1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петти октомври: Раѓање на одамна заборавената надеж

Немања Рујевиќ
5 октомври 2020

Ден кога Србија стана дел од светот или ден кога некои бараби го палеа Собранието? Дваесет години по падот на Милошевиќ многу од придобивките на Петти октомври се поништени, велат соговорниците на ДВ.

https://p.dw.com/p/3jR9u
Proteste gegen Milosevic in Belgrad, Jugoslawien
Познатиот багер пред зградата на српскиот парламент (архива, 5.10.2000)Фотографија: AFP/Getty Images/D. Kojadinovic

Тој ден Андреј Ивањи го памети по тоа што се изнаработел. Денешниот уредник во неделникот „Време“ во текот на бомбардирањето во 1999. многу пишуваше и известуваше за германските медиуми, а на петти октомври 2000. беше еден од ретките новинари во Белград кои знаеја германски. Странските новинари беа набрзина протерани од Србија.

„Телефоните не престанува да ѕвонат уште од рано наутро. Се сеќавам дека буквално не можев да кренам глава, извештаи, вклучување за радио и телевизија, сигурно беа околу шеесетина, и така цел ден“, раскажува Ивањи за ДВ.

На улица излегол дури попладнето. „Во истата секунда сфатив дека тоа е пуч. Бидејќи во улицата 'Крал Милан' едвај успеав да се протнам во масата луѓе, не можеше да се оди. Почнаа првите солзавци, но по лицата на луѓето се виде дека не се подготвени да се повлечат“, вели Ивањи, „а потоа се вратив дома да работам."

Тоа беше последен пат светските медиуми со денови, како на лента, да известуваат за случувања во Белград. Тој ден, кога стотици илјади луѓе на улица го принудија поранешниот претседател Слободан Милошевиќ да го признае изборниот пораз од Воислав Коштуница, делуваше толку голем, многу поголем отколку што делува денес.

Пропаднати илузии

„Резултатите од Петти октомври се толку мизерни што тој настан го загуби долгорочното историско значење“, вели за ДВ историчарот Милан Ст. Протиќ, еден од истакнатите опозиционери во редовите на ДОС, а подоцна и амбасадор во САД и Швајцарија.

На коментарот дека по смената на Милошевиќ тогашната СР Југославија сепак влезе во Обединетите нации, доби меѓународна поддршка, исплатени беа заостанатите пензии, а платите повеќекратно се зголемени, Протиќ одговара: „Тоа што се случуваше за време на Милошевиќ беше толку извитоперено, што враќање во нормала не може да се смета како успех."

Milan St. Protic
Милан Ст. Протиќ во говор на 6 октомври 2000 година пред зградата на парламентот во БелградФотографија: Getty Images/B. Nadezdic

Нагласувајќи дека Милошевиќ „не беше аномалија, туку логичен и погубен крај на еден поглед на светот кој уште од почетокот беше погрешен“, Протиќ вели дека власта по Петти октомври била разновидна и во принцип неподготвена и нерешителна.

„И партократијата и едноумието и цензурата потекнуваат од времето на Тито, и идеолошкото перење мозоци и политиката на четири столба – Европа, Русија, Кина и Америка – тоа сѐ е Титово наследство“, вели Протиќ. „Тоа е начин да се зачува апсолутната власт, а тоа е нашиот проблем – неконтролирана власт, од Броз, преку Милошевиќ, Коштуница и Тадиќ, до денешниот башибозук."

Ивањи пак вели дека е „во ред да се биде разочаран и да се зборува за пропаднати илузии“. „Но треба и да се потсетиме во каква состојба ја затекнаа земјата лидерите на промената, а немаа никаква контрола врз носителите на силата и влетаа во разноразни аранжмани. Чистењето на системот е долготраен процес кој во тоа време никогаш не се случи. Тоа го покажува и убиството на Ѓинѓиќ."

Милан Ст. Протиќ е уверен дека сѐ би било поинаку ако веднаш по промената имало поголема доза на храброст. „Не мислам дека за влез во Европската унија се клучни формално поставените услови, поглавјата кои се отвораат и затвораат. Убеден сум дека е тоа параван." „Србија има суштински проблем со ЕУ кој се однесува на статусот на Косово. Претходно тоа беше проблемот на соработка со судот во Хаг. Да имавме волја и сила овие две прашања да ги решиме уште тогаш, кога дојдовме на власт, веќе одамна ќе бевме дел од ЕУ, гарантирам“, категоричен е Протиќ.

Serbien Sturz von Slobodan Milosevic -  Demonstranten zerstören Polizeiauto
Демонстранти на 5 октомври 2000 година во Белград превртуваат полициско возилоФотографија: Sasa Stankovic/dpa/picture-alliance

Кругот се затвори

Денес Србија кон Европската унија формално ја води Александар Вучиќ, кој на Петти октомври беше на поразената страна. Многу коментатори во враќањето на власт на коалицијата на поранешните Радикали и Социјалисти гледаат и конечен колапс на петтоктомвриските достигнувања, па дури и последниот меѓу нив - слободни избори.

Режисерката Мила Турајлиќ пред пет години во интервју за ДВ – а тоа беше најчитаниот текст на ДВ на српски јазик во таа година, што значи погодила во нерв – тоа затворање на кругот го опиша вака: Некој кој е роден во Србија во 1990, кога се родил почнала војната. Кога имал пет години, војната завршила. На девет доживеал бомбардирање, на десет 'револуција', на тринаесет му е убиен премиерот.

„На осумнаесет години, Демократската партија реши дека ќе оди во коалиција со истите оние против кои твоите родители демонстрираа на улица. Кога си наполнил 22, на власт дошла радикално-националистичката партија во ново руво, и тоа со благослов на Европската унија, која ги смета за сосем соодветни за да ги протуркаат стратешките интереси“, рече тогаш Турајлиќ. „Ќе се умориш барајќи цврсто тло да застанеш, бидејќи насекаде е мочуриште. Мислам дека тоа е причината поради која младите си заминуваат од земјава", ја опиша режисерката состојбата на апатија.

Proteste gegen Milosevic in Belgrad, Jugoslawien
Демонстрант зборува со полициски службеници на 5 октомври 2000 годинаФотографија: Getty Images/Hulton Archive/Couple/Global Photos/Liaison

Пред две години големо внимание предизвика конференцијата за медиуми на тогашната претседателка на Собранието, Маја Гојковиќ, која претстави две столчиња кои се вратени во парламентот од каде биле украдени на оној Петти октомври. Тоа беше симболичко резиме на односите на денешната власт - Српската напредна партија кон тој датум. Тој главно се опишува како ден кога власта е насилно преземена, без осврт на изборната победа на Коштуница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот рече дека по Петти октомври се отвори можноста државата да се сврти кон светот, но дека се искористи за „грабеж на државниот имот." Тој обвинува „многу политичари и нивните медиумски претставници“ дека повикуваат на нов Петти октомври, бидејќи веруваат дека само со немири може да се вратат на власт.

„Денешната власт беше поразена на Петти октомври и влече траума и комплекси, бидејќи тогаш им се случи нешто што беше незамисливо", вели Андреј Ивањи. „Многу им е важно да се оцрни секаков можен обид за преврат на улица – се плашат дека нешто слично може да им се случи повторно."

„Затоа се минимизира секаков обид за народен протест, за никој да не посака да излезе на улица", вели овој новинар.

„Идејата е да се заборави дека Петти октомври некогаш влеал надеж. За овие режими е идеално луѓето да изгубат каква било надеж", заклучува Ивањи.