Новинари на „црна листа“
28 април 2016Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повеќе од јасно стави до знаење дека нема разбирање за #links:19182804:сатира#. Но, и новинарите кои не се занимаваат со сатира, туку пишуваат „сериозни статии“, немаат работа ако сакаат да известуваат за владата на таа земја. Главниот уредник и еден новинар на весникот Џумхуриет моментно се наоѓаат на суд каде се обвинети за шпионажа и оддавање државна тајна. Тие објавија извештај за тоа дека турската тајна служба испорачувала оружје на исламистичките сили во Сирија.
Во март единиците на специјалната полиција упаднаа во редакцијата на весникот Заман, откако суд во Истанбул наложи во него да се воведе државна контрола. Издавачката куќе на која и‘ припаѓа Заман, имено, се доведува во врска со проповедникот Фетула Ѓулен, лут противник на претседателот Ердоган.
Во последно време се‘ повеќе странски медиуми се прашуваат дали претседателот Ердоган се обидува да го контролира и пишувањето на странските новинари. Во минатите денови повеќемина известувачи од различни земји биле спречени да влезат во Турција или се уапсени.
Политичарите го критикуваат односот на Турција кон странските репортери и се загрижени поради постоење на „црна листа“ со имиња на непожелните.
„Списоци со имиња на новинари немаат ништо заедничко со демократијата“, изјави претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц во понеделникот (25.04) за весникот Билд.
Забрана за влез во земјата, апсења и депортации
Јоргос Мутафис, фоторепортер чии фотографии се објавувани во низа европски публикации, минатата сабота (23.04.) се обидел да влезе во Турција и оттаму да известува за Билд. Бил запрен уште на аеродромот во Истанбул, со образложение дека неговото име се наоѓа на една листа.
Слично искуство имаше и Фолкер Швенк, дописник на германскиот јавен сервис АРД. Тој во средината на април од дописништвото во Каиро имал намера да стигне во пограничниот дел меѓу Турција и Сирија, за таму да разговара со бегалците. Швенк беше уапсен на аеродормот во Истанбул и мораше да се врати во Каиро.
Тоа го критикуваше и германската канцеларка Ангела Меркел: „Ја следиме ситуацијата и настаните со извесна загриженост.“
Холандската новинарка Ебру Умар, која моментно живее и работи во турскиот град Кушадаси, беше уапсена минатиот викенд. Во меѓувреме е пуштена на слобода, но со ограничување - не смее да ја напушти Турција и мора редовно да се јавува во полиција.
Умар неодамна во холандскиот весник Метро објави статија во која го критикуваше турскиот претседател Ердоган. Уште не се знае какви ќе бидат идните потези на турските власти во нејзиниот случај. Во првата порака на Твитер, овој вторник (26.04.), таа објави дека е повикана на разговор во турското државно обвинителство.
Организацијата Репортери без граници внимателно го следи влошувањето на слободата на медиумите во Турција. Улрике Груска, портпаролка на организацијата, за Дојче веле наведува дека новинарите во Турција работат под голем притисок: „Над новинарите се собираат заканувачки темни облаци. Оној кој пишува против Ердоган, може поради тоа и лично да одговара.“
Таа истакнува дека од средината на минатата година се влошени и условите под кои работат странските новинари. Тогаш избија судири во курдските подрачја во Турција и постојано се бележат случаи од тој регион, без причина, да бидат протерувани репортери кои сакале да известуваат за тие борби.
Владата во Анкара е нервозна
„Такво нешто досега не се забележуваше во толкава мерка“, додава Груска. „Сведоци сме на зголемена нервоза кај турските власти, што очигледно доведува до вакви реакции.“
Нејзината организација нема никаков доказ за постоење „црна листа“ со имиња на новинари, но се труди да дознае повеќе околу тоа. „Доколку некоја држава, која тврди дека е демократска и која е кандидат за влез во ЕУ, има список со имиња на оние кои поради својот критички став кон владата не смеат да влезат во нејзе, тогаш тоа противречи на вредностите кои ние овде ги застапуваме’, нагласува Груска.