Пораки на поддршка и надеж по бугарското вето
23 јуни 2021Последната бугарска блокада на македонската интеграција во ЕУ предизвика разочарување кај САД и поттикна засилена поддршка од страна на Германија и Велика Британија кои порачаа дека С. Македонија не смее да се откаже од патот кон Унијата, и покрај препреките кои што се појавија. Сите надежи сега се вперени кон претстојното словенечко претседателство, кога се очекува да биде направен позитивен исчекор за одблокирање на евроинтеграциите на С. Македонија и Албанија.
„Остануваме разочарани што ЕУ земјите - членки не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија на вчерашниот состанок, но нема сомнеж дека државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со ЕУ, порача денеска американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, на првиот Скопски економски форум. Тоа се толкува дека е чекор што ќе ја зголеми регионалната стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност.
-повеќе на темата: Бугарија не се пишмани за ветото, студен туш и од Луксембург
Откако Бугарија вчера повторно не даде „зелено светло“ за почеток на преговорите со Македонија на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург, САД порачуваат дека ќе бидат со земјата на секој чекор од ова патување, бидејќи тоа е од интерес за заедничките стратешки цели. Брнз оценува дека С. Македонија ги надмина политичката нестабилност и презема важни демократски реформи. Стана стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регион и покажа дека е подготвена да ги заврши тешките задачи неопходни за остварување на стртаешките цели. Потпишувањето на Договорот од Преспа, членството во НАТО и отворање на патот кон ЕУ се само дел од позначајните успеси. „Сега е време за инвестициите и трговијата да почнат да носат економски бенефит од овие политички победи. Време е за економскиот раст да се зголеми“, истакна Брнз.
Поддршка
Силна поддршка за македонските евринтеграции упати и германската амбасадорка Анке Холштајн. Според неа, приоритет на владите мора да бидат кредибилни и одржливи реформи, а ЕУ мора да стои на своите заложби. „Пристапот ’вие испорачувате, ние испорачуваме’ мора да важи. Важно е пристапните преговори со С. Македонија и Албанија да почнат што е можно побрзо“, порача германската амбасадорка, нагласувајќи идното членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ е заедничка визија и геостратешки интерес. Германија останува цврсто посветена на оваа цел.
Иако португалското претседателство направи се, очекувањата во иднина се насочени кон претстојното словенечко претседателство. Гашпер Довжан, државниот секретар во МНР на Словенија, во онлајн обраќање денеска најави дека претстојното словенечко претседателство со ЕУ во втората половина на годинава ќе биде фокусирано на регионот и ќе се базира на три столба.
Првиот столб е продолжување на процесот на проширување на ЕУ, старт на преговорите со Северна Македонија и со Албанија и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора. Довжан истакна дека португалското претседателство направило многу и оти е убеден оти Слоенија ќе успее да придонесе за исполнување на целите, особено за отворање на преговорите со С Македонија и Албанија. Вториот столб на словенечкото претседателство со ЕУ ќе биде спроведување на економскиот инвестициски план и отворање преспективи за младите, економска сработка во регионот и заеднички регионален пазар. Третиот столб ќе биде создавање платформа за изнаоѓање решенија за отворените прашања во регионот.
Западен Балкан е дел од Европа
„Сите јасно се согласуваме дека членстото во ЕУ е примарна цел и за С. Македонија и за целиот регион. И покрај пречките што се појавуваат на тој пат, не треба да се откажувате“ – ваква порака испрати денеска британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Оценувајќи дека во изминатите три години Северна Македонија многу напредна и ги исполни барањата во врска со стабилноста, реформите, договорот со Грција, Галовеј како најголем проблем ја посочува корупцијата, која што и попречува на демократија и е пречка за развојот на економијата. Укажува дека е потребна и регионална соработка.
И евроамбасадорот Дејвид Гир упати слични пораки на поддршка. Вели дека регионот на Западен Балкан е дел од Европа, неговото минато, сегашност и иднина се поврзани со ЕУ и логично е дека неговата иднина е во ЕУ. „Да не забораваме, тоа е стратешка цел и на ЕУ“, порача тој.
-повеќе на темата: Сите опции за кои говори Пендаровски водат кон една цел-европеизација!
Поддршка за евроинтеграциите пристигна и од соседна Србија. Српската премиерка Ана Брнабиќ смета дека е направен опасен преседан што билатерални прашања, кои немаат никаква врска со европските интеграции, се користат за да се стави вето за европските интеграции на соседна земја на Србија. „Тоа е опасен преседан и дека, за жал, можеби ќе биде користен од некои други членки на ЕУ. Мислам дека тоа не е европска вредност“, изјави Брнабиќ.
Товарот останува на словенечкото претседателство
Товарот за придвижување и решавање на ова прашања сега ќе го преземе словенечкото претседателство, со цел да се отворат преговорите, што е можно побрзо. Според вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров , проблемот на ЕУ и блокадата не се однесува само за иднината на С. Македонија, туку и на иднината на ЕУ во Западен Балкан. „Навистина е важно да видиме остварување на ветувањето за европерспективите на регионот дадено во Солун“, вели тој и додава: „Сторивме се што можевме. Ние сме отворени, ние сме искрени и веруваме дека европското решение заедно со европските вредности е можно. Кога ова се случува треба да бидеме позитивно изненадени. Ние имаме одговорност кон нашиот народ, кон нашите народи да го заштитиме“.
Премиерот Зоран Заев е дециден дека Северна Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добрососедски односи неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните. „Пораката од Делфи самитот во Атина, ја упатувам и од тука во Скопје – потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во ЕУ. Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднина“, вели Заев. Минатото, според него, е поука дека поделби и раздори не водат никаде.
Одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, е големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на ЕУ, за проширувањето и лоша порака за целиот регион, оцени Заев на прес - конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Рама порача дека она што е фундаментално е дека двете земји оствариле се што ЕУ побарала од нив и ќе продолжат да работат и во иднина. „Не сме ние тие коишто не успеавме, тие не успеаја. Тие ги имаат своите причини и ги разбирам - тоа е нивниот дом, а ние сакаме да влеземе во таа куќа. Ние сме европејци без ЕУ, ние сме ЕУ, но сепак сме Европа“, вели тој.