Уништени домовите на 52 илјади Палестинци
18 мај 2021Меѓународните напори за запирање на израелските водушни напади врз Појасот Газа и палестинското ракетирање на Израел продолжуваат и денеска во време кога нема знаци за смирување на конфликтот, кој трае веќе втора недела.
Од почетокот на најновата рунда насилство меѓу еврејската држава и палестинските екстремистички организации во Газа на 10 мај, загинаа најмалку 212 Палестинци, вклучувајќи 61 дете и над 1.400 ранети.
На израелска страна се убиени десетина луѓе, вклучувајќи две деца, а речиси 300 лица се ранети во ракетен оган.
Уништени 450 објекти
Според Обединетите нации, повеќе од 52.000 Палестинци досега ги загубиле своите домови во израелските воздушни напади на Појасот Газа.
Повеќе: Зошто се заострува ситуацијата и на Западниот брег?
Уништени или сериозно оштетени се околу 450 згради, изјави во вторникот портпаролот на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош (ОЦХА), Јенс Лерке. Меѓу нив има шест болници и девет здравствени домови.
За 47.000 од раселените се вели дека се засолниле во училиштата во Појасот Газа со кои управуваат ОН.
Бајден поддржува прекин на огнот
Инаку, Советот за безбедност на ОН ќе се сретне итно денеска по четвртипат додека САД сѐ уште одбиваат да го усвојат соопштението со кое се повикува на „прекин на огнот“.
Брисел, исто така, ќе го разгледа конфликтот кој продолжува, најсмртоносен од војната во Газа во 2014 година, на итна видео конференција на европските министри за надворешни работи.
Повеќе: Конфликт Израел – Газа: САД во посредничка мисија
Претседателот на САД, Џо Бајден, доцна синоќа изрази „поддршка“ за прекин на огнот во телефонски разговор со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху. Белата куќа соопшти дека Бајден, во време кога се зајакнуваат барањата од неговата Демократска партија за моментален прекин на огнот, ја повторил цврстата поддршка за правото на Израел на самодбрана против ракетните напади.
И денеска размена на оган
Во меѓувреме, страните во конфликтот не ги слушаат повиците да го запрат огнот и премиерот Нетанјаху синоќа најави „продолжување на ударите на терористичките цели“.
Во текот на ноќта и утрината се продолжени нападите на палестинската енклава и израелските борбени авиони испукаа повеќе ракети врз згради во градот Газа.
Повеќе: Германија на страната на Израел – долга историска приказна
Од своја страна, палестинските милитанти испукаа ракети од крајбрежната област, врз градовите во јужен Израел.
Израелската војска забележа 90 ракетни напади од понеделникот во седум часот наутро до денеска во истото време во правец на израелската територија и нападнала „65 терористички цели од 62 борбени авиони“ во појасот Газа, каде живеат околу 2 милиони луѓе. Од почетокот на конфликтот на 10 мај се испалени 3.440 ракети, а околу 90 отсто се пресретнати со израелската против ракетна одбрана, наведува војската.