1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова задача за Западниот Балкан од Лондон

БГ
10 јули 2018

Милиони илегални парчиња оружје и муниција циркулираат низ земјите на Западниот Балкан, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. На самитот во Лондон уништувањето на малото оружје се наметнува како нов услов.

https://p.dw.com/p/317SE
UN Vernichtung von Schusswaffen
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Bouroncle

Од самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон земјите од регионот ќе добијат нов услов кој ќе мораат да го исполнат пред евентуалниот влез во Унијата: уништувањето на малото и илегалното оружје. Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) денеска пишува дека долгогодишните обиди преку агенциите на ОН и билатералните напори на одредени земји-членки на ЕУ не вродиле со плод, па од самитот во Лондон ќе се започне со сеопфатна акција која заеднички ќе ја предводат Германија, Франција, Велика Британија и Италија.

Според анализите на невладините организации кои ја следат оваа проблематика, Србија и Црна Гора се рекордери во Европа според бројот на парчиња оружје по глава на жител - на секои сто жители во промет се 40 парчиња оружје. На шесто место во Европа е Босна и Херцеговина со 31 парче оружје на секои сто жители, а по неа следат Македонија и Косово со по 30 парчиња.

„Западот презема нов чекор за контрола на малото оружје. Новината е што планот предвидува негово интегрирање во процесот на преговори за членство во ЕУ. Надежта е дека на овој начин ќе биде постигната вистинска стимулација и ќе се изврши притисок. Очекувањата се дека Балканот нема интерес да го ризикува своето членство во ЕУ заради неуспехот на ова поле“, пишува ФАЦ.

Bosnien Zerstörung von Kleinwaffen durch die Bundeswehr
Уништување на илегално оружје во Босна и Херцеговина во 2003 годинаФотографија: AP

На самитот во Лондон денеска ќе биде објавен акцискиот план за систематска контрола и намалување на малото оружје до 2024 година. „Датумот“, наведува ФАЦ, „не е случајно избран, затоа што согласно стратегијата на Европската Комисија, Србија и Црна Гора би можеле една година подоцна да станат членки на ЕУ“.

Вториот дел на акцискиот план ќе се однесува на регионалната безбедност и безбедноста во Европа. Во тој дел ќе се преземат мерки за засилена контрола на шверцот на оружје.

„Милионите парчиња неконтролирано мало оружје во Западниот Балкан не ја загрозуваат само тамошната безбедност, туку претставуваат голем ризик и за нас во ЕУ“, вели за ФАЦ, германскиот државен министер Михаел Рот.

За остварување на амбициозните цели за контрола на илегалното оружје на Балканот ќе се утростручат средствата кои ги издвојуваат ЕУ и земјите-членки, а конечната одлука за тоа ќе падне на донаторска конференција во Париз најавена за декември годинава. Германија притиска во Европската Комисија, проблемот со малото оружје да добие приоритет во преговорите со земјите од Западниот Балкан, пишува ФАЦ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи