Путин бара укинување на санкциите во замена за жито
26 мај 2022Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со италијанскиот премиер Марио Драги изјавил дека Русија е подготвена да помогне во олеснување на меѓународната криза со храна, но само доколку Западот ги укине санкциите, соопшти Кремљ.
„Владимир Путин истакна дека Руската Федерација е подготвена да даде значаен придонес во совладувањето на кризата со храна преку извоз на жито и ѓубрива, доколку од страна на Западот се укинат политички мотивираните ограничувања“, се цитираат зборовите на Путин во соопштението од Кремљ.
Претходно и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека извозот на пченица од Украина би можел повторно да почне, доколку бидат укинати санкциите против Русија. Украина ја обвини Русија за уцена и од Западот побара во никој случај да не ги укинува санкциите воведени против Русија поради инвазијата на Украина. Киев ја обвинува Русија дека ги блокира црноморските пристаништасо воени бродови и на тој начин спречува извоз на пченица која е важна за светот. Русија, пак, од Украина побара да го деминира своето крајбрежје за да може да се создаде коридор за извоз на пченица. Тоа, меѓутоа, би можела да биде врата за влез на руските воени сили.
- повеќе: Дали ЕУ ќе се соочи со недостиг на храна?
Западот донесе голем број санкции против Русија, кои ја погаѓаат нејзината економија. Русија и Украина се големи извозници на жито.