Редовни маневри среде зголемени тензии
21 август 2017Вежбите „Улчи- чувар на слободата“, главно компјутерски симулирани воени вежби, се одржуваат секое лето и секогаш предизвикуваат реакции од Северна Кореја, која ги смета за тест за инвазија на нејзината територија. Вашингтон и Сеул наведуваат дека во прашање се одбранбени вежби.
Севернокорејските државни медиуми во неделата годишните вежби ги нарекоа „несовесен“ потег кој би можел да предизвика „неконтролирана фаза на нуклеарна војна“.
САД и Јужна Кореја и покрај тоа утрината според планот ги започнаа 11-дневните вежби во кои ќе учествуваат 17.500 американски и 50.000 јужнокорејски војници, се наведува во соопштенијата на американската воена команда во Сеул и Министерството за одбрана на Јужна Кореја.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, денеска изјави оти Пјонгјанг не смее да ги користи вежбите како изговор за нови провокации, додавајќи оти маневрите се одржуваат редовно поради постојаните провокации од северниот сосед.
Северна Кореја вообичаено на воените вежби на САД и Јужна Кореја одговара со тестирање на оружје. За време на минатогодишните вежби, Пјонгјанг, лансираше балистичка ракета од подморница која леташе 500 километри, што е најголем дострел за овој тип на оружје.
Неколку дена по вежбата, Северна Кореја ја изведе петтата и најголема нуклеарна проба дотогаш.
Северна Кореја во минатиот месец лансираше две интерконтинетални балистички ракети кои, според оценките на аналитичарите, можат да ја погодат територијата на САД, а по острите изјави и заканите на претседателот на САД, таа предупреди дека би можела да лансира ракети во насока на американскиот остров во Пацификот, Гуам.
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун подоцна рече оти прво ќе набљудува како ќе постапува Вашингтон пред да продолжи со плановите за лансирање ракети.