1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Мексико до Будимпешта

20 март 2021

Рашковски стана камен околу вратот на Заев, а излегувањето на партијата на Орбан од ЕПП може да има далекусежни последици во македонската политика поради папочната врска на ВМРО-ДПМНЕ со неа. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3qtvH
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Доминик Камингс беше човекот што ѝ го даде лицето на кампањата за „Брегзит“. Овој бескрупулозен политички стратег ги обмисли сите слогани, сите вистини или полувистини, ги детектираше сите стравови кај Англичаните (не кај сите Британци) и му помогна на Борис Џонсон и неговите пријатели суверенисти да ја добијат битката меѓу гласачите за напуштањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

Откако Борис Џонсон ја замени Тереза Меј на премиерската функција за изборите во декември 2019 година Камингс беше еден од осмислувачите на извонредниот слоган за кампањата „Get Brexit Done“ (Да се заврши „Брегзит“). Изборите беа триумф на Борис Џонсон и Конзервативната партија. Главен креатор на триумфот беше Доминик Камингс. Кога Џонсон ја замени Меј Камингс стана негов главен советник, де факто шеф на кабинетот со огромна моќ. Тоа продолжи и по изборите во декември 2019. Поради судирот со Камингс функцијата мораше да ја напушти тогашниот министер за финансии Саџид Џавид. Камингс беше господар во Даунинг стрит 10. Кога медиумите открија дека за време на најстрогиот локдаун во март 2020 година Камингс заминал 400 километри на север со автомобил за да го посети семејството тоа беше скандал без преседан. Опозицијата и јавноста бараа оставка од Камингс или Џонсон да го смени. Џонсон одби да го направи тоа и изјави дека Камингс постапувал „одговорно, законски и со интегритет“. Истрагата на полицијата покажа дека Камингс не направил некој поголем прекршок, но анкетите во огромно мнизинство покажуваа дека тој треба да поднесе оставка.

Наеднаш, човекот кој му го донесе успехот во кампањата за излез од ЕУ, кој му ја осмисли победата на изборите, кој ги креираше политиките, стана камен околу вратот за Борис Џонсон и за партијата и неколку месеци подоцна поднесе оставка. Откако го фрли каменот околу вратот Џонсон се посвети на големиот проект за брзо вакцинирање на населението и таа кампања одлично му оди. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Во слична ситуација се најде премиерот Зоран Заев со неговиот советник и поранешен генерален секретар на владата, Драган Рашковски. Политичката штета што ја прави Рашковски со скандалот со софтверот и особено патувањето во Мексико, има продолжено дејство кон премиерот и СДСМ почнува да ги надминува рамките на првобитната афера. Особено со зајадливите и провокативни изјави од Мексико („овде е многу евтино“). Наместо да се обиде да го смири незадоволството тој од Мексико дополнително ја дразни јавноста. За жал на премиерот, фокусот на јавноста од Рашковски се префрла кон него. Тој веќе станува камен околу вратот за Заев. Колку повеќе го чува толку поголем ќе биде товарот. Политичката судбина на Рашковски веќе станува помалку важна. Треба да се менаџира перцепцијата на јавноста кон владата. Така е кога се владее – треба да се погледне целината на сликата, а не личната доверба и наклоност, а можеби и вербата дека тука нема ништо грешно. Политиката навистина е безмилосна: доколку еден запчаник во тимот почнува да прескокнува мора да се замени за да не се закочи целиот систем. Без оглед на пријателствата и довербата. Промените во политичката екипа се нормални и во тоа нема никаков спектакл. Тие се потребни за да не престане да се движи тркалото.

Загадочна аудиенција

На овој или на оној начин случајот со Рашковски ќе се разреши. Ќе видиме какви последици тоа може да има врз Заев. Многу поважно и подалекусежно за развојот на вкупната политика во Македонија се настаните во Будимпешта. Не загадочната аудиенција на Никола Тодоров кај кралот во егзил и следствено на тоа откажувањето на вонредниот конгрес подготвуван од бунтовниците во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е дел од вмровската сага за потрага по наклоност на Никола Груевски, а веројатно со тоа и на унгарските пари што се слеваат низ различни славини и во партијата и во нејзините медиумски испостави. Таа сага ќе трае.

За ВМРО-ДПМНЕ е од далекусежно значење излегувањето на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан од семејството на Европската народна партија (ЕПП). Судбината на Никола Груевски за партијата е важна, но многу поважни сега се дилемите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ кога од ЕПП го снема нејзиниот најважен пријател. Можеби единствениот на кој безрезервно можеше да се потпре во демохристијанското семејство. Кога во средината на јануари Христијан Мицкоски и Александар Николоски беа во Будимпешта на средби со Орбан и шефот на дипломатијата Петер Сијарто (потоа и во Љубљана и во Загреб) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа го објави како дипломатска офанзива. Последниве години тој секогаш ги посетува истите луѓе од земјите на ЕУ. По разговорите со Орбан Мицкоски изјави: „Ги продолживме разговорите за внатрешните случувања во рамките на ЕПП, се согласивме и го поздравивме изборот на новиот претседател на нашата сестринска партија ЦДУ во Германија и очекуваме плодна заедничка работа помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ, Фидес и ЦДУ“. Сега од трите сестри останаа само две, затоа што Фидес веќе не е во ЕПП.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Вакцинални и други парчиња од македонскиот мозаик

-Обединети нации на Македонија

-Кој може да биде задоволен од пресудата за Мијалков

Од настаните во „семејната драма“ во ЕПП ВМРО-ДПМНЕ би требало да извлече одредени заклучоци и да размисли како и каде ова раководство ќе ги јакне врските. И кон каква идеологија ќе се приклони. Кон орбановската што ја заговара Јанез Јанша, кон малку помеката на австрискиот канцелар Себастијан Курц или кон класичниот демохристијански правец на најголемиот дел од партиите во ЕПП.

