Норвешка се збогува со ковид-рестрикциите
25 септември 2021Најавата дека Норвешка ги укинува рестриктивните мерки кои беа воведени поради пандемијата на коронавирусот, дојде лично од премирката во заминување Ерна Солберг на пресконференција во Осло.
„Поминаа 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во мирновременски период и сега е време да се вратиме повторно во нормален живот“, изјави вчера Солберг и прецизираше дека сите мерки ќе бидат укинати денеска во 16 часот.
Со укинување на мерката за држење физичка дистанца од еден метар ќе се овозможи спортските и културните институции да се вратат во целосен капацитет, а нормално, без ограничување, ќе работат рестораните и ноќните клубови.
Единствено во сила останува одредбата за самоизолација по заразување со коронавирусот. Исто така, постепено треба да бидат укинати и ограничувањата за влез во Норвешка на патници од други земји.
Во Норвешка една доза од вакцината против Ковид-19 примиле 76 отсто од жителите, а 67 насто се целосно имунизирани, покажуваат податоците од националниот Институт за јавно здравје.
Соседна Данска сите рестриктивни мерки ги укина на 10 септември и оттогаш бројот на заразени во земјата константно опаѓа. Денот кога се укинаа мерките имаше 557, а денес има 382 заразени. Данска, исто така, има високо ниво на вакцинирано население. Имунизирани се 86 отсто кај постарите од 12 години и 95 насто кај постарите од 50 години.