Познањ: Датумот за преговори не треба да се одлага
4 јули 2019„Населението (во регионот) е проевропско, но одлагање на интеграцискиот процес и создавање вештачки бариери би можеле да го променат тој став“, изјави шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович (на насловната фотографија) по повод Конференцијата за Западен Балкан во Познањ, Полска, за весникот „Џеник Газета Правна“.
Отворајќи го Форумот за граѓанско општество на самитот во Познањ, Чапутович потенцираше дека „амбициозната политика на проширување на ЕУ е клучна“:
„На политиката на проширување гледаме како на еден од најплодоносните механизми на европска соработка. Преку јакнење на соработката со земјите од Западен Балкан сакаме пред сѐ да ја зајакнеме стабилизацијата и развојот на регионот“, рече Чапутович.
Повеќе:
Конференција за Западен Балкан во Познањ: Патот до ЕУ е трнлив
Меркел: Решавањето на спорот за името е позитивен пример
Шефот на полската дипломатија денеска со министрите од земјите на Западен Балкан во Познањ разговара за потесна соработка во регионот. Германскиот министер за економија Петер Алтмајер, кој исто така учествува на конференцијата, нагласи дека целта на дводневниот самит е зајакнување на регионалната економска соработка и приближување на Западниот Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ уште пред приклучувањето на тие земји во Унијата. Трговијата на Германија со западнобалканските држави во 2018 година достигна 28,5 милијарди евра.
Конференцијата за Западен Балкан, иницирана од страна на Германија во 2014 година, има за цел да им помогне на државите од регионот да се доближат до ЕУ. На самитот во Познањ, покрај шесте држави од Западен Балкан - Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, учествуваат и осум членки на ЕУ и Берлинскиот процес, додека на барање на Полска статус на набљудувач ѝ е доделен на Чешка, за во Берлинскиот процес повеќе да се ангажира и целата Вишеградска четворка.
Македонскиот премиер Зоран Заев ја предводи владината делегација на самитот во Познањ и тој утре попладне, според соопштението на македонската влада, треба на заедничка прес-конференција со премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, со германската канцеларка Ангела Меркел и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, да објави дека Северна Македонија и Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето „ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје“, се додава од владата во Скопје. Инаку, според најавите од македонската влада, на самитот во Познањ треба да биде усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ.