Путин ја добива битката, но веројатно ќе ја загуби војната!
25 февруари 2022Прашањето кое многумина од нас си го поставувавме оваа недела е дали автократот од Кремљ е самоубиствен лудак и ќе измаршира директно до Киев или пак кај рускиот претседател ќе превладее здравиот разум?
Потегот од понеделникот, да ја признае независноста на сепаратистите од Донбас, со сите пропратни идеолошко-историски небулози околу Украина, сепак имаше некоја своја „путиновска“ логика и потсетуваше на сценариото од Грузија. Путин на тој начин, со еден потег и без испален куршум трајно ја дестабилизираше Украина, го погази нејзиниот суверенитет и интегритет, ја „одпризна“ од заедницата на независни држави, и со анексијата ја осуди на неможност да влезе кога и да било во НАТО. Генијално, што би рекол Трамп?!
Коцката и така ќе беше фрлена од страна на Путин. Русија секако ќе беше мета на умерени санкции, Западот можеби малку ќе се поделеше околу нивната примена и намена, но Путин ќе го примораше Киев на опасна по нив иницијатива и мирно ќе очекуваше предлог за поволни по него преговори околу новиот безбедносен поредок во Европа. Ете, тоа колку и повторно да беше една дрска и нелегална анексија, сепак не предвидуваше тотална војна и конфликт за кој тешко можеме да предвидиме како ќе се развива или како ќе заврши.
Путин одбра да донесе војна
Но, Путин ја одбра воената и лудачка опција. Путин одбра да донесе војна во срцето на Европа. Не сајбер војна, не хибридна војна, туку онаа традиционална и конвенционална војна, која Западот мислеше дека ја надминал и заборавил. Инвазијата на Украина, без разлика дали ќе се претвори во воена окупација или анексија на териториите источно од Дњепар, потсетува на потезите на Хитлер кон Чехословачка и Полска на почетокот на Втората светска војна. Но, со таа разлика што овојпат Западот не делува дека е подготвен да се фати за оружје и да влезе во воен конфликт со Путин.
Зошто Путин се одлучи на речиси сигурна воена и тактичка победа на почетокот на конфликтот, но и ризик кој навестува една долга и исцрпувачка стратешка битка со Западот, во која Русија најверојатно на крајот ќе биде поразена?
Прво, најверојатно затоа што Путин не видел или веќе не гледал никаков позитивен исход од преговорите со Америка. Втората причина веројатно лежи во стравот на Путин дека во периодот што следува НАТО ќе изнајдеше некаков начин да влезе во Украина, не во формална смисла, туку со специјални сили, воени обучувачи и најмодерно вооружување. Оттука, Путин се одлучи да нападне сега и веднаш, пред Украина да стане пресилна за воена конфронтација. Третата причина е веројатно најважна и таа е многу лична за Путин, со цел да не заврши во историјата како рускиот лидер кој ја изгубил Украина, но и со цел да ја зацементира својата власт и авторитет во домашните политички кругови и во општеството.
Оттука, излегува дека и лудачките потези имаат некој свој метод и дека станува збор за пресметан ризик. Проценката на Путин во голем дел сигурно се базира на посебниот момент кој владее во Америка, која политички и општествено е поделена и поларизирана и каде јавноста воопшто не е благонаклонета кон нови војни каде било во светот, најмалку за една Украина. Кога другпат Путин би имал ваква шанса без воени реперкусии, кога другпат би наишол на поделен Запад и на ваква можност? Затоа овој напад за Путин се има претворено во опција - сега или никогаш!
Вистинскиот проблем за Путин ќе дојде одвнатре
Но, повеќе од Америка или НАТО, верувам дека вистинскиот проблем за Путин ќе дојде одвнатре. Многу ќе зависи од исходот на овој „Shock and Awe“ напад, дали војната во Украина од „блицкриг“ ќе се претвори во еден долг и исцрпувачки конфликт, дали можеби Украина со герилска војна и силен застој ќе се претвори во еден нов Авганистан за Москва и слично? Во едни такви услови ситуацијата би можела драстично да се промени и за Русија и особено за Путин кој тогаш би ризикувал да биде дефенстриран.
Тоа што е сигурно и рационално предвидливо, без разлика што тука толкуваме едно пред сѐ лудачко сценарио, е дека во првата фаза од конфликтот, што воено, што преку сајбер напади, пропаганда и економско исцрпување, Путин ќе успее да инсталира во Украина некаква си проруска Влада. Западот нема да војува, но ќе реагира со сериозни економски и финансиски санкции. Во исто време, Западот ќе го засили воено присуство и воените инсталации во Балтичките држави и во Полска. Со тоа целта на Путин да го намали НАТО-присуството на своето западно крило, ќе предизвика сосема спротивен ефект. Во ова сценарио Москва ќе ја поврати Украина под своја контрола, слично како и Белорусија, но ќе го зајакне НАТО кое се подготвува да ги прими и Шведска и Финска во скоро време.
