ЕУ ги усвои санкциите за Русија
2 јуни 2022Шестиот пакет санкции против Русија на ЕУ конечно може да влезе во сила, откако е тргната и последната пречка на тој пат. Унгарија во средата повторно ги блокираше ЕУ-санкциите против Русија поради агресијата врз Украина и покрај тоа што во понеделникот беше постигнат прелиминарен договор на самитот на 27-те земји членки.
Европската комисија предложи на листата на санкционирани поединци да се најде и поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), Кирил. Тој се смета за поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, и досега отворено ја поддржуваше агресијата во своите проповеди, притоа за војната обвинувајќи ги НАТО и Западот. Кирил ги блокираше и напорите на Папата Франциско да посредува во конфликтот.
Унгарија имаше забелешки на вклучувањето на рускиот поглавар уште откако неговото име се најде на листата на ЕК на почетокот на мај, но лидерите на ЕУ не разговараа за тоа прашање за време на самитот на кој присуствуваше и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во четвртокот, дипломатите на ЕУ се согласија името на Кирил да се тргне од црната листа на ЕУ.
Тоа беше најновата во серијата пречки кои владата во Будимпешта ги постави во однос на шестиот пакет санкции кон Русија. Унгарија жестоко се спротивстави на желбата на Брисел да се ослободи од зависноста од руска нафта, и успеа да издејствува да биде изземена од забраната за увоз на руска нафта. Компромисот предвидува прекин на увозот на руска нафта по морски пат, но Унгарија, Словачка и Чешка ќе можат и понатаму да се снабдуваат преку нафтоводот Дружба.