Рекетот ги полнел чекмеџето и Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ
22 ноември 2018Експремиерот во бегство Никола Груевски денеска заработи две нови обвиненија од СЈО кои се однесуваат на незаконско финансирање на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2009 до 2015 година, како и за изградбата на новото партиско седиште во Скопје. Покрај него, обвинети за нова серија кривични дела се и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, како и Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска.
И политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како правно лице, е обвинета за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Во однос на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО му става на товар на Груевски дека во периодот од 2009 година до 2015 година обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Груевски бил помогнат од Божиновски и Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства вршеле притисок врз претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на партијата, како противуслуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
СЈО утврдува дека на овој начин Груевски прибавил незаконски средства за финансирање на својата партија во износ од над 4,6 милиони евра.
Прикривањето на вака собраните средства го вршеле најпрво Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и Јанакиевски и Елизабета Чингароска. Тие организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.
Откако парите ќе легнеле на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Бела палата со црни пари
За изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети се Груевски и Божиновски, кои злоупотребувајќи ја својата службена положба, овозможувајќи му на „ДГ Бетон АД“ Скопје да го изгради седиштето иако формата во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на повеќе закони.
Според СЈО, за реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Градежната компанија „Бетон“ инаку е во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов.
Изградбата на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ го чинело Бетон околу 6,9 милиони евра, а дополнително на сметката на ВМРО-ДПМНЕ биле уплатени уште над 2 милиони евра. Според обвинението на СЈО, на ваков начин обвинетите прибавиле имотна корист за ВМРО-ДПМНЕ во износ од 8,2 милиони евра.
Од СЈО потсетуваат дека на нивно барање судот веќе замрзна 68 имоти на ВМРО-ДПМНЕ низ целата земја, како и за седиштето на партијата во Скопје. Сомнежите дека овие имоти се стекнати со противправните дејствија.