Путин подготвен да дозволи извоз на жито од Украина?
27 мај 2022Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да овозможи извоз од Украина преку поморските пристаништа, објави попладнево австрискиот канцелар Карл Нехамер.
По телефонскиот разговор со Путин, на прес-конференција во Виена, Нехамер рече дека прво мора да се воспостават безбедносни услови во украинските пристаништа.
Тој рече дека е важно да се овозможи извоз преку пристаништата, бидејќи транспортот на житарките е по копнен пат е далеку потежок.
Нехамер нагласи дека допрва ќе се покаже дали тоа се само празни зборови, или искрена подготвеност, што ќе се види само доколку навистина се овозможи извозот преку украинските пристаништа.
Австрискиот канцелар изјави и дека Путин е подготвен за преговори со Украина за размена на затвореници.
Тој рече и дека Путин ветил дека ќе им овозможи пристап на претставниците на Меѓународниот Црвен крст до воените заробеници, но и дека истото го бара од Украина.
Повеќе:
Нехамер рече дека Австрија е земја која води политика на активна неутралност, која разговара со сите страни , но истовремено знае да именува агресор.
„Ние сме на страната на Украина, а Руската Федерација е јасно одговорна за оваа војна. Сепак, важно е да се придонесе за прекин на вооружените судири преку разговори“, објасни австрискиот канцелар.
Тој истакна дека денешниот телефонски разговор е продолжение на разговорите од пред месец и половина, кога тој беше во Москва.
Нехамер истакна дека во денешниот телефонски разговор јасно го конфронтирал Путин со „лудилото на војната“ и рекол дека разговорот бил интензивен и сериозен и траел 45 минути.
Рускиот претседател пак во меѓувреме како „неосновани ги отфрли обвинувањата дека неговата земја е одговорна за глобалната криза со жито “. Наместо тоа, одговорни се санкциите на Западот, рекол Путин во телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Карл Нехамер, според Кремљ.
„Владимир Путин истакна дека обидите да се обвини Русија за тешкотиите во снабдувањето на земјоделските производи на светските пазари се неосновани“, соопшти Кремљ. Наместо тоа, тој ги наведе „вистинските причини“ за проблемите „кои, меѓу другото, произлегоа од антируските санкции на САД и на Европската унија“.