Кина е најголемиот добитник
Допрва од внатрешните преговори во Европската Унија ќе видиме какви ќе бидат санкциите и каква ќе биде димензијата на енергетскиот шок по Европа. Цената за секој конфликт, најчесто директно паѓа врз грбот на фирмите и граѓаните и таа ќе биде далеку повисока за европската економија отколку за американската. Најверојатно, финансиските санкции за Москва ќе бидат далеку пострашни од актуелните, со што Русија ќе се најде во проблем да го финансира својот долг и покрај високите државни резерви. Цената за неоимперијалните амбиции на Путин ќе биде многу висока и Русија би можела да ризикува банкрот во случај на изолација од меѓународниот финансиски систем кој и понатаму е базиран на доларот, отсечена од западните технологии и од својот традиционален енергетски пазар и профит, особено што Германија веќе го замрзна Северен тек 2. Односите и блискоста со Кина не делуваат како вистинска алтернатива, особено што Пекинг овој натпревар го гледа од клупа, свесен дека судирот помеѓу Русија и Западот оди во нејзина полза и барем на некое време ја зајакнува во нејзиниот натпревар со Вашингтон.
Кина е најголемиот добитник од оваа војна. Една економски девастирана Русија ѝ одговара на Кина затоа што на тој начин Москва уште повеќе ќе седне во скутот на Пекинг како помалиот и послаб партнер. Во исто време, Пекинг е свесен дека овој конфликт и без воена интервенција или вмешување од страна на Вашингтон, ќе ѝ одземе многу време и ресурси на Америка и барем некое време ќе ја дефокусира од Азија. Кина во овој случај победува и без потреба да се инволвира или да учествува во натпреварот.
Колапс поради прераширеност?
Парадоксално, токму победата на Русија на терен и враќањето на Украина под нејзина контрола, најверојатно ќе ја осуди Русија на пораз. Причината е што Царска или Империјална Русија која Путин ја замислува во своите говори, која би одржувала контрола над еден дел од бившите советски републики додека другите би живееле вазалски или во страв, Русија проширена од Сирија, преку Либија до Мали, е всушност економски неодржлива. Многу ќе зависи од ситуацијата во Украина, но доколку судирот се пролонгира, ќе стане јасно дека едно е да се изврши инвазија, а сосема друга работа е толкава територија со бројна популација, да се соџвака и свари. Тогаш Путин би се соочил со проблемот на секоја империја и империјална амбиција, односно, колапс поради прераширеност и изолација од татковината.
Како и да е, евентуалниот неуспех и пораз на Путин, не би дошол најмногу поради Западот, под услов Западот да остане обединет, колку што би настапил поради грешките кои самиот Путин ќе ги направи, а војната делува како терминална грешка. Сепак, тоа времето ќе покаже.
Во прашање се нашите животи како слободни луѓе
Конечно, два-три збора за вредносниот аспект на оваа војна. Тие што во овие моменти му аплаудираат на Путин се повеќе или помалку несвесни тоталитаристи и големи противници на демократскиот и антифашистички вредносен систем кој и ние како земја го одбравме, било тоа да е после НОБ или после крвавите војни од распадот на Југославија.
- повеќе од авторот: Внимание, ова не е Студената војна!
И денес се соочуваме со слични предизвици, за среќа не воени, но подеднакво ревизионистички и антидемократски како и обидите на Путин и неговите путинистички следбеници, било дома или во соседството. Ние тука анализираме и се трудиме да бидеме објективни, но во случајов не можеме да зборуваме и да се криеме зад историјата, ниту зад евтиниот економизам, ниту зад геополитичките резони, а најмалку зад идеологијата на пацифизмот.
Бидете сомничави кон тие што со слични провидни резони бараат оправдувања за војната и за негирањето на нечие право на самоопределување. Бидете сомничави, затоа што во прашање се нашите животи како слободни луѓе. Ова е предупредување и за Европа, која има морална и политичка должност да нѐ интегрира во доминантниот либерален и плуралистички контекст на ЕУ. НАТО не е доволен за таа цел и вистинскиот отпор кон обидите како овој на Путин, се постигнува со реална либерално-демократска еманципација на Македонија и на Западен Балкан од секое домашно или надворешно авторитарно или тоталитарно влијание.