Германија: Осомничениот го призна политичкото убиство
26 јуни 2019Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер денеска во Берлин ја потврди информацијата за признанието на осомничениот Штефан Е., која на седницата на Комисијата на Бундестагот за внатрешни работи во Берлин ја соопштил првиот човек на Врховното обвинителство на Германија, Петар Франк.
Штефан Е. е повеќекратно осудуван, има десноекстремистичко минато и одамна постои сомневање дека тој е извршител на убиството на претседателот на округот Касел, Валтер Либке од Христијанско-демократската унија, во почетокот на јуни годинава.
Осомничениот десноекстремистички убиец тврди дека одлуката за извршување на делото ја донесол самиот. Но, постои сомневање дека тој сака да прикрие евентуални соучесници. Истрагата за ова „политичко убиство“ уште не е завршена и ќе биде интензивно засилена, истакна германскиот сојузен министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер.
Повеќе:
Смртни закани од неонацисти за политичари во Германија?!
Листи со „непријатели“ на Германија
Десничарскиот терор и потфрлањето на државата
Врховното обвинителство во понеделникот соопшти дека смета оти убиството на Либке е дело на поединец од десноекстремистичкото милје. Валтер Либке беше убиен ноќта на 2. јуни на терасата на својата куќа во Волфхаген-Ишта со истрел во главата. Либке се залагаше за прифаќање бегалци, поради што повеќепати добиваше закани од десничарски екстремисти. 45-годишниот Штефан Е. во саботата утрото беше приведен од страна на специјална полициска единица како итно осомничен за убиството. Тој е откриен со помош на неговата ДНК. Во неговото досие стои дека уште во 1993. година, кога имал 20 години, извел бомбашки напад врз сместувалиште за азиланти. Тогаш запалил автомобил во кој претходно поставил бомба, а на азилантите им успеало да го изгаснат огнот пред бомбата да експлодира. Штефан Е. за тоа бил осуден на затворска казна. Казнуван е и за нанесување телесни повреди, како и за уште едно подметнување пожар чија заднина била омраза кон странците. На удар на законот бил и поради нелегално поседување оружје.