1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Помошта од Европравда е битна за борба против криминалот“

17 јануари 2019

Моја задача е да ја олеснам комуникацијата меѓу нашите и обвинителите од земји кои побарале меѓународна правна помош, и обратно, објаснува првиот обвинител за врски на Македонија во Европравда, Ленче Ристоска.

https://p.dw.com/p/3Bgf4
Mazedonien: Lence Ristoska, Staatsanwältin bei der Sonderstaatsanwaltschaft (SJO)
Фотографија: Privat

Во сенка на крупните политички процеси помина веста дека обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, кон крајот на минатата година беше избрана за прв обвинител за врски на Македонија во телото за судска соработка на ЕУ во областа на кривичното право Европравда (Eurojust). Младата обвинителка, чие име е познато и почитувано во домашната јавност, со оваа функција реализира и чекор повеќе од она што се смета професионална кариера на домашен терен. Со оглед дека е избрана за прв обвинител за врски на Македонија, тоа значи дека покрај СЈО, ќе го „покрива“ и Јавното обвинителство. Таа е уверена дека со добра организација успешно ќе се справи со сите обврски.

Ристоска: Со ваквата нова функција доаѓаат и нови одговорности и обврски кои одземаат време. Сепак, верувам дека со дополнителен ангажман и соодветен менаџмент на обврските од двете мои работни места, нема да изостанат позитивни резултати.

Која е вашата главна задача како обвинител за врски во Европравда?

Кратко би појаснила дека Европравда е тело на Европската унија кое не е овластено да истражува и гони кривични дела, туку е задолжено за справување со судската соработка во обезбедување на меѓународна правна помош во кривични предмети, преку координирање на истрагите и обвиненијата и стимулирање и унапредување на соработката помеѓу надлежните органи за борба против криминалот на државите-членки на ЕУ и на државите со кои Европравда има склучено договори за соработка, како што е примерот со Република Македонија. Мојата главна задача како обвинител за врски во Европравда е, во случаите во кои е побарана помош од Европравда, да ја олеснам комуникацијата и воспоставувањето на контакти на јавните обвинители од Република Македонија со јавните обвинители од земјите од кои е побарана меѓународна правна помош или кои побарале меѓународна правна помош од Република Македонија, и да помогнам за успешна реализација на тие барања.

Кои механизми ви стојат на располагање за да можете да придонесете во истрагите за сериозен прекуграничен организиран криминал?

Mazedonien: Lence Ristoska, Staatsanwältin bei der Sonderstaatsanwaltschaft (SJO)
Фотографија: Privat

Предуслов за да биде побарана и обезбедена помош од Европравда е постоење на активно барање за меѓународна правна помош упатено од надлежниот обвинител кој го води предметот во матичната држава до најмалку една земја членка на ЕУ, или земја со која Европравда има склучено договор за соработка. Механизмите преку кои се обезбедува бараната помош, а кои им стојат на располагање на обвинителите за врски во Европравда, се различни, започнувајќи од воспоставување на директен контакт помеѓу надлежните органи од инволвираните држави, олеснување на комуникацијата и извршувањето на барањата за меѓународна правна помош, па сѐ до организација на координативни состаноци и обезбедување на помош при формирање на заеднички истражни тимови. Координативните состаноци се состаноци на јавни обвинители од различни држави кои работат на еден ист случај кој ги засега нивните држави, и на кои тие вообичаено се договараат за сите идни активности неопходни за истрагата, изнаоѓаат решенија за правните пречки и практичните проблеми со кои може да се соочат надлежните органи при обезбедувањето на меѓународната правна помош и слично. На ваков координативен состанок може да биде договорен и ден на акција, кога паралелно во засегнатите држави во ист ден ќе бидат преземани однапред договорени и координирани активности, како на пример, претреси, лишувања од слобода, испитувања на лица и слично. Во борбата против сериозниот организиран прекуграничен криминал би рекла дека голема улога игра и помошта која Европравда ја обезбедува при формирање на заеднички истражни тимови. Заедничките истражни тимови се формираат во случаи на сериозен прекуграничен криминал кога се засегнати две или повеќе држави. Засегнатите држави формираат еден тим од јавни обвинители, полициски службеници и слично, во кој секоја држава има свои претставници, тим кој делува во насока на обезбедување на докази неопходни за водење на кривичната постапка. Би напоменала дека во практиката токму заедничките истражни тимови се покажале како клучни во разбивање на меѓународни криминални групи.

