1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Кога пожарите ќе стивнат

18 август 2021

Во државава, вака килава како што сме ја направиле, доколку не се преземат радикални мерки за превенција од големи штети при природни катастрофи, може да се соочиме со тотален крах на системот. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3z6c4
Waldbrände in Nordmazedonien
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Ова лето бевме сведоци на пожари од големи размери во државава. Изгореа хектари и хектари шума, беа уништени домови, селски стопанства, животи. Луѓето немоќно гледаа како државата е во пламен. Во мојата претходна колумна се осврнав на климатските промени и негативните влијанија кои тие ги имаат на планетава. За жал, секому кој и малку е запознаен и заинтересиран на тема климатски промени му е јасно дека што и да се преземе, многу тешко е планетата брзо да се рехабилитира од тоа што ние, луѓето, водени од алчност и го направивме. Јасно е дека во наредниот период природата ќе му враќа на човекот за сето зло кое човекот ѝ го нанесе. Ова значи дека пред нас е една епоха на големи природни катастрофи во кои човештвото ќе биде жртва на сопствениот развој. Ќе страда и природата, ама ќе страда и човекот и економијата, па јасно е дека државите ќе бидат принудени да ги сменат приоритетите и пристапот во делувањето. Во нашава држава, вака килава како што сме ја направиле, доколку не се преземат радикални мерки за превенција од големи штети при неминовните природни катастрофи, може да се соочиме со тотален крах на системот, големи човечки жртви, разорување на економијата и уништување на земјоделството.

Пожарите ќе стивнат, ќе дојдат поплавите. Катастрофи во низа. Денес на една локација, утре на друга, задутре на неколку истовремено. Државата ќе ги проценува штети и ќе ги исплаќа во некој процент, кој со тек на време ќе биде сѐ понедоволен да ја покрие вистинската штета. Ова значи дека во наредниот период државата ќе треба да алоцира многу повеќе средства за обесштетување од природни катастрофи. Ова, во комбинација со неопходноста за алоцирање на средства за борба против пандемијата која ќе потрае, ќе значи сѐ помалку средства за капитални инвестиции и за развој на државата. Државата ќе гори, куќите ќе се поплавуваат, економијата ќе тоне, државата нема да може да ги финансира сѐ поголемите непредвидени расходи. Ова е извесно предвидување, а не негативна мисла.

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Многу често сме склони да зборуваме дека ни недостасува систем и дека мора да изградиме систем. Во случајов, систем имаме, она што ни недостасува се ресурси и знаење во системот. Системот кој го имаме се вика управувачки комитет, систем кој сум го водел и кој добро го познавам, и кој е добро поставен на хартија. Се знае како се свикува, кој го раководи, како се носат одлуките и како се спроведуваат. Сите чинители што треба да бидат дел од системот се вклучени. Но, што фајде од тоа? Ќе се состане управувачкиот комитет и ќе донесе одлука пожарот да се изгасне и овој ќе послуша?! Ни требаат ресурси, материјални и човечки.

Најнапред да потенцирам дека не беше дозволиво и беше страшно неодговорно двата авиона за гаснење пожар кои ги имаме да не бидат во функција. Не недела или две, туку години. Тоа е минирање на системот за одбрана од катастрофи. Причина за ова е што Дирекцијата за заштита и спасување, предолго е жртва на партиско политички поткусурувања. Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, верувајте, во наредните децении ќе бидат едни од најспоменуваните институции во државата. Од нас зависи дали ќе ги спомнуваме како фалични институции во кои и тие ресурси кои сме ги алоцирале нема да се во функција, или ќе бидат институции кои брзо ќе делуваат и ќе придонесуваат кон намалување на последиците од природните катастрофи. Затоа партиите треба да почнат да ги поставуваат своите најспособни луѓе во овие институции.

Други колумни од авторот:

Маркес и Македонците: Една минута помирување

Заев си оди во 2024 година

Зевс е Македонец

Второ што мора да се направи е на овие институции да им се дадат повеќе ресурси. Очигледно е дека мораме да имаме повеќе авиони за гаснење пожар и сите да бидат постојано во функција. Да имаме повеќе хеликоптери кои можеме да ги користиме за гаснење пожари и тие да бидат постојано во функција. Да имаме повеќе модерни возила за гаснење урбани и шумски пожари, сите да бидат во функција и да бидат така распоредени за да можат брзо и ефикасно да стигнат таму каде е потребно. Да имаме човечки ресурси кои се максимално добро обучени за користење и управување со опремата и кои ќе бидат дел од систем за континуирана едукација во својата област, со цел да го трансферираме кај нас сето знаење кое го имаат најразвиените земји на ова поле.

Систем за територијална одбрана од природни катастрофи

Проблемот е што и сето ова да го имаме, повторно нема да можеме да одговориме на сите предизвици и катастрофи. Причината е едноставна. Никогаш ниедна земја, па ни нашата, нема да може да има доволно обучен професионално ангажиран персонал за спасување (пожарникари, спасувачи) за да одговорат на сите места каде е тоа потребно во доволен број. Затоа, ако минатиот век државите во светот беа преокупирани со тоа кој колкава армија има, овој век земјите ќе бидат присилени да се преокупираат со тоа кој колку модерен и екипиран систем за спасување поседува. Ако можеше минатиот век сите да се обучуваат да водат војна, овој век ќе мораме да се обучуваме како да се браниме и справуваме со природните катастрофи. Ни треба армија од обучени луѓе во секое место, во секој град, во секое село. Ни требаат обучени луѓе кои кога природна катастрофа ќе се случи, веднаш професионално и со знаење ќе се вклучат во справувањето со последиците заедно со професионалците кои тоа го работат како занимање. Ни треба нешто слично на системот на територијална одбрана, систем кој го имавме додека бевме дел од Југославија. Ни треба систем за територијална одбрана од природни катастрофи. Овој систем треба да биде составен од добро обучени цивили, кои во случај на катастрофа точно ќе си ја знаат својата улога, ќе знаат за колку време и каде треба да се распоредат (систем на јавки) и што е најважно ќе бидат обучени да ракуваат со опрема, а може и дел од опремата (униформи, маски и.т.н.) да ја должат, односно да ја чуваат кај себе и да се грижат за нејзината функционалност. Вака обучени жени и мажи треба да имаме, како што кажав, во секое место, со цел нивно брзо распоредување и ставање во функција на намалување на последиците од природната катастрофа, без разлика дали станува збор за пожар, поплава, земјотрес, лизгање на земјиште, лавини и.т.н.

Покрај овој систем на територијална одбрана од природни катастрофи неопходно е армијата и полицијата исто така да бидат максимално обучени за дејствување со цел спречување на последиците од природните катастрофи, гаснење пожари, делување во случај на поплави и земјотреси. Јасно е дека сѐ повеќе армијата и полицијата ќе мора да се користат и во оваа улога. И едните и другите мора да имаат ресурси, знаење и систем за брзо распоредување и вклучување во борбата против последиците од природните катастрофи. Истово важи и за здравствениот систем кој мораме да го подготвиме и прилагодиме на она што светото го очекува.

Со жалење констатирам дека човековата алчност го доведе светот во ситуација човештвото да се бори против природата, а природата против човештвото.

За крај, во „Кога јагнињата ќе стивнат“ култниот трилер/хорор филм од 1991 година, Ханибал Лектор (Ентони Хопкинс) ѝ вели на Кларис (Џуди Фостер): „Го изедов неговиот црн дроб со грав и со прекрасно кианти“. Епа, драги мои, човештвото го изеде белиот дроб на планетава, онака, без грав и вино!