Пораката на Твитер на претседателот на ЕПП, Доналд Туск, по објавата на унгарската партија дека ја напушта ЕПП, би требало да биде доволно отрезнувачка за вмровското раководство: „Фидес ја напушти христијанската демократија. Всушност, тој замина уште пред многу години“.

Фактички и ВМРО-ДПМНЕ ја напушти христијанската демократија пред многу години. Кога Груевски ја зароби државата и „сестринската“ ЦДУ (клучната партија во ЕПП) почна да се оддалечува од ВМРО-ДПМНЕ. Последниот скандал во Германија и оставката на пратеникот Тобијас Цех поради тоа што лобирал во 2016 година за Груевски да може да го поправи драматично нарушениот поглед за него во Берлин, и речиси пет години подоцна го покажува намалениот маневарски простор на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот стеснет круг на пријатели. Тобијас Цех е од сестринската партија на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија од Баварија (ЦСУ). Баварската партија подолго време е единствениот слободен вентил за ВМРО-ДПМНЕ во Германија. Но по сегашниот скандал и фотографиите на Груевски кои ги исполнија германските весници, ЦСУ сосем веројатно дека ќе сака да ги минимизира контактите за да не си нанесе уште поголема штета пред федералните избори во септември.

Berlin Bundestag  Tobias Zech CSU MdB
Тобијас ЦехФотографија: Christian Spicker/imago images

Со Орбан или без него

Пред повторното доаѓање на власт во 2006 година европеизирањето на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од поширок проект – преку модернизирањето на партијата да се модернизира и државата. Тоа беше исклучително успешно направено со домашни и со странски ресурси. Главната странска помош дојде од конзервативната германска фондација „Конрад Аденауер“, а домашните структури преку филозофско-политичка рамка ја обликуваа идеолошката основа на партијата. Тоа беше проект кој имаше смисла и се раководеше според идеолошки начела. Затоа ВМРО-ДПМНЕ во тие години од 2006 до 2009 беше оценувано како партија која работи според програма и партија која умешно владее. Потоа, колку што моќта беше поголема, толку идеологијата беше фрлена настрана, па скокна во трлото на национализмот, поделбите, антиквизацијата... Кога европските пријатели на партијата не можеа да ја препознаат таа во последните години од владеењето таа се сврте кон оној кој имаше големо разбирање за таа инстинктивна илиберална трансформација – Виктор Орбан. Таа трансформација се одвиваше речиси според истиот рецепт по кој се промени Орбан, кој од демократски бунтовен студент во 1989, а потоа лидер на младите демократи од партијата Фидес се претвори во авторитарен премиер со кој секоја европска западна демократија внимава да ги држи односите на разумна дистанца.

Едно потсетување: Мицкоски и Николски беа заедно во Будимпешта и летото 2019 година, некој месец по европските избори. Овдешните најтврди опозициски медиуми пишуваа со егзалтација за „новата улога на Орбан во Европа по европските избори“. Пишувајќи нашироко за посетата на Мицкоски тие објавија панагирици за Орбан, за тоа колку тој тогаш бил силен во ЕУ, па ќе ја обликувал и нејзината надворешна политика; па како некаков Супермен ќе бил несовладлив за бриселската бирократија.

Ungarn Corona-Pandemie | Viktor Orban
Фотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

Од тоа сега нема ништо. Орбан е отфрлен и изолиран во ЕУ. Анкетите во земјата веќе не одат во негова корист – обединетата опозиција која ќе настапува заедно на изборите есента 2022, неколку месеци има предност од пет проценти, а и повеќе. Со излегувањето од ЕПП Орбан сака да го поврати патриотското расположение со кое ги доби изборите во 2018 година. Но во кое политичко семејство би можел да отиде? Двете други поголеми групации во ЕП кои се претставници на националистичката и крајната десница – Европските конзервативци и реформисти, и Идентитет и демократија – би сакале да ја видат партијата на Орбан во нивните редови. Во првата доминантен глас се владејачките националисти во Полска на Јарослав Качињски, а во втората радикалните десничари на Матео Салвини и Марин Лепен.

Дали ВМРО-ДПМНЕ би можела да го следи „големиот пријател“ (како што го оценува Мицкоски)? Тешко е да се верува, но прашање е дали може да се исклучи кога изворите за опстанокот на партијата доаѓаат од славините во Будимпешта.

Тоа, отприлика би била парафраза на онаа славна порака на астронаутите од „Аполо 13“ – „Хјустон, имаме проблем“. Сега тоа би можело да се каже – „Будимпешта, имаме проблем“. И таа порака подеднакво е адресирана и кон кралот во егзил и кон неговите патрони во тамошната влада.

Денови и месеци на големи искушенија за вмровското водство. Ова излегување на Фидес од ЕПП веројатно им ги отвори очите дека Орбан го гледа првенствено својот спас и во овој момент малку мисли на оние што што егзалтирано се насладуваа на илибералниот гулаш. Доколку вмровскиот труст мозоци остане приврзок на Орбан ќе ги оддалечи и оние малку партнери што им останаа во ЕПП. Доколку се оддалечи од Будимпешта може да секнат славините, а и судбината на Груевски да влезе во неизвесност. Тоа не е лесен избор, но ќе дојде моментот кога ќе треба изјаснување. А тој може да дојде многу брзо.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар