Пресудата за Звонко Костовски пред Врховниот суд
14 септември 2017Советот на Врховниот суд денеска треба да расправа за Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) поднесено од Специјалното јавно обвинителство за пресудата за шестообвинетиот во случајот „Пуч“, Звонко Костовски. Станува збор за последната алка врз која поранешната власт ја темелеше приказната дека незаконското следење на комуникациите на повеќе од 20.000 граѓани (посведочено од опозициските „бомби“) било извршено за потребите на странски служби. На 25 февруари 2015 година, со пресуда на Основниот суд Скопје 1, поранешниот вработен во УБК, Звонко Костовски, беше прогласен за виновен, со образложение дека како службено лице во МВР од 2010 година неовластено ја користел опремата на МВР за следење на комуникациите и во неа внесувал телефонски броеви на политичари и други јавни личности. Пресудата беше резултат на спогодбата што Костовски ја постигнал со Јавното Обвинителство, со која ја „признал“ вината и се согласил за издржување на затворска казна од 3 години.
„Прибавените содржини од следените комуникации обвинетиот З.К. ги предавал на обвинетиот Ѓ.Л. кој му ги предавал на обвинетиот З.В., со намера да тој ги соопшти и предаде на странска држава, организација и лице кое им служи, со што обвинетите Ѓ.Л. и З. К. на обвинетиот З.В., за паричен надоместок му ставиле средства за располагање за извршување на кривичното дело, и со тоа со умисла му помогнале на обвинетиот З.В. во извршување на кривичното дело шпионажа од чл. 316 од КЗ“, се вели во судската пресуда.
„Пуч“ прегазен од „Таргет“ и „Тврдина“
Така беше пред две години. Новоформираното Специјално јавно обвинителство во декември 2015 година го презеде во своја надлежност предметот „Пуч“, во кој обвинети беа и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вработениот во УБК, Ѓорги Лазаревски, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски и неговата сопруга. Во октомври 2016 година година СЈО поднесе БЗЗ за пресудата на Костовски, но тоа до денес не беше реализирано. Во јануари 2017 година, СЈО се откажа од обвиненителниот акт за „Пуч“, со образложение дека тој е во целосна спротивност со доказите обезбедни во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“, за незаконско следење на комуникациите преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за уништување на дел од опремата со кое било сторено кривичното дело. Сега треба да се направи и ревизија на правосилната пресуда за Костовски и да се утврди одговорноста на сите фактори, но и на фактичката ситуација, која е сосема поинаква.
Пресудата за Звонко Костовски подолг период е предмет на потсмев во правосудните кругови, а уште повеќе откако СЈО уште минатата година објави дека има податоци за злоупотреби на системот кои се случувале и по објавувањето на „бомбите“, односно по пресудата за Костовски. По ова, се постави прашањето кој ги правел тие злоупотреби, кога ни Костовски веќе не бил вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање?
„Звонко Костовски преку Спогодбата со ЈО ги стави на тенок мраз и судството и обвинителството, и ја изнесе на виделина нивната целосна компромитација. Таквата спогодба и таквата пресуда најдиректно ја отворија потребата за формирање на СЈО и за реформи во судството. И каков апсурд: пресудата за Костовски, која требаше да им даде покритие на пропагандните приказни за 'жолти комбиња' и 'странски служби', стана директен доказ против оние кои биле налогодавци и извршители на делото. Не случајно дел од нив денес се во бегство, бидејќи им се урна темелот на кој го градеа 'алибито' за нивната невиност и професионалност“, вели поранешен судија.
Херои на нашето време
Звонко Костовски и Ѓорги Лазаревски, кои ќе бидат запаметени во историјата на независна Македонија како први „свиркачи“ (whistleblowers) за кривични дела од висок политички профил, во јавноста веќе го добија и епитетот „херои на нашето време“.
За тоа каков скандал тие помогнале да се открие, сведочи и Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе, која по објавувањето на „бомбите“ и кулминацијата на политичката криза ги скенираше проблемите во пет клучни области во Македонија. Експертската група констатираше дека „скандалот со прислушувањето откри масивно прекршување на основните права, вклучително и правото да се учествува во јавните работи и правото на глас, правото на еднаков пристап до јавните услуги, правото на приватност и заштитата на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење“.
Таа ѝ придаде големо внимание и на пресудата за Костовски, оценувајќи дека за групата било невозможно да дознае до кој степен судијата спровел истрага во фактичката основа на спогодбата за признавање на вината, со цел да се увери дека спогодбата е соодветна, но и дека обвинетиот не добил, на пример, спогодба која вклучува блага пресуда како награда за прикривање на вмешаноста на други.
„Пресудата не сугерира дека судот утврдил наод дека Костовски делувал сам; напротив се чини дека за него е утврдено дека делувал како дел од структурирана група со предумисла, поттикнат од двајца други обвинети. Ние бевме информирани дека не постои ниту видео или аудио снимка, ниту комплетен транскрипт од сослушувањето, што изгледа изненадувачки за таков важен случај од висок профил. Групата не знае какви докази слушнал судот за да го поткрепи спогодбеното признание за шпионажа, кога елементите на ова дело бараат делото да се доведе во врска со 'државна тајна' и да е 'добиено со цел дисеминирање на странска држава'. Ниту пак групата знае за содржината на било какви признанија кои може да се претпостави дека се направени од страна на обвинетиот за време на испрашувањето. Се чини дека кога се користи спогодба за признавање на вината, таа е предмет на многу формален надзор на законитоста и праведноста, и дека не постои никаков воспоставен тест во пракса за судски надзор за 'доволно докази за вина'. Понатаму, не постои тест за 'разгледување на јавниот интерес' кој бара властите да продолжат со кривична истрага во насока на натамошни можни престапи и покрај спогодбата за признавање на вината“, се констатира во Извештајот на Прибе.
Случајот со Звонко Костовски беше нотиран и во Извештајот за човековите права и слободи на Стејт департментот.