1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов случај на труење во Солсбери?

ЖА / агенции
4 јули 2018

Во британскиот град Солсбери, по контакт со „непозната супстанција“, две лица се пренесени во болница, истата во која се лекуваат Сергеј и Јулија Скрипал.

https://p.dw.com/p/30mzQ
England, Wiltshire: Salisbury District Hospital
Фотографија: picture-alliance/S. Parsons

Двајцата луѓе во Солсбери се наоѓаат во животна опасност, соопшти полицијата, која случајот го смета за исклучително сериозен. Повредените се пренесени во болница во Солсбери, каде се вршат тестови за видот на суспстанцијата која кај нив предизвикала тешки здравствени проблеми. Двете лица, еден маж и една жена, биле најдени уште во саботата вечерта во бесвесна состојба. На дејството на непознатата состојка биле изложени во Ејмсбери, место кое е оддалечено само неколку километри од локацијата на која рускиот екс-двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март станаа жртви на напад со отровен гас. Првично, полицијата претпоставувала дека двете онесвестени лица примиле дрога со сомнителен квалитет, како хероин, но сега се вршат дополнителни испитувања.

Повеќе: 

ЕУ ја поддржува Британија против Русија во аферата Скрипал

Агенти и одмазда: смениш ли страна, те чека отров

Сите локации на кои двете заболени лица се задржувале претходно, се блокирани, а мерките за безбедност во Ејмсбери и Солсбери се зајакнати. Здравствените служби меѓутоа тврдат дека не постои непосредна здравствена опасност за јавноста.

На 4. март во Солсбери на една клупа во бесознание беа пронајдени Сергеј Скрипал и неговата ќерка, до денес се на лекарски третман во болница. Британската влада за нападот со нервен гас врз нив ја обвини Русија, сметајќи дека станува збор за отровниот гас Новичок, произведуван во советско време. Москва категорично ги отрфла обвинувањата како тенденциозни. Случајот предизвика длабок јаз во односите меѓу Русија и Велика Британија.