Петков: Бугарската позиција кон С. Македонија ќе се надгради
11 декември 2021Копретседателот на партијата Продолжуваме со промени, Кирил Петков, е на пат да стане нов бугарски премиер. Откако вчера четири партии договорија заедничка коалиција, Петков на претседателот Румен Радев денеска му ја предаде листата со своите избраници за министри. Бугарскиот парламент в понеделник треба да гласа за изборот на премиер.
„Сега носите одговорност да го реформирате лошото раководство и да ја надминете корупцијата, самоволноста, нееднаквоста и неправдата“, изјави денеска Радев при номинацијата на Кирил Петков.
„Нема да губиме ни една минута и нема ни еден лев да потрошиме на нелегален начин“, изјави Петков. 41-годишниот дипломец од Харвард и бизнисмен вчера по повеќемесечната политичка криза постигна коалициски договор со уште три партии за формирање влада.
Продолжуваме со промени на средината на ноември, на третите парламентарни избори во рок од шест месеци, неочекувано излезе како најсилна политичка сила во земјата,пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.
Во однос на Северна Македонија, Кирил Петков изјави дека бугарската позиција останува непроменета, но ќе биде надоградена. Негова цел е во поглед на односите со соседот да не продолжи само со декларативни определби и слогани, туку преку заедничка работа и комуникација да се постигне билатерално решение.
Бугарија со своето вето го блокира пристапниот пат на Северна Македонија во ЕУ. Петков во интервју за германскиот магазин Шпигел во вторникот оцени дека ќе бидат потребни шестмесечни преговори за да се дојде до решение. „Давањето зелено светло за почеток на преговорите сега, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите на обете страни“, рече Петков за Шпигел.