Русија: Секој може да стане „странски агент“
3 декември 2019Русија ги заострува законите за медиумите. Неомилените невладини организации и медиуми, финансирани од странство, досега можеа да бидат квалификувани како „странски агенти“. По измените во Законот за медиуми и информации, кои вчера ги потпиша рускиот претседател Владимир Путин, сега за „странски агенти“ можат да бидат прогласени и одделни лица, првенствено новинари. Дојче веле ви ги претставува најважните аспекти на законските измени.
Кој може да биде погоден
Најинтересното прашање е кој всушност ќе биде погоден од новите правила. Формулата гласи: прво одредено медиумско претпријатие или невладина организација треба да биде прогласена за странски агент од страна на службите и да биде ставена на соодветна листа. Доволно е притоа медиумот или НВО да добиле и мала сума од странство. Антикорупциската фондација на опозицискиот политичар Алексеј Навални на пример беше прогласена за „странски агент“ поради приход од околу две илјади евра.
Доколку некоја медиумска куќа биде рангирана за „странски агент“, нејзините постојани вработени и хонорарни соработници имаат причина за загриженост. Но, не сите кои добиваат пари за својата работа од некој „странски агент“ стануваат истовремено и самите агенти.
„Ако некој пишува за спорт или музика, неговата соработка не крие речиси никакви ризици за тој да стигне на листата на странски агенти“, објаснува раководителот на кабинетот на Думата за информативна политика, Леонид Левин. И руските блогери засега не потпаѓаат под новиот закон. Значи, тој нема да има „директно влијание“, потенцира Левин. Така се создава впечаток за селективна примена на новите правила.
Поинаков случај е кога некој пишува „прилози за општествени или политички теми. Тогаш може да биде лошо“, вели Левин. Но, оваа изјава тој ја истакнува како „свое лично мислење“. Одлуките за секој поединечен случај ќе бидат носени во две руски министерства: за надворешни работи и за правда.
На листата на странски агенти се веќе десет медиуми и 74 невладини организации
Руското министерство за правда, според сопствени наводи, во својата евиденција води веќе 10 медиумски претпријатија како странски агенти. Во нив спаѓаат американската телевизија Гласот на Америка и повеќе претставништва на Радио слободна Европа и други. Германските медиуми, меѓу кои и Дојче веле, во Русија не се водат за „странски агенти“.
Освен споменатите медиуми, засега и 74 невладини организации се во категоријата „странски агенти“. Овие организации и медиуми подлежат на посебно остри и чести проверки и мораат самите да го воведат називот, на пример на сопствените веб страници. Во спротивно им се закануваат парични казни, па дури и затворање. За висината на казните за приватни лица уште постојат нејаснотии.
Притисокот врз „странските агенти“ и последиците
По реизборот на Владимир Путин за претседател во 2012. година, порасна и притисокот врз медиумите и невладините организации во земјата. Од оваа година невладините организации финансирани од странство, мора да се регистрираат како „странски агенти“.
Во 2017. година правилото беше проширено и врз медиумите, со повикување на американското законодавство ФАРА (Foreign Agent Registration Act). Но, рускиот пандан делумно значително се разликува од ФАРА, воведен во 1938. година: американскиот своевремно бил насочен целно против нацистичката пропаганда.
Како последица на законот, во Русија мораа да бидат затворени повеќе невладини организации. На крајот на октомври Врховниот суд врз основа на законот за странски агенти наложи затворање на реномирана организација за човекови права на активистот Лев Пномарјов.
Повеќе:
Руски противудар за медиумите од САД
Русија со заострени мерки против странските новинари
Руската Дума со нов закон за медиумите
Критичарите тврдат - „правна апсурдност“
Кратко пред третото и завршно читање на законот, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права во Советот на Европа, се обиде да го одврати рускиот парламент од донесување на измените. Тие претставуваат „сериозен удар за слободата на печатот и можностите на луѓето за слободно добивање и ширење информации“, гласеше нејзината аргументација. Во Општествената комора на Русија, совет за човекови права близок на Кремљ, чекорот беше објаснет како принуден, „со оглед на активностите на Западот“.
Михаел Федотов, до крајот на октомври претседател на Општествената комора, има напротив исклучително критички став кон донесените законски измени. „Означувањето на приватни лица за масовни медиуми е правно апсурдно“, изјави Федотов.
Андреј Шариј, директор на рускиот оддел на Радио Слободна Европа, изјави дека од руските власти ќе биде побарано појаснување околу начинот на примена на законот. „Со овој закон работењето нема да ни биде полесно“, го цитира руската новинска агенција Интерфакс.