1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите си најдоа поле за политикантски натпревар

16 февруари 2022

Владата тврдеше дека е формирана работна група со мандат за изработка на целосно нов Изборен законик, но за тој процес говорат само партиите и нивните интереси. Стручна дискусија нема.

https://p.dw.com/p/475T5
Колку е блиска или далечна промената на македонскиот изборен модел?
Колку е блиска или далечна промената на македонскиот изборен модел?Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Барањата за промена на изборниот модел со кои партиите различно лицитираат со потреба од една, три или осум изборни единици, открива дека сите чукаат на отворена врата, но и дека зад вратата подолг период ништо не се се случува, иако се најавуваа амбициозни планови.

ДВ дојде до содржината на мислењето на Владата кое таа лани во април го го доставила до Собранието, откако пратеници од помалите партии на 5-ти март 2021 година доставија Предлог закон за изменување и дополнување на Изборниот закон, со кој се предлага РСМ да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг. Предлогот е потпишан од пратениците Павле Трајанов (ДС), Маја Морачанин (ДОМ), Моника Зајкова и Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-НП) и Бејџан Иљас од ДПТ. Мислењето на Владата за овој предлог е испратено до Собранието со потпис на првиот вицепремиер Артан Груби, а одговорот гласи: „Владата не дава позитивно мислење...“

Во образложението на мислењето се потсетува дека во рамки на Министерството за правда кон крајот на декември 2020 година е формирана интердисциплинарна работна група (со претставници на државни органи, науката, ДИК, ДКСК, ДЗР, АВМУ, од невладиниот сектор и од неколку парламентарни партии) и дека нејзината работа е поддржана и набљудувана од од страна на меѓународни организации кои во изминатите 20 години го набљудуваат изборниот процес во земјава (ИФЕС, ОБСЕ/ОДИХР, НДИ, ЕУ).

„Мандатот на работната група е изработка на целосно нов Изборен законик, со оглед на фактот дека од 2006 година до денес веќе се извршени повеќе од триесетина измени и дополненија што го прават Изборниот законик неконзистентен, тешко читлив и сложен за имплементација“, се вели во мислењето на Владата.

Седиштето на македонската влада
Седиштето на македонската владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сега мали измени, а потоа нов закон

Како образложение за негативното мислење на Владата, се посочува дека во пресрет на локалните избори, бил разгледуван извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во однос на предвремените парламентарни избори од 2020 година, кој содржи одреден број приоритетни препораки што треба да се надминат пред организирањето на следниот изборен циклус. Владата во тој моментот предност им дава на препораките за корекции за потребите на локалните избори и дека разгледувањето на предлогот за промена на изборниот модел ќе следи потоа. 

„Како една од клучните препораки на ОБСЕ/ОДИХР е какви било измени на изборните правила да се дефинираат барем шест месеци  пред одржувањето на изборите, со цел истите да им бидат познати на сите учесници во изборниот процес а бидејќи во спротивно е постапување спротивно на меѓународните добри практики, се наметна како неопходност преминување кон итни измени на Изборниот законик пред локалните избори со фокусирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, по што ќе се разгледува и предлогот за промена на изборниот модел. Работна група ќе продолжи со својата работа и по донесувањето на дополнувањата на Изборниот законик и ќе работи на целосно нов Изборен законик. Имајќи го предвид сето погоре наведено, Владата не дава позитивно мислење за предложениот текст на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик поднесен од група пратеници, и му предлага на Собранието да не го денесе Законот“, е наведено во мислењето од Владата од април 2021 година.

Речено - сторено. Во „пет до 12“, осносно 12 дена пред почетокот на изборната кампања за локалните избори, власта и опозицијата со двотретинско мнозинство изгласаа измени и дополнувања на Изборниот законик, поврзани со дополнителни гаранции за спроведување на локалните избори. Објаснувањето беше дека со тие измени и дополнувања  се зголемува отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес, како и потврдата дека изборите ќе се спроведат под строга контрола и со почитување на утврдените протоколи за организирање безбедна кампања и гласање во услови на актуелната пандемија.

Монолзи има, дијалог нема

Но, и локалните избори поминаа, а до денес нема ништо од тврдењето на Владата дека се работи на подготовка на нов Изборен законик, ниту информации дека работната група заседава по тоа прашање. Особено, што и покрај негативното мислење на Владата за предлогот на малите партии, од „Илинденска“ број 2 сепак оцениле дека работната група треба да го има предвид и тој предлог. 

„Владата смета дека е упатно доставениот предлог да биде разгледан од работната група за изработка на Изборниот законик, со цел истиот да биде предмет на поширока дискусија помеѓу струката и политиката, а конечниот предлог за измени на Изборниот законик да биде резултат на сеопфатен, инклузивен и консултативен процес, со цел гарантирање на правната сигурност“, се вели во завршниот дел од мислењето на Владата.

Засега е гарантиран само збир од партиски монолози за промена на изборниот модел, со оглед дека ја нема најавуваната „поширока дискусија помеѓу струката и политиката“, па по прашањето на изборниот модел со различни ставови се изјаснија речиси сите партии.    

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве ова го нарече едно од „многуте отворени внатрешни прашања".

„Тука се темите за една изборна единица, постоењето на нефункционалната пржинска влада, намалувањето на бројот на пратениците во Собранието за пофункционален законодавен дом. Се чини дека многу јасно се виде дека на сите овие прашања се удавија владините партнери СДСМ и ДУИ и излезе на површина нивниот неискрен однос“, рече Мицкоски.

Од седница на македонското Собрание
Од седница на македонското СобраниеФотографија: Presidency of North Macedonia

Во вечерашното гостување на ТВ „Алсат М" членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски, истакна дека првичните чекори на партијата се фокусирани на потребата од промена на политичкиот систем.

„Потребна е промена на политичкиот систем бидејќи ние имаме целосно окупиран политички простор од мали елити на малку политички партии“, оцени Клековски.

„За мене, долгорочниот интерес на државата е зголемена легитимност на Собранието. Тоа бара дијалог помеѓу партиите. Во моментот ВМРО-ДПМНЕ се залага за една изборна единица, Алијанса за Албанците за осум изборни единици, ДУИ за три. Сите избегнуваат да го отворат прашањето за отворени листи“, рече Клековски.

Со оглед дека во моментов не постои консензус за бројот на изборни единици, неизвесно е дали воопшто ќе се најде модел што ќе ги обедини партиите. На овој аспект деновиве се осврна ВМРО- НП и повика да се побара компромис.

„ВМРО- Народна партија ја поздравува иницијативата за отворање на дискусија околу промената на изборниот модел во ‘една изборна единица', но како што се развива дебатата и правецот на дискусиите, се плашиме дека целата иницијатива набрзо ќе пропадне. Затоа ВМРО-Народна партија предлага да се побара компромис во предлогот на ДУИ и БЕСА за изборен модел кој опфаќа три изборни единици без долен праг. Длабоко сме уверени дека и ваквата промена е сепак подобра од моменталниот изборен модел и дава поголеми шанси на малите политички партии“, соопшти партијата.