1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата си гради алиби

18 септември 2018

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ веќе почнаа со јавни изјави дека ќе гласаат на рефередумот и дека се против бојкот. А приврзаници на бојкотот се најдоа во анализа на угледниот портал „Политико“

https://p.dw.com/p/353P1
Mazedonien Skopje - Proteste der Opposition gegen Namensänderung
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По бројните критики дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдумот донесе „став кој не е став“, партијата сега испраќа и други пораки кои наликуваат на обезбедување алиби доколку нејзините политики бидат поразени на плебисцитарното изјаснување.

„Она што е доста евидентно, е начинот на кој што власта пробува во последен момент да ја вовлече ВМРО-ДПМНЕ во целата оваа прикаска, бидејќи се поевидентно е и за нив дека нема да успее референдумот (...) Се погласни се и шпекулациите дека СДСМ е спремно да се дрзне и на фалсификат на самиот референдум, и се надевам дека граѓаните нема да го дозволат истото. И ние како политичка партија ќе застанеме на вистинската страна и нема да дозволиме какво било понатамошно урнисување на државата“, изјави синоќа Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, по средбата со граѓани на Велес.

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ го легализираше тивкиот бојкот

-ВМРО-ДПМНЕ без став ја дочека и кампањата за рефeрендумот

-Петар Богојески: И гласот „против“, е глас за Македонија

Тој најави дека партијата планира најмалку уште еден протестен марш за кој дополнително ќе биде и објавена локацијата и времето на одржување. На новинарско прашање - „дали освен протестните маршеви, партијата планира до референдумот да одржи и граѓански средби, на кои можеби ќе ги соопшти ставовите зошто да се бојкотира референдумот“, Јанушев даде дециден одговор. „Партијата не донела став да го бојкотира референдумот. Партијата се реши за најдемократскиот и најслободоумен начин на изразување на граѓаните, каде што повеќе пати објаснивме дека ова е прашање кое што е над сите политички партии, дека е над кој било поединец во Република Македонија“, изјави Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. 

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Влогот за рефрендумот

На тема „Кој е влогот за рефрендумот“ денеска ќе се одржи дебата на која се очекува да говорници да бидат министерот за надворешни работи, Никола Димитров, европратеникот Ханес Свобода, претседателот на Комисијата на надворешни работи на германската ЦДУ Норберт Ретген, заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, како и претставници на домашни граѓански организации. Од опозицијата со интерес го очекуваат ставот на претставникот на ЦДУ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ. Особено во време кога и во самата партија постои големо разногласие. Поранешни и сегашни функционери веќе јавно порачаа дека партијата треба да има подециден став за референдумот. Покрај Богојески, кој изјави дека и „гласот 'против' е глас за Македонија“, и поранешниот партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров вчера декларираше дека ќе излезе на референдумот и ќе гласа „против“. Се уште не е познат личниот став на партискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој најави дека тоа ќе се знае на 30-ти септември. Извори во партијата кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ требаше јавно да повика на гласање, макар и „против“, во изминатиот период брифираа дека „е важно и Иванов да не го кочи процесот“. Токму кај Иванов од вчера е видлив поинаков речник, за што сведочи соопштението издадено по средбата со американскиот скретар за одбрана. Во него воопшто не се спомнува референдумот, ниту ставот кој Иванов им го предочуваше досега на сите странски соговорници - дека „ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош Договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, отколку што се затвораат.“  

Извори од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не е добро партијата да остане „настрана од историските процеси, ниту запаметена само по безличен став, кој не прави јасна и безбедна дистанца од оние кои заговараат бојкот“. Сличен став вчера промовираше и Никола Тодоров.

„ВМРО-ДПМНЕ не смее да бојкотира. Не смее да биде гласна група на граѓани со чиста мисла, кои се контаминирани со лажица фекалии. ВМРО-ДПМНЕ мора да биде силно мнозинство, и затоа не може да си дозволи да бојкотира“, рече Тодоров.  

Контаминирани за бојкот

Ставовите на оние кои се контаминирани со идејата за бојкот, ги опишува Бруно Макаеш, во текстот под наслов „Нека почнат големите балкански игри“, објавен во угледниот портал „Политико“. Макаеш, кој е поранешен португалски министер за Европа и соработник во Институтот „Хадсон“ во Вашингтон, во Скопје разговарал со Јанко Бачев, претседател на единствената отворено проруска партија,  „Единствена Македонија“.
„Бачев се бори против предложената промена на името за земјата. Заедно со други мали партии, 'Единствена Македонија' ќе го бојкотира референдумот закажан за 30-ти септември, но Бачев е подготвен да направи многу повеќе. Тој е близок со Александар Дугин, рускиот филозоф и пропагандист познат по своите врски со секое реакционерно движење во Европа. Телохранителот на Бачев, кој седи до него, вели дека кога партијата го донела Дугин да одржи говор во Скопје, запрашан како би реагирале неговите сонародници на предлог за менување на името на Русија, Русинот одговорил: 'Би убиле'“, пишува Макаеш.

Bildergalerie Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/V. Abdul

Дали е ова игра - нова голема игра - помеѓу Русија и Западот? - прашува реторички  авторот.

„Брисел сака да ја претвори Македонија во нормална држава. Русија, исто така, има интерес за исходот од референдумот. Што се однесува до неа, да се изгуби Црна Гора - малата балканска земјка која се придружи на НАТО во 2017 година  - може да се смета за несреќа. Да се изгубат и Црна Гора и Македонија може да се смета за негрижа“, анализира Макаеш.

Притоа додава дака „руската амбасада во Скопје е шпионско гнездо, трет и најмал агол во триаголникот кој ги вклучува и Белград и Софија“.

„Предводена од митскиот Олег Шчербак, соученик на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, амбасадата разви моќна шпионска машина. Официјално може да се пофали со пет разузнавачи: еден специјализиран за енергетски прашања, а двајца зборуваат совршен албански и се задолжени за справување со националното малцинство“, пишува авторот.