несреќите течат како на лента, катадневно”.

Други колумни од авторот: Западна антикорупција и кинеска демократија

Неколку часа по веста за несреќата, патот кон маалското кафуле ме водеше пред седиштето на патната агенција  „Беса”  пред која веќе беа собрани десетици новинари, збунети роднини и пријатели. Редовна глетка при секоја несреќа, но овој пат сликата беше надвисната од повпечатливиот звук на неприродна, иреална тишина. Молкот е сопатник на несреќата, но ова не беше молк на траор, туку тишина на страв. Токму така, на атмосфера оптоварена со чувство на страв, суеверна покорност, престрашеност и понизност. Како секое соочување со злото струполено врз плеќи на невини.

Општество на несреќни луѓе   

Ние одамна не сме среќно општество, среќна земја. Живееме во општество на несреќни луѓе кои немаат право ниту да се пожалат, а без притоа да бидат прекорени или исмеани од ретките среќни исклучоци кои ја потврдуваат сеопштата мизерност. Привикнати на несреќата, се тешиме со иронија и црн хумор, се челичиме со инает дека и ова или она црнило нема да не сруши. Несреќата нѐ има присилено да и во бедата најдеме чалам, да се фалиме дека сме пиреј, гордееме што сме посилни од камен, спремни за лапање корени, ако затреба. Типичен фалбаџиски курназлук на престрашени страшливци, лумпен-пролетаријански манифест на колективно лузерство и култура на човеколико преживување колку да се каже дека не има, дека живуркаме.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Но нашата несреќа не е последица на поднебјето, судбината, некаква кармичка предодредба. Таа е само заеднички именител на безбројните стравови, некои наследени, други претпоставени, трети реални. Нашиот страв не е толку од несреќите, колку од незаштитеноста, отуѓеноста, баналноста и прифатливоста да низ истите поминеме без можност да побараме и добиеме утеха, надокнада, заштита. Стравот безимено да завршиме како бројка во билтен на илјадници починати од корона без еден ден жалост. Страв  да загинеме во некоја болница   или некој автобус и притоа името да не смее да ви се спомене во име на политичка коректност, извитоперено сочувство или наменски контролиран пиетет. Стравот да на плоштад запалите свеќа, приложите букет, сликичка или играчка во знак на жалост за загинатите, без притоа да бидете исмеани од циничните скотови или бидете обвинети за „профитерство од несреќа”. Стравот е фурката на привилегираните, несреќата е судбината на застрашените. 

Казна по злосторството 

Доколку побарам  оставки,  ќе бидам исмеан како наивен, нападнат како бесчувствителен, оценет како неразумен и обвинет за неразбирање на, нели, пошироките контексти. Доколку не побарам оставки, ќе бидам обвинет за послушништво, нападнат за кукавичлук, оценет како корумпиран и исмеан како провиден. Бидејќи, нели, никогаш не е поради жртвата, не може бре да биде поради  малите близначиња во автобус  или самопожртвуваната ќерка во болница.

Други колумни од авторот: Пресметка во 11:00: Рамковна Македонија против Дејтонска Македонија

Никогаш не е поради починатите, туку е секогаш поради тие проклети мои, твои, ваши, наши претпоставени скриени, нечесни мотиви во позадина. Од сегашните или претходните моќници, сеедно, нам ни е негирано да имаме чисти, искрени мотиви без кусур и заднина кога бараме казна по злосторството. Па дури и доколку е во најбенигна форма на политичка одговорност. Во очите на привилегираната моќ, нашите претпоставени мотиви се далеку полоши, позли, повредни за осуда од дури и најтешките, најкрвавите трагедии. Нашата човечност е негирана од привилегираната каста која мора да ја контролира – и воедно профитира – од нашата коцкарска среќа и човечка несреќа. Поради нив, да ставиме крај на дискусијата, ни една  несреќане е прашање на судбина, повисока сила или небрежност. Ниту Охридската ниту Ласкарската, Тетовската или Софиската трагедија не се несреќи. Тие се тоа што реално се. Трагедии поради неказнивост и убиства од небрежност.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач