1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под лупа да се најдат лажните сведоци за монтираните случаи

4 септември 2017

Во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството, да се донесе закон за проверување на „фактите“ преку кои неосновано се осудени голем број граѓани, предлага ДС. Ќе се отворат ли досиејата на заштитените сведоци?

https://p.dw.com/p/2jIZb
Frankreich Justiz Statue Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Meyer

Собранието денеска треба да распише оглас за избор на нов јавен обвинител. Постапката следи по разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, чин кој власта го најави како „почеток нареформи во правосудството“. Дали е тоа доволно за почеток? Според правните експертите - не! Неодамна работна група изработи Нацрт-стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот од 2017-2021 година со Акциски план, во која се утврдени слабостите во правосудниот сектор и понудени предлози за одредени промени во законската регулатива и досегашна практика. Деновиве, Демократскиот сојуз (ДС) предложи во рамките на таа Стратегија да се донесе посебен закон за проверување на „фактите“ преку кои неосновано се осудени голем број граѓани, односно да се отворат досиејата на заштитените сведоци врз основа на чии сведочења се осудени повеќе лица во фабрикувани случаи.

„По промена на политички систем, но и при промена на власта (посебно ако долго владеела), се создаваат можности за исправање на неправдата преку амнестија, преиспитување на одлуките за лустрација, како и проверување на фактите и доказите кои се користени во голем број судски процеси, а за кои има сомнежи дека во суштина се пресметка на власта со неистомислениците“, објаснува лидерот на ДС, Павле Трајанов.

Како такви, тој ги посочува случаите со апсењето и судењето на Љубе Бошкоски, со затворањето на А1 Телевизија („Пајажина“), „Агент“, „Шпион“, „Фаланга“, „Змиско око“, „Метастаза“, „Ликвидација“, апсењето и судењето на голем број царински работници и полицајци од граничните премини, па се до аферата „Пуч" - случаи во кои се користени посебни истражни мерки (ПИМ).

„Според упатените во судските процеси, од промените во Уставот со кои се дозволи прислушкување, како и со примената на Законот за заштитени сведоци, голем број на судски одлуки се засновани на докази од прислушкувани разговори (често пати делови од телефонски разговори надвор од контекстот на целината на разговорот) и сведочења од заштитени сведоци (лажни), без постоење на други релевантни докази. Затоа, предлагам во Стратегијата за реформи на правосудниот систем, да се вгради потребата од проверка на фактите и доказите врз основа на кои се засновани судски одлуки. Притоа, посебно да се обрне внимание на заштитените сведоци, за кои има сериозни сомненија дека се злоупотребувани и употребувани од страна на власта при пресметка со неистомислениците, за остварување на бизнис, политички и други интереси“, потенцира Трајанов.

Според него, отворањето на досиејата на заштитените сведоци во законита постапка, како и повторување на кривичните постапки каде како главен доказ е земено сведочењето на овие 'сведоци', мора да биде еден од врвните приоритети при реформите на судскиот систем и утврдување на одговорноста на судиите.

„Како поткрепа на ова, доволни се да се посочат само два случаи - 'Ликвидација' и 'Љубе Бошкоски', каде има потврдени информаци дека се злоупотебени 'сведоците'. При преоценката на доказите ќе се утврди и одговорноста на раководните и други работници во МВР, на обвинителите и судиите, како и на нарачателите на монтираните процеси, преку кои на над 500 лица им се прекршени основните права и слободи“, вели лидерот на ДС.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Усогласување на прописите

И во Нацрт - стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот од 2017-2021 година, во еден дел се констатира дека „системот за заштита на сведоците востановен во 2005 година, укажува на бројни проблеми и недоследности во примената“.

„Со оглед дека Законот за заштита на сведоци се применува повеќе од една декада, а во меѓувреме во казнено-правниот систем настанаа крупни легислативни измени, се наметна потребата за преиспитување на определени одредби содржани во него. Министерството за правда работи во насока на прилагодување кон воочените проблеми во практичната примена, како од аспект на мерките за заштита, институционалното јакнење и функционалноста на предвидените органи со постојниот закон (Советот за заштита на сведоците и Одделението за заштита на сведоците), така и на негово усогласување со другите прописи од казнената област. Исто така, еден од приоритетите во однос на овој Закон е да се уреди прашањето за заштита на сведоците во постапките за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во Нацрт - стратегијата.

Почетокот на реформи во правосудниот сектор се очекува да започне по локалните избори. Во Нацрт- стратегијата се посочени повеќе предлози во разни сегменти. До нејзината имплементација ќе стигнуваат и нови. Меѓу нив е и предлогот на ДС, да се укинат законите за формирање на Совет за утврдување на факти, како и Комисијата за воедначување на казните, оценет како „апсурд кој не го познава светската практика“.

Mazedonien Velija Ramkovski
Велија Рамковски: потребна е корекција на неправдатаФотографија: Makfax

Политички прогони

Забелешките за злоупотреба на заштитени сведоци и монтирање случаи, не се нови. Минатата година беше основан Комитет за заштита на правата, како што беше речено, „поради повреди на слободите и правата на граѓаните направени преку злоупотреби од страна на режимот, преку партизација и суспендирање на уставните и законските надлежности на институциите, особено правосудните“. Координаторот на Комитетот, Ване Цветанов, соопшти дека во него членуваат лица кои имаат интерес за заштита на своите слободи и права и основните вредности на Уставниот поредок, особено граѓани кои претрпеле неправда и биле предмет на политички монтирани судски процеси и на реваншизам. Беше најавено дека Комитетот особено ќе се залага за правично и законито постапување во случаите „Шпион“, „Монструм“, „Ликвидација“, „Ровер“, „Мартин Нешковски“, „Јустиција“ и други слични случаи.

Минатиот месец, бизнисменот Велија Рамковски и сопственик на некогашната „А1“ телевизија, кој помина повеќе од седум години во затвор, во интервју за „Слободен печат“ сподели слични забелешки.

„Со постапки без докази, со политички прогони, поради бизнис-интереси на групацијата што владееше, па и поради ситни интереси на поединци, од 800 затвореници, 'Идризово' дојде до 2.000 затвореници. Поединечното преиспитување на сите пресуди не е возможно, тоа е јасно. Но, мислам дека една општа корекција на таа неправда е потребна. Амнестијата, како акт на милост, како мерка се практикува во многу држави и таа не значи зголемување, туку сосема обратно - намалување на криминалот. Мислам дека ни е потребна амнестија од најмалку 50 отсто од вкупните затворски казни“, порача Рамковски.