Откажана утрешната лидерска средба
18 јули 2019Лидерската средба на која утре требаше да се расправа за Законот за обвинителство, пописот, Изборниот законик и други актуелни теми, е откажана, дознава ДВ од извори во СДСМ. Тоа на вечерашниот состанок на Централниот одбор на партијата го потврдил и партискиот лидер Заев.
Образложението било дека без присуство на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема причина да се одржува состанокот на кој требаше да присуствуваат и лидерите на ДУИ и Алијансата на Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска потврдија дека Мицкоски не планира да се појави на средбата доколку на неа не се разговара за организирање предвремени парламентарни избори.
„Како што пред неколку дена најави претседателот, нема да се појави на лидерската средба. И доколку има некаква лидерска средба, таа лидерска средба ќе биде само за разговор за предвремени парламентарни избори“, изјави претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска.
На Заев му се потребни гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за Законот за јавно обвинителство, кој е еден од условите за европската интеграција на земјата.
На седницата на Централниот одбор во проширен состав со пратениците, министрите, градоначалниците и претседателите на општински организации, вечерва не се разговарало за скандалот со случајот „Рекет“, но била донесена декларација со која им се дава поддршка на сите институции во државата да продолжат со бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата во државата, и јакнење на правната држава со создавање услови за целосно владеење на правото. Декларацијата ја предложил премиерот Заев и таа била едногласно изгласана од присутните.