Путиновата војна, рамноземјашите и нашиот влез во ЕУ
13 април 2022Во мојата колумна за ДВ насловена Македонското прашање никогаш не умира се осврнав на истоимениот извештај на на Д-р Денисон И. Русинов, од САД, кој во еден период бил стациониран и во Белград како дел од шестата флота на американската морнарица. Тогаш се осврнав на делот од извештајот кој заклучува дека Русија, „ја користи Бугарија како свој пион“ за да направи притисок кон тогашна Југославија да игра повеќе по нотите на Москва односно дека секогаш кога Москва сака да ги затопли односите со тогашна Југославија, ја притиска Бугарија да омекне по македонското прашање, но и обратно, секогаш кога сака да ги затегне односите со Југославија или да направи проблем во Југославија, ги остава или стимулира Бугарите да го (зло)употребуваат македонското прашање. Од овој извештај можеме да заклучиме дека Москва од секогаш ја злоупотребувала Македонија за остварување на своите регионални империјалистички интереси. Во моето интервју за бугарски Дневник од ноември 2020 година, во контекст на македонско бугарските односи и особено во контекст на нашиот спор, констатирав дека „Прилично сум сигурен дека има трет играч, кој е прилично моќен на глобално ниво и кој продуцира од него контролирана нестабилност во регионот, па од тие причини стимулира нестабилност, омраза помеѓу нациите и поттикнува конфликтност. Во истиот правец беше и моето прилично реторичко прашање во колумната Путиновата војна против Украина и „понижените“ Македонци цит.„Дали Московскиот Патријарх и на цела Русија г. Кирил е главната пречка за отпочнување на преговори со црковен Белград и дали можеби баш тој е главната пречка за потврда на македонскиот идентитет преку давање на Томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ ОА од Вселенскиот патријарх Вартоломеј?
Подбуцнувањето од Москва
Зошто ова го повторувам? Затоа што неколку години пишувам и укажувам на тоа дека Русија дискретно, но подбуцнувачки се меша и делува на Балканот, најчесто на штета на Македонија. Од една страна ги подбуцнува македонските националисти против Бугарија и истовремено ги подбуцнува бугарските националисти против Македонија. Во Македонија сервира дека ние сме горди Македонци и тие тоа го подржуваат, а во Бугарија ги подржува оние кои сметаат дека ние сме Бугари и дека не треба да постоиме. Македонците ги брани и подржува во Македонија, а Бугарите ги брани и подржува во Бугарија. Ова најчесто се прави преку тролови и лажни ФБ профили, но и преку добро стимулирани националисти-инфлуенсери кои ја шират нивната пропаганда по социјалните мрежи, а за жал во последно време оваа пропагандна машинерија дејствува засилено и преку некои политички партии и политичари. Анализата покажува дека нејзината нео-империјалистичка стратегија за овој регион се базира на држење на Македонија заглавена на вечната станица наречена Западен Балкан, односно Македонија како остров за извор на постојана нестабилност на Балканот. Ефектот кој сакаат да го одржат е ем да не ни даваат да мрднеме на нашиот европски пат, ем народот да ги сака.
За овие мои тези, за прв пат добив потврда од страна на бугарскиот премиер г-дин Петков, кој прилично сигурно, за време на неговата посета на Благоевград, ја потврди оваа теза преку заклучокот дека специјални агенти во Бугарија кои биле поврзани со Русија константно работеле на влошување и затегнување на односите помеѓу двете соседни држави и дека рускиот интерес бил фокусиран врз тоа да нема европска иднина за Западен Балкан.
Од друга страна г-ѓа Нинова, лидерот на социјалистите кои, колку и да се трудат, не можат да ја скријат својата благонаклоност кон Путин и Москва, неодамна изјави: „На нашите средби со еврокомесарот за проширување го кажав нашиот став - не можеме да отстапиме додека Северна Македонија не го исполни билатералниот договор со Бугарија, додека не се земе предвид историската вистина и не престане омразата и дискриминацијата кон Бугарите таму. Истовремено, во врска со Путиновата агресијата врз Украина, г-ѓа Нинова изјави: „Парламентот ќе донесе одлука за оружје за Украина, но ако одлучи и не обврзе - тоа е веќе комплицирано. Ако парламентот одлучи така, нема да потпишам таков документ. Ако сакаат и нека ме сменат, но нема да го потпишам овој документ!"
Се врти ли Земјата?
Заклучокот е дека во Бугарија, тие што директно или потајно и со скриени аргументи ја бранат Путиновата агресија врз Украина се и против деблокирањето на европскиот пат на Македонија.
Со секој напад на Македонија од страна на Радев, Нинова или ним блиските луѓе, се зголемува бугарско-македонското непријателство, а расте македонско-српското пријателство. Излегува како Радев да работи за Вучиќ!
Што е целта на бугарската политика? Македонија да биде во сферата на влијание на Западот каде припаѓа и Бугарија или Македонија да биде во сферата на влијание на Русија или Србија која е прилично блиска со Русија? Македонија да биде просперитетна земја или Македонија да не постои?
За крај и една интересна паралела. Има луѓе во Македонија и на Балканов кои искрено ја подржуваат Русија и ја оправдуваат Путиновата војна во Украина. Истовремено во Македонија и на Балканов има луѓе кои сметаат дека земјата е рамна плоча, дека 5Г технологијата го уништува светот, дека со вакцините нѐ чипираат и дека авионите што летаат испуштаат отров кој предизвикува стерилитет кај луѓето. Значи постојат луѓе кои го подржуваат Путин и луѓе кои не го подржуваат, но интересно е што сите оние кои сметаат дека земјата е рамна плоча, дека 5Г технологијата го уништува светот, дека со вакцините не чипираат и дека авионите намерно предизвикуваат стерилитет, без исклучок го подржуваат Путин.
Па ме интересира, г-дин Радев и Корнелија Нинова на кој став се, земјата е рамна плоча или сепак се врти?