Во кои актуелни случаи очекувате во практика побрзо да се покажат ефектите од функцијата на која сте именувани?

До овој момент преку Европравда од Република Македонија е побарана меѓународна правна помош во 15 случаи, за кои верувам дека во блиска иднина успешно ќе биде обезбедена побараната меѓународна правна помош. Исто така, верувам дека во периодот што следи и Република Македонија ќе побара помош преку Европравда во дел од кривичните постапки кои се водат кај нас и кои имаат меѓународни елементи. Во овој момент би се воздржала од именување на актуелни случаи каде најбрзо би се покажале ефектите.

Од 2008 година Европравда воспостави посилна рамка за структурна соработка во борбата против прекуграничниот криминал меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Како обвинител во СЈО од 2015 година, имавте ли можност да се уверите дали и колку таа соработка беше ефикасна досега?

За жал, како обвинител од СЈО досега во практиката не сум имала прилика да се уверам во ефикасноста на соработката преку Европравда. Сепак, во Република Македонија има позитивни примери на ефикасноста на ваквата соработка, и тоа во кривични случаи во кои обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, токму преку Европравда, реализирале успешна меѓународна соработка.

Потпишани се договори за соработка кои треба да ја откочат можноста за сигурна и ефикасна размена на судски информации и споделување на докази со Албанија, Црна Гора и со Македонија. Како оди таа соработка со другите земји во Западен Балкан?

Договорите за соработка кои Европравда ги има склучено со Албанија, Црна Гора и со Република Македонија им даваат можност на овие држави да ги користат механизмите на Европравда. Сепак, не постојат пречки земја-членка на ЕУ да побара помош од некоја од другите земји во Западен Балкан преку Европравда. Впрочем, во практиката постојат вакви случаи, а соработката се одвива преку контакт лицата на овие земји со Европравда. Што се однесува до државите со кои Европравда има склучено договори за соработка, а кои не се земји-членки на ЕУ, тие преку своите обвинители за врски можат да воспостават контакт со контакт-лицата од земјите од Западен Балкан со кои Европравда нема склучено договори за соработка, и директно - без посредство на Европравда да придонесат во реализацијата на барањата за меѓународна правна помош. 

Во контекст на модалитетите за размена на информациии, Европравда особено внимание посветува на прашањето на приватноста и заштита на личните податоци, и генерално на безбедноста на податоците. Каква е македонската институционална компатибилност со овие стандарди?

Еден од предусловите за склучување на Договор за соработка на Европравда со која било држава, е државата да ги исполнува европските стандарди за заштита на личните податоци. Во овој дел Република Македонија ги исполнува сите неопходни стандарди, како од законодавен, така и од институционален аспект.

Некои од последните анкети во 2018 година покажаа дека паѓа довербата на граѓаните во СЈО. Според Вас, на што се должи тоа - најмногу на околностите за бегството на Груевски за кои „удел“ му се припишува и на СЈО, или има и други причини? 

Лично сметам дека падот на довербата во СЈО е последица на повеќе околности од кои дел се поврзани со општествено политичките случувања во земјата, а се доведуваат во корелација со работењето на институциите на системот. Се надевам дека во периодот што следи СЈО ќе успее да ја врати довербата на граѓаните, бидејќи довербата на граѓаните во институциите е од суштинско значење за унапредување на состојбите во нашето општество.

Кој од двата предлога во однос на продолжувањето на мандатот на СЈО го сметате за подобар?

Според мое мислење, не е важно дали продолжувањето на мандатот на СЈО ќе биде регулирано со посебен закон или не. Она што сметам дека е значајно е СЈО да ја задржи автономноста и финансиската независност, бидејќи на таков начин се обезбедуваат неопходните услови за работа и се гарантира независноста во постапувањето. Исто така, се согласувам со ставовите на Јавниот обвинител на Република Македонија, дека треба да се изнајде соодветен механизам преку кој ќе се овозможи контрола на работата на СЈО.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема