1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестот заврши, проблемите останаа

Катерина Блажевска21 јуни 2016

Симболите на неодговорното расфрлање со буџетски пари, исто како и власта, вчера беа чувани од силни полициски кордони. Аналитичарите се уверени дека на Македонија не може да и се случи „народ против народ“

https://p.dw.com/p/1JATb
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Со пораки до власта за неопходноста од нејзино заминување и повици за слобода, правда и одговорност, синоќа заврши големиот протест на „Шарената револуција“. Претставник на партијата „Левица“ рече дека граѓаните се обединети во една мисла и дека се таму за да ја искажат потребата од градење нова социјална и праведна држава: „Ние нема да преговараме, тука сме само да ги договориме условите за капитулација. Ве повикувам сите да бидете будни и да се вклучите во формирањето на новата Република Македонија. Ова е историски момент!“.

Но, според пораката што вчера од Луксембург ја испратија шефовите на дипломатиите на ЕУ до македонските лидери, јасно е дека тие го очекуваат токму тоа - да има преговори, за да се спроведе Договорот од Пржино постигнат пред повеќе од една година.

„Има многу јасно единство на земјите членки дека е потребно лидерите на земјата да почнат отворен дијалог, да се имплементира Договорот од Пржино од 2015 и да се создадат услови за избори. Кај владеење на правото да се поддржи работата на Специјалното обвинителство и да се спроведат итните реформските приоритети“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Фредерика Могерини.

Притиснат до ѕид

Можни ли се натамошни преговори во истиот формат, особено по најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека „народот врие“ и дека тој „нема да може да ја држи ситуацијата под контрола“. Ваквиот став вчера беше искоментиран и на протестот. Според заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, стравот порано бил во секој македонски дом, а сега целиот страв е собран само во една зграда.

„За да се спаси, Груевски вчера се обиде да го сврти народот против народ. Но, сите треба да знаат дека корупцијата во Македонија има име, а криминалот точна адреса. Тука сме да му порачаме дека нема шанси да продолжи со своите судии од тефтерчето и да ги тргне рацете од институциите“, рече Шекеринска.

Аналитичарите се уверени дека она што го зборува Груевски е типична реакција на човек притиснат до ѕид.

„Заканите на Груевски, дека мнозинството народ го губи трпението кризата да се решава со демократски методи - не се без основа“, вели професорката Мирјана Малеска.

Илјадници на протестот на „Шарената револуција“

„Тој има многу што да изгуби, a познато е што се можат да направат властодршци кои се притиснати до ѕид. Претпоставувам, разумни и одговорни луѓе не сакаат крвопролевање и работат во насока тоа да се избегне. ЕУ со право не се откажува од договорот од Пржино, односно од преговори. Пред само неколку дена претставници на ЕУ во Скопје дојдоа со порака за важноста на тој договор и особено за работата на СЈО. Тие бараат да се премине од зборови на дела и да се постигне ургентен прогрес во неколку сфери: независно судство, изборни реформи, почитување на фундаменталите права, слобода на медиуми, реформи во јавната администрација итн. Ако кажете дека тоа го бараа и пред една година, би рекла дека можеа да кренат раце од нас. Но, не кренаа“, потенцира Малеска.

Таа не гледа друг излез, освен одново да се седне на преговарачка маса, за што опозицијата праќа сигнали во таа насока.

„Накусо, оваа власт го изгуби легитимитетот дома и угледот надвор, и - ќе си замине. Затоа не треба да се губи трпение. Од опозицијата се очекува да се однесува одговорно и разумно во интерес на граѓаните. Граѓанска војна не е решение“, децидна е Малеска.

Одговорноста е кај лидерите

Власта засега не покажува намера да се соочи со сопствената одговорност, а уште помалку да демисионира. На својот постамент вчера остана и митолошкиот јунак Прометеј, чија скуптура е дел од споменикот „Паднати херои за Македонија“, за кој од буџетот се потрошени 2.361.438 евра, а само за да гори „вечниот оган“ во раката на Прометеј, годишно за плин се трошат 20.813 евра. Тој вчера не беше окован како во трилогијата на Есхил. Беше врзан, но не и симнат/ослободен, како што посакаа дел од демонстрантите. Симболите на неодговорното расфрлање со буџетски пари, исто како и власта, се чуваат со силни полициски кордони.

„Поларизацијата носи ризик од инциденти, а лидерите имаат одговорност за деескалација на состојбите“, вели аналитичарот Сашко Клековски

„Делот од говорот на Никола Груевски за трпението на народот се одраз на маскулиното/машкото или мачо водење на политика, со остра, заканувачка, поларизирачка и ескалирачка реторика, која останува на зборови и не се спроведува на дела. На другата, опозициската страна, слична беше реториката за радикализација на протестите, вклучувајќи ги и гласините за пробив во Собранието. Во минатото имавме изолирано насилство како во случајот на протестите за Мартин Нешковски, но нема да се случи масовно насилство, ниту гнев на народот, ниту радикализација на протестите“, уверен е Клековски.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/K. Ozimec

И професорот по Уставно право, Јетон Шасивари, не верува дека ќе се случат неконтролирани граѓански судири „народ против народ“.
„Македонија веќе се наоѓа во длабока поделба на политички план, така што изјавата на поранешниот премиер дека не ќе може да го контролира народниот гнев е очајна изјава, која воопшто не е во функција на демократско, одговорно, компромисно и реформско решавање на актуелната криза. Инаку, ваквите изјави ја означуваат 'точката на вриење' на власта, во смисла дали оваа длабока политичка криза ќе се реши институционално или не. На партиски план, ваквите изјави се најмногу штетни за самата ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не се совпаѓаат ни со идеолошката шема, ни со историската поставеност и рољја на оваа партија во политичкиот систем. Лично не верувам во неконтролирани граѓански судири во стилот 'народ против народ', бидејќи искуството со политичката судбина на Милошевиќ е се уште импресивно во регионов и пошироко“, вели Шасивари. Според професорот, на Македонија и е неопходна институционална рамка за решавање на кризата преку демократска реформа на политичкиот систем, според насоките на Вашингтон и Брисел.

Но официјално пристигна и летото, време во кое насоките од меѓународната заедница вообичаено стануваат поретки, а ќе почне да опаѓа и интензитетот на домашните политички активности. Решавањето на кризата најверојатно ќе се одложува од ден за ден. Дури и „вечниот оган“ во раката на Прометеј може да биде згаснат заради горештините.