1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Продолжува блиц-офанзивата на талибанците

СН/агенции
9 август 2021

Само во текот на вчерашниот ден припадниците на радикалната исламистичка милиција освоија три провинциски главни градови. Меѓу нив и статешки важниот голем град Кундуз.

https://p.dw.com/p/3yje0
Afghanistan | Konflikte | Kundus in Händen der Taliban
Фотографија: Abdullah Sahil/AP Photo/picture alliance

Талибанците вчера ги засилија своите позиции на северот од Авганистан освојувајќи уште три провинциски главни градови, меѓу кои е и големиот град Кундуз, во блиц-офанзива која авганистанската војска не успеа да ја запре.

Со неколку часа растојание бунтовниците по жестоките борби го освоија Кундуз, кој со недели го држеа опколен, потоа Сар-и-Пул, главен град на истоимената провинција на северозапад, како и Талокан, главен град на провинцијата Тахар на североистокот на земјата. 

 Сега тие контролираат 5 од вкупно 34 авганистански провинциски главни градови. „Падна Кундуз. Талибанците ја презедоа контролата над сите клучни згради во градот“, јави дописникот на АФП од Кундуз, кој од 2015 година веќе трипати падна во рацете на бунтовниците.

Afghanistan | Konflikte | Kundus in Händen der Taliban
Фотографија: Abdullah Sahil/AP Photo/picture alliance

Очевидците јавуваат за хаотични сцени, бројни згради и продавници горат, а талибанско знаме е подигнато во центарот на градот.

Повеќе:

-Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија

-Германските војници заминаа од Авганистан - успех или капитулација?

-Загриженост по одлуката на Бајден за повлекување од Авганистан

Одалечен 300 километри северно од Кабул и 50 километри јужно од границата со Таџикистан, Кундуз е трет главен град кој талибанците го зазедоа од мај кога започна завршната фаза за повлекување на американските и меѓународните сили од Авганистан кое треба да заврши на 31 август.

Талибанците во петокот го освоија Заранџ, главниот град на покраината Нимроз на југозапад и Шеберган, главен град на покраината на север.

Конфликтите меѓу силите на авганистанската влада и талибанците се засилуваат во целата земја паралелно со повлекувањето на Американците по 20 години присутност во земјата во која талибанскиот режим беше соборен во 2001 година по терористичките напади на 11 септември истата година.

„Освојувањето на Кундуз е навистина важно бидејќи ќе се ослободат рацете на голем број талибански борци кои ќе можат да се мобилизираат на други места на северот“, вели Инбрахим Тириал Бахис од Меѓународната кризна група.

Afghanistan | Konflikte | Kundus in Händen der Taliban
Фотографија: Abdullah Sahil/AP Photo/picture alliance

Неспособноста на Кабул да го задржи под своја контрола северот од земјата би можела да се покаже клучна за изгледите за опстанокот на владата.

Северот на Авганистан секогаш се сметал за центар на отпорот на талибанците, кои владееја во земјата од 1996 до 2001 година.

Брзото напредување на талибанците на терен ги изненади набљудувачите, но и авганистанските сили на безбедност, и покрај помошта од американските воздушни сили.

Авганистанската влада не реагираше на загубата на провинциските центри, само вети дека набрзо повторно ќе ги ослободи. Но, тоа го стори и за многу други рурални подрачја и за граничните премини кои паднаа во рацете на талибанците од мај, но без конкретни резултати.